„Нашите жени под океанот“ (Our Wives Under the Sea, 2022) е дебитантски роман на англиската писателка Џулија Армфилд. Станува збор за приказна која на поетичен начин ги истражува длабочините на океанот и човековата загуба. Романот нè води низ настаните, релацијата и емоционалниот неспокој на главните ликови – Мири и Леа. Всушност, целата приказна ја осознаваме од двете наизменични перспективи на нашите нараторки.
Од воведните записи на Мири, ја запознаваме Леа, нејзината партнерка, чијашто работа ја носи на разни рутински, подводни експедиции со нејзината екипа. Но нејзината последна експедиција е далеку од вообичаена. Кратко по потопувањето на нивната подморница се јавува необјаснив дефект, по што губат контакт со надворешниот свет и копнената екипа. Додека со денови продолжуваат да тонат во темнината и празнината на океанот, можноста за враќање на копно полека станува сè подалечна и неостварлива. Паралелните записи на Леа нѐ навраќаат во минатото и го опишуваат нивниот ментален и материјален опстанок под водата и енигмата позади нивното патешествие. Нејзината перспектива запира со самата експедиција, односно нејзиниот глас повеќе не е присутен по враќањето на површината, со што се нагласува нејзиното сè поприсутно отсуство.
Од Мири пак дознаваме што се случува во сегашноста. После цели 6 месеци, Леа се враќа од експедицијата која требаше да трае само 3 недели. Но наместо старата Леа, онаква каква што Мири ја памети, нејзината сопруга сега е видно сменета – таа е далечна, тивка, замислена и едноставно – чудна. Не јаде, не спие, нејзиното тело покажува абнормални симптоми на некоја необјаслива состојба: крвари од забите, од кожата, лачи но и гладува по солена вода, копнее по звукот на морето… Збунета, Мири упорно бара одговори од „Центарот“ – компанијата што ја спроведува експедицијата, но залудно. Тие одбиваат да дадат конкретни и целосни одговори за она што навистина се случило и ја глават во бесмислени бирократски лавиринти за да избегнат било каква одговорност. Нејсе, Мири би требало да е пресреќна и благодарна што Леа ѝ се врати, но наместо тоа таа е збунета и исфрустрирана, не знаејќи како да продолжи со оваа „нова“ Леа ниту како да ја врати или да се опрости од „нејзината“, односно „старата“ Леа.
Вака поставен, заплетот на романот сам по себе е фантастичен и возбудлив, и како читатели нѐ наведува да бараме одговори на загатката што ни е поставена. Истовремено, заплетот е алатка низ која Армфилд зборува за реални, човечки искуства. Секако, шансите нашите партнери да се претворат во чудни водни суштества се далеку од реалистични, но тагата, неутешноста, гневот и загубата се состојби кои како луѓе сме проколнати барем еднаш да ги доживееме. Ако го занемариме фантастичниот елемент на романот, тогаш текстот се претвора во една метафора за стравот и исчекувањето на загубата што е во надоаѓање, како и последователното соочување и справување со неа и со себеси.
Уште од почетокот на романот, Мири знае дека загубата е неизбежна – таа веќе ја чувствува. Смртта на мајка ѝ го предвестува ова. И покрај тоа што нивната врска, како што дознаваме, никогаш не била длабока и особено мајчинска, тоа сознание не ја прави загубата полесна за справување. Наместо тоа, го издолжува периодот на страв и суспендирана тага и тоа е токму тоа што Мири го искусува по втор пат со Леа. Неизбежноста е важен елемент, бидејќи предизвикува емоционален застој. Мири е принудена да продолжи со секојдневниот живот, знаејќи дека крајот доаѓа. Таа гледа како трагите на „нејзината Леа“ полека избледуваат кога веќе станува извесно дека за Леа е физички невозможно да опстане живеејќи во станот покрај неа. А сепак, ниту неизбежноста на ситуацијата не ја намалува надежта. До самиот крај, Мири тврдоглаво се држи за секој знак и трошка надеж дека Леа, вистинската Леа, е тука и ќе ѝ се врати.
