Колку и да звучи клише, штом времето ќе залади, деновите ќе се скратат, а вечерите стануваат подолги и помрачни, природно посегнувам по романи кои се мистериозни, морничави и често со натприродна тематика. Го сакам мрачниот амбиент и приказни што ме тераат да размислувам на нив долго откако ќе ја завршам книгата. Особено ме интересираат антагонистите. Обично, тие и додаваат димензија на приказната, поставуват прашања за природата на злото и нѐ поттикнуват да размислиме кои карактеристики се демонизирани, особено кога ќе ги земеме предвид општеството и периодот во кој се напишани.
Неодамна ја прочитав „Кармила“ (Carmilla, 1872) од Шеридан Ле Фанју – готска, сафична новела чијшто главен и титуларен лик е жена-вампирка, која е воедно и главна антагонистка, што особено ме заинтригира. Малку луѓе знаат дека оваа новела всушност му претходи на добропознатиот роман „Дракула“ од Брам Стокер и генерално се смета за едно од најраните и највлијателните дела во жанрот на вампирската фикција, како и за класика во прикажувањето на лезбејската страст во готската книжевност.
Приказната е релативно кратка и едноставна. Нараторката Лора е млада девојка која живее со својот татко во замок во Штаерска, Австрија, осамена и изолирана од надворешниот свет. Нејзиното секојдневие главно го исполнуваат татко ѝ, двете гувернанти и послугата, сè додека во нејзиниот живот не се појави Кармила. Лора речиси веднаш чувствува необјаснива привлечност кон неа, маѓепсана од нејзината убавина и повлечена кон неа со сила што се чини дека е надвор од нејзина контрола. Кармила отворено ја возвраќа оваа блискост, па нивниот однос постепено добива интензитет што ги надминува границите на обичното пријателство.
Како што Лора открива сѐ повеќе детали за Кармила, така и ние читател(к)ите постепено ја дознаваме вистината, односно дека Кармила е вампирка која полека ѝ ја цица крвта, а со тоа и животот. Кармила, несомнено, претставува директна закана за Лора, но истовремено ѝ нуди нешто што дотогаш ѝ недостасувало – друштво и длабока интимност. Нивниот однос е невообичаено близок, нежен и исполнет со силни чувства. Кармила отворено го изразува својот копнеж по Лора, надминувајќи ги границите на она што викторијанското општество би го сметало за прифатлива пријателска наклонетост меѓу две жени.
Лора реагира со фасцинација, но и доза на страст, збунетост и страв. Чувствува привлечност кон Кармила дури и кога сеќава дека нешто не е во ред, но како да не може целосно да се спротивстави на нејзиното влијание. Кармила отворено го изразува својот афинитет кон Лора преку прегратки, бакнежи и изјави на љубов, поради што физичкото насилство на вампирката се испреплетува со елементи на романтична наклонетост. Особено е впечатливо тоа што самата Лора за да ги опише вампирските напади понекогаш користи јазик што ја замаглува границата меѓу каснувањето и бакнежот, болката и задоволството, стравот и интимноста. Така, новелата постојано ја сопоставува нежноста со предаторството, создавајќи вознемирувачка двосмисленост во односот меѓу двете жени.
Размислував зошто Ле Фанју одлучил Кармила да ја претстави преку женски лик чии романтични и еротски тенденции се насочени кон други жени? Дали преку неа авторот настојувал да ги осуди истополовите односи или, пак, да ги отслика и преиспита општествените стравови на своето време, останува неизвесно. Во отсуство на дополнителни докази што би овозможиле со сигурност да ги утврдиме неговите намери, новелата останува отворена за различни толкувања и интерпретации кои зависат од историскиот, културниот и критичкиот контекст во кој се чита.
Во рамките на книжевната и културолошката теорија, повеќе автори ја истражуваат поврзаноста меѓу другоста и монструозноста. Во Monster Culture (Seven Theses) (1996), Џефри Џером Коен ја разгледува монструозноста како културен конструкт преку кој се изразуваат општествените стравови и се означуваат различностите како заканувачки, додека Џек Халберстам, во Skin Shows: Gothic Horror and the Technology of Monsters (1995), ја истражува поврзаноста меѓу готската монструозност, родот и сексуалноста. Овие теориски пристапи овозможуваат монструозноста да се разбере не само како вродена особина, туку и како општествена конструкција што им се припишува на оние што отстапуваат од доминантните норми, без разлика дали станува збор за расни, религиозни, родови или класни разлики. Оваа рамка нуди основа за толкување на Кармила, чијшто вампиризам може да се прочита како метафора за женската хомосексуалност. Нејзиното присуство претставува закана не само за физичката благосостојба на нејзините жртви, туку и за моралните и патријархалните структури што ги обликуваат нивните животи.
Дури и ден денеска, во конзервативните анти-ЛГБТИ дискурси, квир идентитетите често се демонизираат и се претставуваат како предаторски, како директна закана за децата и семејните вредности. Системот ги казнува квир луѓето, претставувајќи го нивното исклучување, опресија, па дури и уништување, како неопходни за заштита на некакво наводно повисоко добро: јавниот морал, општествената стабилност, традиционални вредности, верскиот поредок или безбедноста на другите. Клучниот механизам се состои во тоа што квир-идентитетот прво се конструира како закана, а потоа казнувањето се претставува како форма на заштита. Ако го отстраниме фантастичниот и натприроден елемент на приказната, и го толкуваме вампиризмот на Кармила како метафора за хомосексуалноста, тогаш таа пак е прикажана како предатор. Нејзиното влијание врз младите девојки што се придржуваат до општествените норми, го отсликува стравот дека квир-сексуалноста може да ги „расипе“. Казната на Кармила е исто така значајна доколку се толкува низ оваа призма, бидејќи „природниот“ поредок е одново воспоставен од страна на патријархалната фигура – таткото, мажот. Чудовиштето е отстрането, погрешниот пат е исправен, чистотата на жената е осветена.
Напишана пред повеќе од 150 години, „Кармила“ не е само книжевен артефакт на своето време, туку и огледало во кое може да се препознаат и одредени аспекти на современото општество. Секако, новелата може да се чита само како уште една вампирска приказна без додатно значење, но верувам дека постои подтекст кој заслужува подлабоко истражување и преиспитување. Токму оваа дополнителна димензија, меѓу другото ја прави „Кармила“ уште позначајна, надминувајќи ги границите на готската фикција и отворајќи простор за прашања што повеќе од еден век подоцна, сè уште заслужуваат внимание.
„Кармила“ е достапна на македонски јазик во издание на Чудна Шума.