фотографии: Теодор Тасевски
10-ти јуни, среда навечер. Надвор е сѐ уште 30 степени и во градот не се дише. Веќе втора недела во тек е програмата на Skopje Pride Weekend, а јас не успеав да проследам ниту еден настан. Си се налутив на себе. Денес, си реков, по секоја цена ќе отидам на промоцијата организирана во соработка со „Култура Бета“. Навистина имав долг ден, но пасивноста на секојдневието е уште позадушувачка од жештината во градот. Па, одлучно и изморено тргнав кон „Љубов“. Сонцето полека заоѓаше, а од загреаниот асфалт сè уште испаруваше топлината. Воздухот беше застоен и тежок, доволно за да ми ги забави мислите уште пред да пристигнам. Но, штом стигнав, ме пречека една жива, весела и неочекувано разнолика група на луѓе, па добив чувство на некаква леснотија. Тивко, си го заземав местото зад мнозинството публика и дозволив да ме понесe вревата од разговори, поздрави и повторни средби.
Во фокус на промоцијата беа вториот број на списанието за општа култура „Тригер“ и Згужвани граници: Избор од современата македонска квир поезија – и двете во издание на „Култура бета“. Наместо формално претставување, дискусијата брзо и природно се насочи кон темите што ги поврзуваат текстовите и поетските дела во изданијата.
Една интересна, појдовна точка во разговорот беше прашањето од каде се родила идејата за една ваква публикација, при што се спомна регионалната антологија Rušenje četiri zida: Antologija regionalne queer poezije (2024), објавена од Хрватското друштво на писатели (HDP), каде се застапени и неколку македонски автор(к)и. Антологијата отворила едно пошироко прашање: зошто автор(к)ите чии творештва можат да се најдат во една регионална антологија на квир поезија ретко се препознаваат како дел од квир книжевноста во домашниот контекст? Дали воопшто имаме конкретна и видлива платформа за квир книжевност во нашата држава? Ова послужило како еден (но не единствен) поттик за создавањето на Згужвани граници, збирка што на едно место обединува седумнаесет македонски, современи, квир поет(ес)и.

Да се пишува отворено за квир искуства не е едноставна задача. Тоа не бара само лична одважност, туку и средина во која ваквите теми можат да бидат примени без предрасуди и отпор. Досега малку се автор(к)ите кои одлучиле експлицитно и отворено да пишуваат за квир искуствата во поезија или проза. Сепак, тоа не значи дека квир темите целосно отсуствуваат од македонската книжевност. Тие постојат, но генерално опстојуваат без таквата определба, се читаат меѓу редови и често проаѓаат со доза на дискретност на македонскиот книжевен пазар. Етикетата „квир“ неретко се одбегнува и поради конформизам на самите издавачки куќи кои стравуваат дека таквата определба може да предизвика отпор кај дел од читателската публика или да го ограничи досегот на самото дело. Особено во сегашниот општествен и политички контекст, во кој сè погласно се афирмираат конзервативни и традиционални ставови, именувањето на едно творештво како „квир“ е и те како политички, а не само книжевен чин. Како што и треба да биде.
Оттука се поставува прашањето, што е тоа што едно творештво го прави „квир“ и што всушност е квир?
Во воведниот текст за списанието „Тригер“, Марија Велинова го објаснува поимот „квир“ како сѐ што не се совпаѓа со општествените нормативи, т.е. Вели дека „бидувањето квир е небидување под режимите на нормативното“. Додека, пак, Јана Секуловска во текстот-дијалог со Теодор Тасевски, се осврнува на проблематиката околу квир лексиката во македонскиот јазик, при што како македонски еквивалент го посочува зборот настран, кој исто така упатува на тоа дека се „отстранува од нормата т.е. дејствува ‘настрана’ од неа“. Да се дефинира ваков термин кој по природа нуди голем број на интерпретации може да биде залудно. Песните во Згужвани граници го отелотворуваат, покажуваат колку различни облици може да добие едно такво постоење и творење. Прикажуваат различни искуства, чувства и гласови кои заедно сведочат за едно постоење што постојано ги надминува обидите да биде конечно именувано или ограничено со единствена дефиниција.

Додека разговорот се задржа на прашањето за јазикот, Стефан Спасовски истакна дека тој игра клучна улога во обликувањето на квир културата и искуството. Според него, јазикот е жива материја која постојано се менува, а со тоа се менуваат и начините да се именуваат и артикулираат различни искуства. На оваа тема се надоврзуваат и Јана и Тео во споменатиот текст, нагласувајќи дека развивањето на квир лексика не е само јазично, туку и културно прашање. Всушност, отсуството на одредени поими во македонскиот јазик не значи дека тие искуства не постојат, ниту дека станува збор за едноставно преземање на западна терминологија. Напротив, тоа укажува на фактот дека за овие искуства долго време не се зборувало доволно отворено, што многу говори и за општествениот контекст во кој живееме. Потребата од ваков јазик е истовремено потреба од простор во кој домашните автори ќе можат послободно да пишуваат за сопствените чувства и искуства. Во таа смисла, важно е да се заземе простор. Кога една маргинализирана заедница е ограничена во физичкиот и општествениот простор, таа создава сопствени простори на видливост и припадност преку книжевноста, уметноста и културата. Токму во тоа лежи значењето на „Тригер“ и Згужвани граници – тие нудат простор во кој квир гласовите можат да бидат слушнати, прочитани и препознаени.
Дискусијата беше проследена со поетско читање на повеќето од застапените поет(ес)и. Изведбите ме разнежнија, ме насмеаја и ми вдахнаа едно пријатно чувство на припадност. Верувам дека и останатите ја почувствуваа енергијата што зрачеше од секоја прочитана песна. А за крај, сите се журкавме на електричната Електра Блосом.
Кога конечно излегов од „Љубов“, воздухот надвор веќе беше посвеж и лесен. Или пак можеби јас сè уште бев под импресии од волшебната вечер што ја приредија „Култура Бета“ и Skopje Pride Weekend.