Во раниот дваесет и први век, човечкото тело стана привилегирано место на потрошувачка и трансформација. Естетските процедури како инјекции со ботокс, дермални филери и пластична хирургија веќе не се маргинални или стигматизирани практики, туку сè повеќе стануваат нормализирани елементи на секојдневниот живот. Славните личности и инфлуенсерите ги прикажуваат своите козметички подобрувања на социјалните мрежи, додека клиниките ги промовираат своите услуги како рутинско одржување, налик на посета на теретана или салон. Во овој контекст, убавината веќе не се сфаќа како дар на природата или како минлива особина на младоста – концепт зачнат во раниот модерен период – туку како технички проект на бесконечна оптимизација. Но, оваа културна нормализација отвора длабоки филозофски прашања. Што значи воспоставувањето однос кон телото, пред сè, преку неговите надворешни модификации? Што се случува со субјективноста кога телото се третира како површина што треба да се измазни, обликува и коригира, наместо како живо место на меморијата, на временскиот континуум и на внатрешен дијалог?
Телото како меморија и социјален текст
Концептот за отелотворување на Пјер Бурдје нуди интересна перспектива за испитување на културното значење на козметичките интервенции. За Бурдје, телото не е неутрална биолошка единка, туку место каде што се впишуваат историјата, културата и социјалната практика. Општествените макроструктури имаат улога во создавањето на микроструктурите на нашата субјективност, која, меѓу другото, се изразува и низ телесните практики. Нашите телесни диспозиции – начинот на кој стоиме, зборуваме и се движиме – се обликувани од социјалните структури и, за возврат, ги репродуцираат нив. Со други зборови, социјалниот свет се впишува во телото, а телото го репродуцира социјалниот свет преку практиката на отелотворување (Bourdieu 1977: 94). Гестовите, држењето на телото, па дури и изразите на лицето не се само лични особености, туку насобрани резултати на социјално обликување.
Од оваа перспектива, козметичките практики како ботокс или хируршки модификации никогаш не се само естетски избори. Тие интервенираат токму на местото каде што се одвива социјалното впишување. Брчката на лицето не е само биолошки белег на стареењето, туку физички траг на личната историја: смеа, тага, замор, издржливост. Бришењето на овие траги значи бришење на видливите белези на субјективноста, заменувајќи ја посебноста, автентичната лична историја, со стандардизирана маска – апологет на младоста. Телото престанува да сведочи за меморијата и наместо тоа станува произведена слика која, комодифицирана, станува влог во комерцијалните практики на современата медицина.
Во овој контекст, неминовно е да се посочи и испреплетувањето на патријархатот и капитализмот. Женските тела, повеќе од машките, историски функционирале како обележја на социјален престиж и како инструменти во класните проекти на мажите. Регулацијата на женската сексуалност, репродукција и изглед одамна е поврзана со консолидирањето на машкиот статус, богатство и углед. Така, женските тела стануваат не само места на лична инвестиција, туку и симболични и материјални носители на класна разлика. Козметичките интервенции, на тој начин, го одржуваат поширокиот систем на доминација, дури и кога се прават во името на индивидуален избор или ослободување. Ова бришење на отелотворената лична историја/меморија исто така ја преобликува релацијата на женскиот субјект со самиот себе. Да се потиснат знаците на проживеаното време значи да се потисне средбата со сопствената темпоралност. Линиите што некогаш поттикнувале на размислување – „стареам, издржав, живеев“ – се заменуваат со површина која го негира протокот на времето. Така, се прекинува комуникацијата на субјектот со сопствената отелотворена историја, а со тоа и можноста да се препознае улогата на времето во конституирањето на еден смисловен живот.
