препорачува Стефан Алијевиќ
Првиот превод на Ани Ерно на македонски јазик е токму книгата „Девојчински спомени“ (Илика, 2024), и едноставно не смее да се пропушти! Во нејзиниот препознатлив, „хируршко-прецизен“ манир, француската нобеловка во ова дело ја реконструира годината 1958, со фокус кон настаните и доживувањата околу нејзиното прво сексуално искуство. Возрасната Ерно ја преиспитува реалноста на девојката Ани Д., топејќи временска разлика од цели педесет години, што претставува епохален авторски чин.
Искуството за кое зборува авторката гравитира помеѓу желбата и љубопитноста од една страна и траумата од друга. Ерно несебично ни ги споделува координатите на својот интимен свет, а истовремено и оние на надворешниот, светот кој ни малку не ја засега, а во кој Франција е во историска криза, во екот на Алжирската војна за независност, и каде некои нејзини познанички веќе се допишуваат со нивните момчиња пратени на фронтот.
Фронтот на Ани Ерно во далечната 1958 г. е сосема поинаков. Главното дејство се случува во летно одмаралиште, а за архитектонската реконструкција на минатото, авторката се служи со многу повеќе од лични сеќавања, па користи и зачувани дневници, писма и чкртки. Проникнува во оттуѓеното лето и низ други невообичаени потфати, па во еден миг, Ерно ги проверува во адресар имињата и презимињата на лицата од одмаралиштето и гледа нивни слики на интернет.
Нарацијата наизменично се менува меѓу прво и трето лице. Ерно се соголува низ жив говор, се гледа себеси и другите субјекти од дистанца, со извонредна јаснотија, а понекогаш и со иронија. Циклично ги нижи пред нас сликите на помладата Ани: на почетокот тоа е слика на девојка која со нетрпение и возбуда го влечка куферот на перонот, кон возот кој треба да ја одведе подалеку од родителскиот дом во Ивто, а кон крајот, повторно слика на девојка со куфер на перон, но овој пат амбиентот е доста помрачен.
Како и другите дела на нобеловката Ерно, ниту ова не можеме да го наречеме автобиографија или, пак, автофикција, и покрај тоа што прозната граѓа е токму тоа – лични спомени. Според Ерно, се работи за роман, кој живее во моментите додека се пишува, и, како што вели и самата, сите романи умираат во оној миг кога ќе бидат напишани или напуштени. „Не им завидувам на оние што пишуваат без да помислат дека после тоа би можеле веднаш да умрат“, наведува на едно место. Секако, откако ќе ја прочитате „Девојчински спомени“ ви станува повеќе од јасно дека се работи за роман кој и не може така лесно да се/ве напушти.