препорачува Елена Василевска
„Персеполис“ е серијал на автобиографски графички романи на Марџан Сатрапи кои го прикажуваат нејзиното детство, тинејџерство и раните зрели години во Иран и Австрија, за време на Исламската револуција и по неа. За мене, „Персеполис“ е детален и интимен поглед на тоа колку бунтовноста на една жена преставува закана за патријархалното општество, а истрајноста и тврдоглавоста се карактеристики кои постојано се пречекани со незадоволство.
Романот го следи нејзиниот живот во различни стадиуми, каде гледаме како таа пробува да се пронајде во светот и истовремено на остане верна на своето иранско потекло. Таа е предмет на предрасуди, но не дозволува тоа да ја дефинира. Исламската револуција, бунтовноста, и човековите права се ставени во центарот на романот, а преку личните видувања и искуства, Сатрапи ни го доближува духот на иранскиот народ, кој и покрај сѐ, се одликува со храброст и решителност. Таа ги критикува општествените норми и расипаниот авторитет на државата кои промовираат насилство, затскриено во форма на „заштита“.
„Персеполис“ допира различни теми поврзани и со самата култура на народот и нивната религија. Сатрапи го внесува превезот, кој сѐ уште е актуелна и контроверзна тема, како предмет на дискусија уште од првото поглавје и тој се провлекува низ целиот роман. Метафорично, превезот може да ја претставува контролата на режимот врз жените во Иран, но истовремено пренесува порака дека превезите не секогаш се знак за опресија.