Бјунг-Чул Хан ги сместува ваквите практики во поширока културна состојба што, надоврзувајќи се на теоријата на Маркузе, ја нарекува „режим на позитивност“. Во нашето современо, консумеристички ориентирано општество, тврди Хан, позитивноста значи елиминација на негативноста, а еросот – искрата на привлечност и другост – не може да преживее кога Другиот е комодифициран во безбеден, предвидлив артикл од каталог (Han 2017: 15, 25). Ботоксот и филерите ја остваруваат оваа принуда на буквално ниво. Тие не само што ги кријат брчките; тие ја укинуваат визуелната негативност на стареењето, ранливоста и смртноста. Мазноста станува владејачка естетика. Како што забележува Хан на друго место: „Мазното е потпис на сегашното време“ (Han 2019: 1). Во овој естетски режим, телото мора да изгледа беспрекорно, без пори и полирано, лишено од грубите рабови кои некогаш сведочеле за индивидуалноста. Но, со укинување на негативноста, субјектот ги укинува и самите услови за длабочина. Болката, загубата и темпоралноста – оние димензии што предизвикуваат размислување и внатрешен дијалог – се исклучени од видливоста. На тој начин, стремежот кон козметичка мазност поттикнува отсуство на внатрешна комуникација. Субјектот учи да се перципира себеси не преку дијалектиката на радост и страдање, туку преку фокусирање на видливоста на она што веќе одамна е „еднодимензионална“ (Маркузе) субјективност. Идентитетот се сведува на изглед, а изгледот се стандардизира во мазна позитивност.
Притисоците за естетска усогласеност не се ограничени само на жените. Како што објаснува Деби Гинг во нејзината анализа на мажосферата, овие онлајн заедници – вклучително и инцел-форумите – функционираат според логика на „хибридна машкост“, каде што идеалите на доминација и на жртва се преплетуваат. Гинг тврди дека инцел-дискурсот често во центарот го става изгледот и го третира како судбина, претставувајќи ги одредени мажи како однапред осудени од генетиката (Ging 2019: 638–657). Тука фантазијата за ослободување ја рефлектира реториката на козметичкото усовршување што им се продава на жените. Хирургијата, имплантите и инјекциите се претставени како алатки за ослободување од биолошката неправда. Но основната претпоставка е длабоко нихилистичка: дека внатрешните квалитети – хуморот, интелигенцијата, добрината – се безначајни доколку телото не ја исполнува мерата, која најчесто е невозможна. Ова сведување, распаѓање на субјективноста во чиста површина ја одразува истата динамика што ја критикува Хан: бришењето на другоста, темпоралноста и внатрешната длабочина под режимот на позитивност.
Трагичната иронија е што инцел-заедниците, иако гласно протестираат против наводната површност на жените, ја репродуцираат и ја засилуваат истата култура на видливост. Нивната опсесија со истакнување на острите агли на лицето и хируршките корекции покажува колку длабоко неолибералните естетски норми го колонизираат себството. Внатрешниот глас се замолчува; само огледалото зборува. Инцел-културата преку т.н. looksmaxxing (оптимизација на изгледот) ја разоткрива универзалноста на оваа естетска принуда: таа не само што ги угнетува жените, туку ја преобликува и самата машкост, откривајќи една поширока културна патологија во која и двата пола се врзани за тиранијата на изгледот. Впрочем, последиците од замавот на ваквата инцел-култура се исклучително умешно претставени во неодамнешната минисерија Адолесценција. Овој филмски приказ успева однатре да ја деконструира комплексната психодинамика на субјектот-во-развој (Џејми Милер), но и да посочи на неподготвеноста на општествените институции да ги препознаат и да се справат со овие токсични феномени, кои се развиваат со исклучителна брзина, феномени кои однапред ја укинуваат можноста за каков било дијалог со себе и воспоставување на сопствениот ‘наративен’ идентитет.
Анализата на симулакрумот кај Жан Бодријар дополнително го осветлува овој процес. Во општество на симулакруми, сликите веќе не се однесуваат на реалноста, туку само на други слики. Во тој контекст, хируршки изменетото лице не е претстава на субјектот, туку симулација на идеализирана медиумска слика. Козметичкото лице – мазен производ и без контекст – ја одекнува оваа динамика: симулакрум без историја, создаден за гледачите, а не за себеси.
Медицинска етика и естетското тело
Етичките димензии на козметичките процедури одат подалеку од културната критика и влегуваат во областа на медицинската етика. Бошамп и Чилдрес во нивната студија нагласуваат четири централни принципи: почитување на автономијата, добротворење (дејствување за доброто на пациентот), незлотворење (да не се предизвикува штета) и правда (Beauchamp, Childress 2013: 13–15). Подолу, сосема накусо ќе видиме на кој начин секој од овие принципи е предизвикан со нормализацијата на естетската медицина.
