Понекогаш не е потребен исклучителен настан за животот да го промени својот правец. Понекогаш е доволен само некаков предмет, каков било, можеби купен сосема случајно: ете, некаква тетратка, некакви бели страници од кои, да речеме, извира необичен магнетизам. Забранета тетратка почнува токму така, со сосема занемарлив чин: една жена купува тетратка. Но, ќе се покаже дека во романот на Алба де Сеспедес таа тетратка е многу повеќе од предмет: пукнатина во секојдневието, таен простор во кој протагонистката првпат почнува да го открива својот глас. Во светот на Валерија, обликуван од моралните и семејните норми на повоена Италија, пишувањето се претвора во чин на нарушување: чин што создава тензија меѓу должноста и желбата, меѓу историски ситуираната симболична претстава за семејната улога и длабокото идентитетско (ре)осмислување. Од тој миг, нејзиниот живот почнува да добива поинаков тек.
Оваа врска меѓу интимниот глас и историската ситуираност на женското искуство не е случајна во делото на Де Сеспедес. Родена во Рим во 1911 година, во семејство со италијанско-кубанско потекло, таа рано се истакнува како писателка, новинарка и интелектуалка со јасно изразена антифашистичка позиција. Нејзиното дело со голема луцидност го раскажува животот на жените не како маргинална или исклучиво приватна тема, туку како простор во кој стануваат видливи длабоките тензии на општеството: бракот, мајчинството, домашната работа, комплексната сексуалност, желбата за слобода, чувството на вина и потребата жените да бидат признати не само поради тоа што го прават за другите, туку и поради тоа што се. Токму затоа, нејзиното книжевно творештво се развива на пресекот меѓу личната меморија, женската субјективност и политичката историја на дваесеттиот век. За време на Втората светска војна, преку емисијата L’Italia combatte (Италија се бори) емитувана на Радио Бари, Де Сеспедес ѝ се обраќала на италијанската јавност под псевдонимот Клоринда, претворајќи го женскиот глас во форма на отпор, сведоштво и јавна интервенција. Нејзиниот глас не носел само утеха или охрабрување во измачувачкото воено секојдневие: преку радиото таа пренесувала и кодирани пораки наменети за движењето на Отпорот и ја одржувала моралната будност на слушателите. Така, зборот пренесуван преку радиобрановите станувал двоен простор: јавен повик на солидарност и скриен канал на антифашистичка комуникација. Ова искуство е значајно и за разбирањето на нејзината книжевност: кај Де Сеспедес женскиот глас никогаш не е само приватен или исповеден, туку станува простор на свест, отпор и историско сведоштво. Токму затоа и Забранета тетратка може да се чита како продолжение на оваа авторска линија – како роман во кој тивката, скриена женска реч го разоткрива насилството на секојдневните улоги и интимниот простор го претвора во место на критичко будење.
Објавен отпрвин во продолженија меѓу 1950 и 1951 година, а потоа како книга во 1952 година, Забранета тетратка е еден од најинтензивните романи на Алба де Сеспедес. Структуриран е како дневник пишуван од Валерија Косати, сопруга и мајка, која води вообичаен живот на жена од скромната средна класа. Таа има дом, сопруг, две веќе возрасни деца, прецизни навики и секојдневни одговорности. Во очите на семејството, нејзиниот идентитет изгледа еднаш засекогаш определен: Валерија е таа што организира, се грижи, слуша, посредува, поддржува. Таа е неопходно присуство, но токму поради тоа речиси невидливо. Нејзиното постоење е признаено, пред сè, преку семејните функции што ги извршува во домот. Но, феминистичката сила на романот произлегува токму од оваа навидум обична ситуација. Де Сеспедес не прикажува исклучителна женска фигура, одвоена од секојдневниот живот, туку обична жена која полека почнува да чувствува неисполнетост и, оттука, фрустрација од улогата која ѝ е зададена. Како што напредува романот, внатрешниот судир на Валерија станува сè подлабок и поболен: таа постепено открива дека љубовта, доколку се сведе на целосно самоодрекување, може да се претвори во тивко укинување на себството. Оттаму произлегува и нејзиниот сè повознемирувачки сомнеж: дали постојаното постоење „за другите“ не значи, малку по малку, и оддалечување од сопствениот глас и од сопствените внатрешни процеси. Тетратката постепено се претвора во приватен, кревок и неопходен простор. Таа е местото каде што Валерија конечно може да каже „јас“, иако со страв, со колебање и со чувство на вина. Да се пишува значи да се одземе време од семејството, да се прекине ритамот на должноста, да се создаде тајна зона што другите не ја контролираат. Затоа тетратката е „забранета“: не затоа што уште од почетокот содржи нешто скандалозно, туку затоа што ѝ овозможува на протагонистката да ги слушне мислите што семејниот живот ги забранил, ги задушил или ги направил неискажливи.
Воведната сцена е суштинска и од уште една причина. Валерија влегува во трафика во недела и сака да купи тетратка. Продавачот, меѓутоа, најпрвин не сака да ѝ ја продаде. Причината е конкретна: во повоена Италија, за време на празнични денови била забранета продажбата на производи кои не биле неопходни. Но, во романот ова одбивање веднаш добива симболично значење. Надворешната забрана најавува подлабока забрана: онаа што тежи врз можноста една жена да има сопствен простор, сопствено време, сопствен глас.
