Режија: Jean-Luc Godard
Улоги: Anna Karina, Jean-Paul Belmondo, Jean-Claude Brialy
Времетраење: 83’
Земја: Франција
Жанр: мјузикл/комедија/романтика
Централното дејство во „Жената е жена“ (1961) лежи во замрсените релации помеѓу тројцата главни ликови: Анжела (Anna Karina), танчерка во стриптиз бар која тврдоглаво влегува во расправија со својот дечко Емил (Jean-Claude Brialy) бидејќи тој не сака да имаат дете и неговиот другар Алфред (Jean-Paul Belmondo) кој е лудо заљубен во Анжела.
Иако има нешто моќно во истрајноста на Анжела, вистинската еманципација и само-актуелизација ја достигнува на самиот крај на филмот, кога решава да ги преземе работите во свои раце. Преку судирот со стереотипните етикети кои им се налепени на женските субјекти во филмот (жртва, неодлучна, плачка, маж-во-обид), Анжела останува да биде жена, но на свој начин.
„Жената е жена“ е ретко приемчив филм на Годар, еден од предводниците на францускиот Нов бран, односно несвојствена комедија која ги исмејува филмските тропи на Холивудските мјузикли. Покрај тоа што е филм за предизвиците на романтичната љубов, како и секој филм на Годар, така и „Жената е жена“ е љубовен чин посветен на уметноста на правењето филмови.