препорачува Елена Василевска
„Разговори за љубовта“ (Conversations on Love, 2021) од Наташа Лун (Natasha Lunn) е колекција есеи и интервјуа што ја истражуваат љубовта во сите нејзини форми, од романтична и родителска љубов до пријателство и загуба. Уникатниот формат на книгата е прошаран со кратки, но честопати длабоко откривачки интервјуа кои се испреплетуваат со искуствата на Лун – на пример, како да се снајдете со нова љубов, како да се справите со бракот, како да пребродите спонтан абортус и како да се биде мајка и ќерка, сопруга и пријателка.
Дел од женското искуство е длабоко чувствување на емоции, непреспиени ноќи поминати во монолози со себеси, мислејќи дека тоа што го мислиме и чувствуваме е преувеличено или „драматично”. Накратко речено, дел од женското искуство е осамувачко. Затоа и посегнав по оваа колекција. „За секој што се изгубил копнеејќи,“ гласи посветата.
Уште од првата страница се почувствував како да сум вратена во реалноста: сите се чувствуваат вака, сите биле во слична позиција и ги споделуваат истите борби. Читањето на многу реални и сурови животни искуства, пропратено со тоа што тие го научиле, може да се опише како најтопла прегратка придружена со шепот кој вели „Не си сам/а“. Дури и ако некои од искуствата се езотерични, тоа сепак прави да се чувствуваме поврзани и човечки, како да не сме единствените кои ги чувствуваме овие емоции и не знаеме, но бараме начин како да се справиме со нив. Себично, ја започнав оваа книга во потрага по одговори и во обид, да ги разберам точните и погрешните начини како да пристапам кон љубовта, но на крајот извлеков многу повеќе. Исто како што Наташа Лун вели во нејзиниот заклучок: „Прашувајќи ги луѓето како да сакаат, дознав како да живеам“.