препорачува Огнена Костова
„Ако не, тогаш зима“ (If Not, Winter, 2002) е збирка со фрагменти од песните на старогрчката поетеса Сафо, во превод на Ен Карсон. За Сафо се верува дека напишала 9 книги со песни, но денеска само една песна е зачувана во целост.
„Кога те гледам тебе, макар и само за миг, говорот ми го снемува” – Фрагмент 31. Љубовта, копнежот и еротската желба се сензуално и интимно испреплетени низ песните на Сафо. Женските искуства, лезбејската љубов, пријателствата, самотијата и времето што ни се лизнува низ рацете се дел од темите низ кои Сафо продира, а нејзините зборови умеат на најнежен начин да ги погалат моите најранливи делови, а истовремено и да ме пресечат со нож низ утробата.
Магијата во преводот на Ен Карсон е што успева да ни ја доближи Сафо на современ начин, без да го напушти духот на времето во кое таа пеела. Нејзиниот пристап во преводот е минималистички, како што и самата вели: „Сакам да верувам дека колку повеќе се тргам од патот, толку повеќе Сафо се појавува”.
Ен Карсон користи празни места и загради за да ги илустрира зборовите што недостасуваат во песните на Сафо, па така на некои страници од книгата има само по неколку зборови што лебдат во празниот бел простор. Останува на нас да одлучиме дали и колку ќе ѝ дозволиме на имагинацијата да ги пополни страниците со зборовите што недостасуваат. И покрај сите празнини, има некое утешително задоволство во сознанието дека и малкуте зборови што останале се толку интензивно убави и моќни.
некој ќе нè памети
велам
макар и во некое друго време
е мојот омилен цитат од Сафо кој денеска можам да ѝ го посветам токму на неа, повеќе од два милениуми откако го напишала.