(Jacques Collet / Getty Images)
Како СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, ја поздравуваме историската одлука на Белгија да им обезбеди работнички права на сексуалните работници преку договори за вработување, вклучително и права како породилно отсуство и пензиско осигурување. Ова е значаен чекор во глобалната борба за подобрување на правата и условите за работа на сексуалните работници, и претставува пример кој многу земји би можеле и треба да го следат.
Долгогодишно се залагаме за целосна декриминализација на сексуалната работа во Северна Македонија, како модел кој овозможува не само правна заштита, туку и поголема безбедност, здравствена грижа и достоинство за сите сексуални работници. Оваа одлука од Белгија уште еднаш покажува дека интегрирањето на сексуалната работа во правната и социјалната рамка може да има трансформативен ефект врз животите на сексуалните работници.
Сепак, важно е да се напомене дека оваа легислатива во Белгија се однесува исклучиво на сексуалните работници кои се регистрирани, оставајќи го нерегулираниот и скриен сектор ранлив и без заштита. За голем број сексуални работници кои работат тајно или во домашни услови, ризиците од насилство, експлоатација и дискриминација остануваат непроменети. Ова е предизвик кој и ние, како колектив, континуирано го посочуваме во нашите заложби за еднаков пристап до права и заштита за сите сексуални работници, без разлика на нивниот статус.
Веруваме дека ваквите позитивни примери како белгискиот закон можат да ја подигнат свеста и да инспирираат промени во нашето општество. Сексуалните работници во Северна Македонија и пошироко заслужуваат пристап до работнички права, правна заштита и здравствено осигурување, како и поддршка за подобрување на нивната социо-економска положба.
СТАР останува посветен на оваа борба, повикувајќи на целосна декриминализација и инклузивни политики кои ќе ги штитат сите сексуални работници, без исклучоци.
За повеќе информации за нашите заложби, посетете ја нашата веб-страница: www.starsexwork.org.