Во таа смисла, гестот на Валерија, со која таа ја изнудува тетратката од продавачот, е мал, но радикален. Таа не купува нешто за домот, за децата или за сопругот; купува нешто за себе. И токму затоа, овој гест за Валерија е вознемирувачки. Во општество што ги воспитува жените да постојат преку грижата за другите, предмет наменет за лична употреба станува речиси опасен. Тетратката отвора пукнатина во домашниот поредок: го внесува сомнежот дека зад фигурата на мајката и сопругата постои покомплексна личност, обземена од желби, противречности и неискажани мисли.
Суштински е изборот на Де Сеспедес романот да го структурира како дневник. Оваа форма овозможува однатре да се следи процесот на преобразба на Валерија. Не сведочиме на ненадејно ослободување, ниту на херојски бунт, туку, напротив, сведоци сме на бавно, двосмислено и, честопати, болно освестување. Валерија е поделена меѓу она што го чувствува и она што мисли дека треба да го чувствува; меѓу желбата да биде слободна и стравот дека е себична; меѓу потребата да ја каже вистината и стравот од последиците. Токму оваа комплексност ја прави длабоко човечка фигура.
Феминистичката перспектива на романот се открива, меѓу другото, во радикалното преиспитување на секојдневниот живот: што се случува со една жена кога љубовта што ја добива е условена од улогата што ја исполнува, додека суптилните и сложени процеси што се одвиваат во нејзиниот внатрешен живот остануваат невидливи и занемарени? Што останува од жената кога мајчинството и бракот ја впиваат секоја педа од нејзиниот личен простор? И колку ја чини моментот кога почнува да се обмислува себеси не само како мајка или сопруга, туку како индивидуа?
Читан денес, Забранета тетратка зачувува изненадувачка актуелност. Многу историски услови се променети, но романот продолжува да им се обраќа на сите што го искусиле товарот на општествените очекувања, ја почувствувале тешкотијата да пронајдат сопствен глас, напорот да ги усогласат грижата за другите и верноста кон себеси. Судбината на Валерија нè потсетува дека угнетувањето не се појавува секогаш во очигледни или насилни облици: понекогаш минува низ навики, нежни реченици, должности што се подразбираат, мали жртви повторувани секој ден.
Алба де Сеспедес со извонредна суптилност покажува дека приватниот живот, исто така, е политичко и општествено прашање. Домот не е само интимен простор: тој е место каде што се организираат улогите на членовите од семејното јадро, се создаваат хиерархии, се создаваат простори на молк и меѓусебна зависност. Затоа дневникот на Валерија не е само исповед на една жена, туку документ на едно откритие: откритието на женска субјективност што се обидува да излезе на површина во свет кој бара таа да биде достапна, дискретна, неопходна. Оттука, да се отвори Забранета тетратка значи и да се отвори и сопствената тајна тетратка. Значи да се влезе во просторот каде што една жена почнува, можеби првпат, да се раскажува со сопствен глас. И токму тука се наоѓа трајната сила на романот: во тоа што покажува дека и најмалиот гест – да се купи тетратка, да се напише реченица, да се именува желба – може да стане почеток на длабока преобразба.
Од оваа гледна точка, Забранета тетратка нуди десублимирана претстава на мајчинството и на домашниот живот. Протагонистката не е прикажана како идеално олицетворение на женската саможртва, туку како конкретна, противречна жена, обземена од длабок умор, од желби, од чувство на вина и потреба од признание. Преку тајното пишување на дневникот, Валерија постепено открива дека пропишаната улога во семејството, која ѝ е навидум природна и со која таа, на прв поглед, живее во релативна хармонија, всушност е изградена врз одрекувања, молк и интериоризирани општествени очекувања. Така, романот ја деконструира хармоничната слика на градското среднокласно семејство – економски скромно, но обележано со граѓански вредности и конвенционални родови норми – и ѝ дава на женската субјективност вознемирен, фрагментиран, но, токму затоа, длабоко модерен глас.
Најновото издание на издавачката куќа „Илика“ е романот „Забранета тетратка“ од италијанската писателка Алба де Сеспедес. Ова е втора книгата во едицијата „Класици“ на оваа издавачка куќа. Преводот од италијански јазик е на Ирина Талевска, а лектурата на Софија Чолаковска-Поповска, додека за графичкото обликување на книгата се погрижија Ема Велковска и Марија Смилевска.
Алба де Сеспедес е кубанско-италијанска писателка родена во 1911 година. Родена е во Рим, каде што и го поминала детството. Се омажила на петнаесет години, на шеснаесет станала мајка, а на дваесет се развела од првиот сопруг. Во 1930-тите години почнала да работи како новинарка и да пишува за неколку италијански весници, а во тој период го започнува и својот политички активизам, учествувајќи во партизанскиот отпор против фашистите во Италија, но исто така започнува да ги пишува и своите први книжевни дела. Нејзините романи од овој период најчесто ги обработуваат социјални и културните проблеми во италијанското општество што довеле до сериозни политички превирања, но најчесто се раскажаним преку перспектива на женски ликови. По завршувањето на војната, Де Сеспедес ги објавува своите најпознати романи, „Нејзината страна на приказната“ (1949) и „Забранета тетратка“ (1952), а исто така го пишува сценариото за филмот „Другарки“ на Микеланџело Антониони. Во 1950-тите години книгите на Алба де Сеспедес стануваат бестселери во Италија, но на пошироката книжевна сцена таа останува релативно непозната. Повеќето од нејзините дела се преведуваат на странски јазици дури по нејзината смрт во 1997 година.