препорачува Огнена Костова
Поезијата на Мери Оливер е мојата терапија. Нејзините зборови се сè што сакам да читам, да чувствувам, да допирам и да живеам. Нејзините зборови допираат до сите мои емотивни пластови и ми покажуваат дека мојата ранливост е и мојата сила.
„Предадености” (Devotions, 2017) е збирка со најпознатите песни на Мери Оливер, збирка која авторката сама ја приредила, а понекогаш кога ја држам книгава во раце, само за миг замислувам како Мери Оливер седи до мене и ми објаснува зошто токму на овие нејзини песни треба да им посветам најголемо внимание.
За мене, „Предадености” е како учебник со лекции и инструкции за живеење. Мери Оливер пишува за едноставни работи: утринското будење, природата во близина на нејзиниот дом, полињата, шумите, средбите со разни диви животни, пишувањето музика, топлината на сончевите зраци и зошто е важно да бидеме присутни дури и во најмалите, минливи моменти од секојдневието, кои може да бидат наша најголема инспирација.
Во нејзините песни е испреплетен целиот спектар на човечки емоции, од себична жед да се задоволат сопствените потреби до несебична желба да се биде безусловно достапен за другите; од еуфоричната леснотија на љубовта, до неопходноста на самотијата; од нескротливиот порив за припаѓање до прифаќањето дека мора да бидеме слободни и ослободени.
Мери Оливер е веројатно единствената личност што кога во песната „Покана” ќе напише дека:
е сериозна работа
само да се биде жив
во ова ново утро
во овој скршен свет
јас успевам да ѝ поверувам.