препорачува Елена Василевска
„Во куќата од соништата“ (In the Dream House, 2019) e мемоар или авто-фикција на Кармен Марија Мачадо (Carmen Maria Machado), кој на многу уникатен и радикален начин ја раскажува нејзината долгогодишна, турбулентна и токсична истополова врска. Користејќи различни наративни тропи (несигурен наратор, одбери ја твојата авантура, хорор, реификација, итн.), Мачадо ја користи својата способност да го пренесе на хартија неискажливото, најранливото и најтемното.
Преку овој мемоар, таа јасно и гласно ја пренесува пораката: истополовите љубовни врски се ништо повеќе или помалку од било која друга врска – можат да бидат најубавото нешто што ти се случило, но можат и да предизвикаат страдање. Таа ги истакнува предрасудите кои се случуваат во квир заедницата: гласни сме и сакаме да бидеме чуени, но кога се работи за психолошка и емоционална тортура внатре во заедницата, се плашиме да прозбориме?
Со секое наредно поглавје, читателот е понесен на различен емотивен тобоган, од почетокот на врската на Мачадо до горкиот крај. „Во куќата од соништата“ е моќна илустрација на различните начини на кои насилниците можат да ги обземат своите жртви, особено кога луѓето како Мачадо избираат да бидат сакани, но не сметаат дека се вредни за тоа. Тоа станува совршена подлога за жената од Куќата на соништата – насилната поранешна девојка на Мачадо – да ги сврти и искористи против неа сите несигурности.
За мене, овој мемоар е тестамент за тоа колку е важно да се зборува за личните искуства, бидејќи тоа е единствениот начин на којшто може да се избориме против табу темите. Мачадо успеа да го пронајде својот глас, но за жал, не истото може да се каже за многу квир луѓе кои се наоѓаат во слична ситуација.
Неколку поглавја од романот може на прочитате на линкот, во превод на Грација Атанасовска.