препорачува Елена Иванова
Сте ја слушнале ли фразата: „Ако не плаќаш за производот, ти си производот“? Една верзија на оваа фраза му се припишува на уметникот Ричард Сера, кој ја искористил за да објасни како функционира телевизијата. Денес, оваа фраза се користи за наједноставно да се долови бизнис моделот на многу од светските технолошки гиганти што ни обезбедуваат само навидум бесплатни алатки и содржини, а всушност профитираат од нашите податоци.
Доба на надзорен капитализам (The Age of Surveillance Capitalism, 2018, Shoshana Zuboff) ги сумира неколкугодишните истражувања и размислувања на авторката Шошана Зубоф, професорка на Харвардската бизнис школа. Зубоф, надоврзувајќи се на Сера, тврди дека корисниците на денешните дигитални технологии не се ни купувачи, ни клиенти, ни вработени, ни производи. Напротив, со споделување на своите информации со корпорациите, корисниците обезбедуваат еден нов вид суровина за производни и продажни процеси во еден сосема нов економски поредок наречен надзорен капитализам.
Авторката ги прикажува разните начини на кои компаниите доаѓаат до податоци (од Pokemon Go до Google Maps) и објаснува како преку манипулирање на психолошката состојба на корисниците успеваат да влијаат врз нивното однесување.
Зубоф навлегува длабоко во причините кои довеле до тоа технолошките компании да останат нерегулирани и покрај евидентната штета што ја предизвикува нивниот бизнис модел. Колку повеќе паметните уреди навлегуваат во нашето секојдневие, собираат дотолку повеќе и подетални информации, со што го намалуваат „слободниот“, ненабљудуван простор.
Компаниите што го создаваат и одржуваат надзорниот капитализам често се водени од идејата за технолошка утопија во која автоматизацијата ќе ги олесни нашите животи. Во книгата, Зубоф заклучува дека оваа утопија може да се оствари само по цена на губење на некои од најзначајните вредности за кои човештвото се изборило, како демократијата и слободата.