Годинава ми започна со прекрасно ново искуство на повидок: жирирање во првиот круг од петтото издание на регионалниот книжевен избор ,,Штефица Цвек“. Последниот семестар од моите студии на Општа и компаративна книжевност, каде што учев каква е и може да биде книжевноста, беше совршениот момент за да се запрашам каква сакам да биде книжевноста. Да размислам што е тоа што ми е потребно да го прочитам и напишам. Па така, за времетраењето на жирирањето, помеѓу месеците март и јуни, на репертоар за читање ми беа романи од Роберт Музил и Маргарет Јурсернар, паралелно со збирки раскази од нашите Хана Корнети и Стефан Алијевиќ. Се соочував со она што претходело и со моите претпоставки и надежи за она што ќе следи во книжевноста.
За „Штефица Цвек“ се номинираат поетски и прозни дела напишани на БХСЦ и македонски јазик, кои се феминистички, квир или поинаку општествено ангажирани. Потоа оние дела кои ги исполнуваат првичните критериуми, влегуваат во кругот на дела кои ги чита првото жири, а оние книги кои ќе ги избере првото жири продолжуваат во вториот круг и нив ги чита второто жири кое го одредува конечниот избор. Дел од овогодинешната прва жири комисија, заедно со мене, беа Емилија Љутиќ, Хана Вранац, Ања Томљеновиќ, Александра Петровиќ и Катица Максан. Читавме поделени во пар според категориите: поезија, проза и македонска книжевност. Па така, како членка на првото жири, заедно со Александра Петровиќ, ни беа доделени номинираните македонски дела издадени во текот на минатата година. Освен на ангажираноста, внимание обрнувавме и на стилот, формата, обработката на темата, регионалниот потенцијал на делото, оригиналноста и т.н. wow ефект (фактор кој воодушевува). По бројни состаноци на регионално ниво и консултации со Александра (најчесто во форма на долги преписки по мејл), од дваесет и двете македонски книги кои беа номинирани, во вториот круг од ,,Штефица Цвек“ влегоа следниве седум:
Тринаесеттиот од Лидија Димковска
Посакувам книгава да постоеше додека растев и сакам да им ја подарам на сите деца што ги знам! Романот за деца раскажува за момче на кое му наоѓаат засолниште во зградата на месеците (да, буквално, месеците низ кои минуваме годишно се антропоморфозирани и имаат своја станбена зграда), со што им се пореметува секојдневието. Овој едноставен и фантастичен наратив авторката го ползува за да отвори теми поврзани со родот, семејното насилство, загадувањето на средината, миграционите политики, транс и квир идентитетот, трансфобијата и хомофобијата, колективната грижа и одржувањето на заедница. Поради дел од тематите (погодете кои) опфатени внатре, романот, како и авторката, беа извикани и нападнати од антиродовите организации. Па, претпоставувам дека тоа е еден од начините да стане уште попопуларен, така што, фала им?!
Наназад од Стефан Алијевиќ
Во задача за на факултет пред неколку месеци напишав дека радозналоста е она што нè влече кон уметноста. Ова е соодветна книга за оние кои го делат овој сентимент. Станува збор за збирка раскази, од кои првиот дел се автофикционални. Застапените теми, како загадувањето на природата и животната средина, хомофобијата, трансфобијата, војната, малограѓанството, растењето и себеспознавањето, се обработени на интересен начин и што е најважно – задржана е нивната комплексност. Имаме увид во внатрешното доживување на светот на ликови кои со големо внимание се задржуваат на секоја нишка од навидум вообичаените нешта кои им (ни) ги нуди секојдневието.
Потклек од Љупчо Петрески
Роман во кој се обработува егзистенцијалната криза на неименувана жена која работи во хотел Македонија за време на 50-тите (и таму има впечатлива средба со мошне невообичаени гости). Уште од првата страница ме влечеше и не можев да го оставам. Ги голтав зборовите и сцените вртејќи ги страниците невообичаено брзо за самопрогласена бавна читателка. Иако кога дојдов до крајот останав гладна и не ја доживеав катарзата по која итав читајќи, сепак најважно е што романот ја разработува женската сексуалност на начин (прифатлив, а сепак со отворено навлегување во материјата) на кој не сум видела да се прави досега во македонската книжевност.