Tокму фантастичните елементи ги отсликуваат честите механизми за справување со загуба. Во ситуација која е толку нереална, Мири се чувствува како никој да не би ѝ поверувал ако одлучи да им се довери. Па така, таа наоѓа привремена утеха онлајн, каде ја открива страната „Нашите мажи во вселената“. Станува збор за онлајн заедница, каде корисниците измислуваат приказни за фиктивни сопрузи, најчесто астронаути, кои се изгубиле или исчезнале во вселената. Во приказните, корисничките ја заземаат улогата на жената што ги чека и обжалува и пред сѐ улогата на жената која продолжува да се надева дека еден ден сопругот ќе се врати.
Ова не е некој невообичаен феномен. Всушност, фан фикцијата е активна појава на онлајн форумите, особено меѓу девојките, жените и квир заедницата, при што креатор(к)ите си дозволуваат да стапнат во својата фантазија и индиректно да ги искусат или пребродат чувствата што таа фантазија им ги побудува, кои неретко се чувства што им се недостапни/забранети во стварноста. Мири е привлечена кон овој форум бидејќи за момент ѝ овозможува на чуден и посреден начин да ја процесира тагата и напуштеноста без целосно да ја признае сопствената ситуација. Леа е физички присутна, но емоционално недостапна – речиси како да е изгубена во некој друг свет, како океанот да е нејзината вселена. Чудно е чувството да тагуваш по нечија загуба кога тие сепак сè уште се тука.
Ако сакаме, целата приказна можеме да ја протолкуваме и како плод на имагинацијата на Мири. Болката е толку голема што таа едноставно не успева да ја вербализира, па се препушта на фантазијата за да ја прифати и процесира реалноста и конечноста на смртта. Но, кога зборуваме за загуба, не секогаш зборуваме за смрт. Понекогаш самото емотивно отсуство или пак промената на блиска личност ги носи истите чувства на празнина, тага, огорченост и упорно неприфаќање на некоја непосакувана завршница. Човечки, склони сме да ги дефинираме луѓето во нашите животи по наш шаблон. Ја проектираме нашата идеја за тоа каква личност се тие и ги товариме со нашите очекувања. Затоа често се разочаруваме кога сфаќаме дека таа идеализирана слика е фиктивна. Или, пак, со текот на времето, личноста каква што ја знаеме едноставно се менува во верзија која нам не ни се допаѓа.
Овие сознанија често ги потиснуваме со цел да ја задржиме личноста и интегритетот на врската. Потсвесно ја гледаме реалноста, но признавањето на истата значи признавање пораз. Мири се бори да го признае сопственото незадоволство. Со стиснати тупаници се држи за време кое поминало, за личност што веќе не постои никаде освен во нејзините сеќавања. Тешко е да се отпушти. Со отпуштањето на минатото, ја отпуштаме и дефиницијата за самите себеси во сегашноста, но и посакуваната верзија од иднината. Новите почетоци се студени и предизвикувачки, па одлучуваме да ја задржиме топлината на сенишните спомени. Кога загубата е конечна, се доживува како втора разделба, која е страшна, но некогаш и ослободувачка.
Овој обид да опише светот на Армфилд е само капка во морето. Приказната за подводните жени е слоевита и може да се толкува од многу агли, зависно што ставаме во фокус – интригата позади мистериозната експедиција, емоционалната турбуленција на карактерите или самата рефлексија на човековите стравови и искуства. Армфилд вешто го користи својот поетичен јазик кој маѓепсува со својатаубавина, и покрај тоа што разглобува мрачни и горчливи тематики. Таа умешно спојува контрастни елементи на суптилен хорор со нежна човечка суштина. Нејзините описи на океанот и непознатото се прекрасни и волшебни, а во исто време морничави и нелагодни, не само поради длабочините на морето, туку и поради длабочините во нас самите.