препорачува: Кристина Леловац, актерка, изведувачка и кураторка на изведувачки уметности
Режија: Сара Поли (Sarah Polley)
Играат: Руни Мара, Клер Фој, Џеси Бакли, Џудит Ајви, Френсис Мек Дорманд и Бен Вишоу (Rooney Mara, Claire Foy, Jessie Buckley, Judith Ivey, Frances McDormand, Ben Whishaw)
Времетраење: 104‘
Земја: САД
Жанр: Драма
Ова е дело на лудата женска фантазија.
Во 2005 година, жените во менонитската колонија во Боливија почнаа да се будат во своите кревети крвави, со рани, модринки и болки, но без никакво сеќавање за тоа што им се случило во текот на ноќта. Духовните водачи на заедницата, нападите му ги припишуваа на ѓаволот или на „лудата женска фантазија“, сè до 2009 година, кога конечно беше откриено што навистина се случува: девет мажи од колонијата ноќе упаѓаат во домовите, дрогираат цели семејства со силни анестетици наменети за говеда и ги силуваат жените и девојчињата.
Филмот „Жените зборуваат“ (Women talking), според истоимениот роман на Мириам Теивз (Miriam Toews), е (лудо) имагинарен одговор на овие вистински настани. Собрани во амбарот за да – за само еден ден – донесет одлука дали да останат во колонијата и да се борат против угнетувачкото барање да им простат на злосторниците за да душата им оди во Рајот или да ја напуштат заедницата засекогаш оставајќи ги зад себе дури и своите синови, неколку жени од различни генерации, низ длабоко емотивен, но секогаш рамноправен и сочувстителен разговор, всушност замислуваат радикална слика за светот во кој сакаат да живеат.
Како и романот на Теивз, филмот на Поли е алегорија за женската борба за ослободување, која не е насилство ни агресија, туку движење (Always moving. Never fighting. Always moving.) и која се темели на сестринство како идеолошка определба – на засегнатост и грижа, на страдање и утеха, на плачење заедно, на смеење заедно, на наоѓање на себеси во другата, заедно со која, тој свет е можен.