препорачува Огнена Костова
Првата книга на Маргарет Атвуд, „Јадливата жена” (The Edible Woman, 1969), е длабоко феминистички роман кој се занимава со прашања околу родот, губењето на идентитетот и конзумеризмот.
Романот ја следи Меријан која во шеесеттите години на минатиот век живее во Канада заедно со својата цимерка феминистка со која никако не се разбираат. Меријан сака да биде обична жена и да стапи во брак со својот успешен дечко, но проблемите настануваат кога по нивната свршувачка таа почнува да го губи апетитот.
Меријан толку се губи во обидот да стане нечија сопруга што како што се наближува датумот на нивната свадба, така се намалува и листата со намирници што таа може да ги јаде – најпрво одбива месо, потоа јајца, а на крајот не може да изеде ни обична салата. Особено интересна е промената во наративниот глас од прво во трето лице еднина, со што Атвуд генијално покажува дека освен што Меријан го губи апетитот, таа во процесот се губи и себеси. На самиот крај, ова губење на идентитетот резултира во маестрална епизода на фигуративно канибалистичко себе-проголтување.
Тешко е да се чита „Јадливата жена” без да се почувствува опресивната култура на шеесеттите години на минатиот век според која идеалот да се биде жена значело да се биде сопруга која ќе работи само додека не се омажи. Уште потешко е сознанието дека речиси шеесет години подоцна, овие теми се сè уште релевантни бидејќи како жени продолжуваме да бидеме мета на општествениот канибалистички суд врз нашите избори. Но освен тоа, често сме и жртви на сопствениот емотивен канибализам – вкоренетата несигурност и сомнеж во себе – поради кој не си дозволуваме гордо да се носиме со нашите женски избори, независно од тоа кои и какви се.