препорачува Стефан Алијевиќ
„Мрачна ќерка“ е пократок роман на Елена Феранте (La Figlia Oscura, Elena Ferrante, 2006), еден од најмоќните раскажувачки гласови во современата италијанска, па и светска проза. Одличен влез во фиктивните светови на Феранте, пред да преминете кон нејзините подолги и исто толку заразни за читање дела.
Приказната во оваа навидум едноставна книга се врти околу разведената универзитетска професорка Леда, која чувствува одредено олеснување откако нејзините веќе возрасни ќерки се преселуваат кај таткото кој живее во Канада. Празниот дом е дополнителна причина за Леда да отпатува некаде, па оди сама на летен одмор.
Романов го доловува чувството на вечно лето. Низ описите често престојуваме во микросветот на плажата и морскиот пејсаж, така што ова е одличен избор на четиво за летни месеци како јули и август. Токму во таквиот жежок и летаргичен хронотоп започнува вистинска психолошка драма, со бучен медитерански шмек.
Уште во првите денови на плажа, Леда ќе ја пронајде во песокта изгубената кукла на малото девојче од соседните лежалки, со чија фамилија ќе продолжи да се среќава за време на целиот одмор. За куклата се организира тревожна потрага, како да се работи за живот или смрт – тоа е сепак омилената играчка на девојчето. Зошто главната протагонистка ја задржува куклата за себе наместо да ја врати назад е нешто за кое ни таа самата не може да понуди солиден одговор. И оттука приказната се отвора како лепеза, се шири како хармоника до последниот акорд.
Читањето на оваа книга можеби ќе направи да посакате и вам да ви се случи извонредно банална ситуација со случајни странци што ќе ги сретнете на плажа. Според романот на Феранте има и филм, „The Lost Daughter“ („Изгубената ќерка“) со Оливија Колман во главна улога. Но, сè уште избегнувам да ја проверам филмската адаптација на оваа книга. Сакам и натаму во мене да тлее задоволството од читањето на Феранте.
Романот за жал го немаме во превод на македонски јазик, но е достапен на српски: „Mračna kći” (Booka, 2021). Кој и да ја издаде книгава на македонски во иднина, нема да зажали.