препорачува Елена Иванова
Непосредно по глобалната светска финансиска криза, професорката по социологија Eшли Миарс забележала дека повторно почнале да ѝ стигнуваат пораки од промоторите со кои излегувала додека била манекенка. Изненадена од интересот, и тргнувајќи од новото гледиште на социолог, Миарс решава да го истражи овој свет со тоа што ги поминува наредните 18 месеци излегувајќи во ноќни клубови и интервјуирајќи повеќе од 40 промотори кои работат во светските центри на ноќниот живот (Њујорк, Мајами, Кан). Како резултат на тоа истражување ќе настане книгата Многу важни личности: статусот и убавината во елитните ноќни клубови (Very Important People: Status and Beauty in the Global Party Circuit, 2020, Ashley Mears).
VIP се занимава со односите и статусните разлики меѓу различните ликови што Миарс ги среќава во ноќните клубови, од сопствениците и менаџерите, преку промоторите и моделките што ги придружуваат, па сѐ до клиентите. Ставајќи ги во преден план промоторите и моделките, Миарс ги открива комплексните врски на заемен интерес и местото на секој од ликовите во хиерархијата со извртена динамика на моќ.
Во овој уникатен екосистем на трансакција и експлоатација, атрактивноста на девојките се претвора во статусен симбол на масите на ултра богатите VIP клиенти кои плаќаат за bottle service и носат профит во клубовите. Девојките за возврат добиваат влез во овие ексклузивни клубови, оброци во скапи ресторани, понекогаш сместување на атрактивни дестинации, пристап до VIP друштво и добар провод.
Миарс прикажува како во оваа клубска економија, истовремено е престиж да се има убави девојки на маса, но срамота е да се плати за девојките; како промоторите работат и зависат од клиентите, но се платени од клубовите; како моделките се на врвот на пирамидата на посакувани гости, но одбиваат монетарна компензација за своето присуство и емотивен труд. Девојките како статусен симбол на масите на најбогатите клабери се менаџирани од промоторите кои на хиерархијата се наоѓаат само над девојките што тие ги ангажираат.
По формат нешто помеѓу академски труд и истражувачка сторија, VIP е читлива и лесна за разбирање. Анализата на Миарс го прикажува спектаклот на упадлива потрошувачка (анг. conspicuous consumption) и економијата на ноќниот живот на висока нога од еден друг агол, со непристрасност и јасност карактеристични за документарци за природниот свет и сочувство на директен учесник.
Фотографија: Ivey