Каде леташ, Јулија? од Хана Корнети
Забавно, интелигентно, промислено, на моменти хумористично (се споменува серијата ,,Fleabag‘‘!! што е секогаш добредојдено :)). Збирка раскази во која секој расказ е почешитен[1] од претходниот. Ми остави впечаток начинот на кој е прикажано слушањето како сетилно искуство (звуците се значаен дел од наративите). Во градењето на сликите зебележливи се надреалистични елементи, со тоа што се буквализира метафоричното.Насловниот расказ особено ќе им се допадне на љубителите на филмот ,,Practical magic“.
Скршен терариум од Филипа Сара Попова
Нејзината поезија може да се опише како панк бидејќи е длабоко бунтовна. Има нешто во начинот на кој пишува што ме потсетува на дискографијата од Фиона Епл. Во секој стих има нишка што асоцира на потисната субверзивност, која се чини дека ќе избие во секој миг, но како во овој миг да е под контрола. Песните се убаво осмислени и квалитетно напишани.
Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии од Андреј Медиќ Лазаревски
Куса, но ефективна збирка поезија, која се надоврзува на авангардната традиција, а особено на дадаизмот и надреализмот, што е најмногу очигледно во начинот на кој фигурираат визуелните решенија во песните. Но за разлика од авангардата, овде стилот не е цел сам за себе, туку е во функција на општествена критика, чиј клуч за интерпретација се наоѓа кај читателот/читателката, со тоа што песните се доволно херметички отворени, т.е. затворени. Впечатлив е начинот на кој поетот се служи со иронијата и успева да го дофати колективното чувство на дел од младата генерација во град/држава која ја потиснува.
Памук од Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски
Зборот кој ми доаѓа на ум за опис на оваа илустрирана книга за деца и возрасни е: волшебно. Главниот темат е еколошки – загадувањето на планетата и како ова им влијае на животните, овде поконкретно на птиците односно штрковите. Уникатноста на стилот на илустрациите го претвора читањето во доживување.
***
Изборот ,,Штефица Цвек“ постои за да ги издвои книгите кои одат наспроти востановениот прифатен канон на создавање на книжевност. Не се залагаме за чиста естетика, туку акцентот го ставаме на општествено-политичките импликации коишто ги има одредено дело.
Меѓу номинираните дела се најдоа голем број на поетски збирки кои не ги задоволуваа критериумите: премногу невпечатлива интроспекција, а недоволно општествена критика. Од прозните дела, голем број се беа зафатиле со сериозни теми на кои не им беше посветено доволно внимание за обработката да се смета за задоволителна. Имаше неколку книги за кои беше очигледно дека намерата била напишаното да се протолкува како феминистичко или прогресивно, но во кои всушност (поради незнаење или игнорантност?) нарацијата ја следи патријархалната логика. За некои од книгите не ми беше јасно зошто се номинирани кога во нив нема никаква тематска ангажираност или експерименталност во формата.
Се надевам дека во текот на оваа (тековна) година ќе (продолжат да) се објавуваат дела кои бескомпромисно ќе го проблематизираат живеењето во нашето општество. Би сакала да се сретнам со повеќе комплексни и нијансирани ликови. Повеќе стихови во кои поетот/поетесата се соголува себеси, наместо да ги следи прописите за тоа ,,како треба да се пишува поезија“. Значи, помалку шаблони, повеќе храброст, преземање ризици и излегување од пропишаните граници. Книгите кои влегоа во вториот круг од изборот се оние кои даваат надеж за поинакво разгледување на реалноста: со нежност и разиграност, а истовремено и со голема доза на критика, зашто наративите и стиховите, како јазични креации, ја конструираат нашата реалност.
[1] чешит (придавка, дијалектен говор) – што е особен, чуден, специфичен, посебен, уникатен; само тој збор соодветно го сумира она што го мислам за расказите.