препорачува: Кристина Леловац, актерка, изведувачка и кураторка на изведувачки уметности
Режија: Џон Касаветес (John Cassavetes)
Играат: Џина Рејнолдс, Питер Фолк, Фред Дрејпер (Gena Rowlands, Peter Falk, Fred Draper)
Времетраење: 155‘
Земја: САД
Жанр: Драма, Романса
Џина Рејнолдс (воодушевувачки!) ја игра Мејбл Лонгети (Mabel Longhetti) – понекогаш танцува боса низ градината, ги обожува своите три деца и лудо е вљубена во својот сопруг (Фолк), често е вознемирена, понекогаш скока на каучот во дневната, постојано се конфронтира со мајка си, знае да биде незгодна со гостите … во сета своја јаркост и кревкост, одважност и уплашеност, потполна безглавост и длабока сочувствителност, се обидува да го одржува својот и семејниот живот…Филмот го следи секојдневието на Мејбл непосредно пред и веднаш по нејзиниот шестмесечен престој во психијатриска клиника.
Актерката во мене го сака Касаветес зашто својата естетика ја темели на актерската игра ослободена да импровизира и „да оди до крај“, на чувстувањето чие траење и интензитет конвенционалниот холивудски кадар не може да ги поднесе. Кај него (веројатно зашто и самиот бил актер) актер(к)ите, ослободени од оневозможувачките динамики на моќ втемелени во филмската индустрија, се рамноправни чинители во творечкиот процес и имаат „многу за играње“.
Освен што ме воодушевува секој кадар, Жена под влијание (A Woman Under the Influence) по мене е важен филм зашто ја крши на најситни парчиња клишеизираната слика за „занемарената, непочитувана мајка и домаќинка“ и, поважно, клишеизираната интерпретација на женските искуства (особено на женското ментално здравје), кои западната кинематографија (на која, за жал, обично мислиме кога мислиме на филм) најчесто, ги романтизира или, најстрашно, ги патологизира.
Одолевајќи му на објетивизирачкиот и осудувачки машки поглед, Касаветес, без растеретувачко стилизирање и плитка стентименталност, ни ги открива емотивните ексцеси и маничните афекти на Мејбл како единствени можни реакции на притисокот од рестриктивните, угнетувачки улоги кои ѝ се наметнати – ќерка за пример, пожртвувана мајка, послушна сопруга, вредна домаќинка, страствена љубовница.
На овој филм задолжително треба да се потсетат филмските автори (особено локалните) кога се впуштаат во трендот на раскажување женски приказни. Раскажувањето на приказните на угнетените подразбира радикално сочувствување и подготовеност за борба со угнетувачот, особено во себеси. Сè друго е злоупотреба.