препорачува Стефан Алијевиќ
Се работи за краток но интензивен роман кој ни го пренесува искуството од женските интернати низ Европа во повоениот период. Романот зборува за еден свет каде што владеат строги правила, за потребата од искрени пријателства, интимност и блискост, како и за мачнината на адолесценството.
Описот е главен адут кај Флер Јеги, која е родена во Швајцарија, а пишува на италијански. Јеги ни дава густа, збиена, кристална проза, што од старт ја исклучува можноста дека можеби си имаме работа со хиперпродуктивен/на автор/ка.
Во „Блажените години на казната“ (Сигмапрес, 2021), раскажувајќи во прво лице, Јеги маестрално портретира неколку женски ликови. Со оглед на временската дистанца, авторката барем делумно можеби се повикува на лични спомени или акумулирани импресии како некогашна воспитаничка која го има искусено интернатскиот живот.
Книжевните портретирања ја опфаќаат новата девојка која доаѓа во Апенцел, интернат сместен во швајцарските Алпи. Се вика Фредерик, а нејзиното презиме се преведува како расказ. „Бидејќи нејзиното име е расказ, се препуштам на мислата дека таа го диктира или го пишува, со нејзиното смеење со кое небаре казнуваше“, пишува Јеги. Фредерик е естет и филозоф. Таа го има совршениот ракопис. Со леснотија отсвирува класична композиција на божиќниот концерт и не изгледа дека громогласниот аплауз допира до нејзе. За време на прошетките по планината прави мал ноќен престап и пали мирислива цигара.
Ваквите портретирања ја вклучуваат и „Германката“, односно цимерката на нашата главна протагонистка. Таа не се сеќава на нејзиното име, а во еден миг го нарекува нејзиното присуство „оптичка појава“. Не сака да биде цимерка со Германката, но нема премногу избор. Таква е волјата на „онаа од Бразил“ односно нејзината дистанцирана мајка која праќа писма со наредби до директорката на интернатот, госпоѓа Хофштетер.
И во описите на госпоѓата Хофштетер со соочуваме со истите јазично-редуктивни решенија. Во повеќе наврати, директорката, музилски речено, е сведена на човек без својства: „Нејзините разјадени очи, пудрата и синото костимче со брош се доближија“ (стр. 32), а малку понатаму, таа е „газдарица на агенција за вдомување осамени души“ (стр. 43).
„Блажените години на казната“ е роман со исклучително богат јазик полн со замки, што претпоставувам било и своевиден предизвик во преведувањето. Но, преведувачката Ирина Талевска се чини завршила одлична работа. Сигмапрес е мала издавачка куќа, помеѓу првите независни издавачи во Р. Македонија, и со фино одбрана селекција на наслови од врвната италијанска, француска и општо земено европска книжевност. Флер Јеги е едно од повеќе имиња кај овој издавач што би требало да го задржат вниманието на читателите/ките на Медуза.