препорачува Елена Василевска
Кога некој од мене бара да му препорачам книга, тоа секогаш ќе биде „Приказна за суштината на времето“ (A Tale For The Time Being, 2013) од Рут Озеки (Ruth Ozeki). Овој роман толку успешно ги замаглува границите помеѓу реалноста и фикцијата, што во секој даден момент читателот може да добие претстава дека чита автобиографија, и те каква.
Користејќи двојна перспектива во раскажувањето, Озеки ги испреплетува животите на 16 годишната Јапонка Нао и Канаѓанката Рут, преку дневникот кој Нао го пишува како форма на проштално писмо пред да си го одземе животот, а кој Рут го наоѓа на брегот на Канадска Колумбија како остаток од цунамито во Јапонија во 2011 година. Нао вешто раскажува за нејзиниот живот, за тоа како е да си тинејџерка која се справува со голема преселба и културен шок, булинг од врсниците, депресија и растурено семејство, како и лечење на генерациски трауми и наоѓање спас преку праксата на зен-будизмот, прикажано преку ликот на нејзината баба која била будистичка калуѓерка.
Тоа што најмногу ми остави впечаток од оваа книга е умешноста на Озеки да го направи гласот на 16 годишната тинејџерка толку автентичен и искрен, без пренагласување во обидот да докаже дека ова навистина е тинејџерка. Тинејџерките, фиктивни или не, се најчесто дефинирани преку клишеа – тие се премногу емотивни, со паметот во облаци и најголема преокупација им е симпатијата. Овој наратив преовладува во книжевноста и медиумите, а потоа се пресликува и во реалноста. Затоа ова олицетворение (макар било на хартија) на девојче кое е комплексно, кое учи да греши и учи како да навигира низ светот, за мене е чекор во правата насока, и со задоволство би читала уште вакви ликови што ги рушат стереотипите на суптилен начин.
Книгата е преведена на македонски од Ацо Пероски во издаваштво на Или Или.
Фотографија: Harpers Bazaar