Автономија. Застапниците тврдат дека пациентите слободно ги избираат козметичките процедури и на тој начин ја остваруваат својата автономија. Но автономијата бара повеќе од самостоен избор; таа бара информирано и рефлексивно одлучување. Кога културните притисоци, медиумските претстави и родово обележаните идеали силно го обликуваат „изборот“ на поединецот, автономијата ризикува да биде компромитирана. Филозофките како Кресида Хејс забележуваат дека она што изгледа како слободен избор често претставува ефект на длабоко интернализираните норми (Heyes 2007: 52).
Добротворење и незлотворење. Лекарите се должни да дејствуваат во најдобар интерес на пациентот и да избегнуваат да му нанесат штета. Иако козметичките интервенции можат привремено да донесат психолошка корист, тие носат и медицински ризици – од инфекции до долготрајни деформации – како и психолошки ризици на зависност и постојано незадоволство. Доколку процедурите ги зајакнуваат штетните самоперцепции, дали тие навистина дејствуваат за доброто на пациентот? Не станува збор за тоа пациентот/ката да се чувствува привремено подобро, туку и дали ваквите процедури автентично промовираат благосостојба.
Правда. Во пристапот до естетската медицина, покрај родот се присутни интерсекциите класа, раса и географија. Побогатите (бели) поединци, кои живеат во технолошки поразвиени општества, имаат пристап до висококвалитетна козметичка грижа, додека другите се насочуваат кон поевтини и поризични опции. Пошироко гледано, нормализацијата на ваквите процедури ги засилува нееднаквостите со воспоставување стандарди за убавина што само привилегираните можат доследно да си ги дозволат. Правдата, оттаму, бара критички преглед на тоа како естетската медицина ги продлабочува социјалните поделби.
Конечно, самата улога на лекарот е етички двосмислена. Кога хирурзите и дерматолозите профитираат од засилување на културните несигурности, тие ризикуваат да го нарушат етичкиот императив да служат на благосостојбата на пациентите. Хипократовата заповед „не нанесувај штета“ се става на тест кога медицината станува инструмент во процесот на креирање културен конформизам. Како што забележува Александра К. Глејзиер, козметичката хирургија отвора „длабоко етичко прашање за улогата на лекарите во продолжувањето или оспорувањето на угнетувачките културни норми“ (Glazier 1999: 92).
Психолошките импликации на естетската медицина се подеднакво значајни. Навидум, многу поединци пријавуваат зголемена самодоверба и задоволство по извршените козметички процедури. Но, истражувањата исто така откриваат и амбивалентност: почетното задоволство често е краткотрајно, што доведува до циклус на повторени интервенции (Heyes 2007: 64). Овој циклус го одразува отсуството на суштински и информиран дијалог и со медицинските лица, но и со себството. Наместо да поведе внатрешна рефлексија и да се соочи со стравот и нелагодата што ги предизвикуваат стареењето и ранливоста, субјектот нив ги проектира на телесната површина, во обид да ги изгони, барајќи решенија преку корекција наместо преку расудување.
Да се биде човек значи да се живее во времето
Без разлика дали во ординацијата на дерматолог или на инцел-форумите, телото денес сè повеќе се замислува како проект на корекција. Жените се поттикнуваат да ги измазнуваат челата со ботокс, да ги полнат усните со филери или да ги подигнуваат лицата преку хирургија; мажите во онлајн заедниците дебатираат за импланти на вилици, трансплантации на коса и отстранување на влакната како стратегии за looksmaxxing. Иако навидум оддалечени едни од други, овие практики делат заеднички елементи: редукција на субјективноста на чиста видливост, колапс на внатрешниот дијалог и негово претворање во проект на бесконечна оптимизација, во името на идејата за ослободување, автономија и контрола. Но, како што потсетуваат и феминистичките теоретичарки и истражувач(к)ите во полето на медицинска етика, изборите направени под постојан социјален притисок ризикуваат да станат форми на суптилна присила.
Културата на антистареење и looksmaxxing ни открива дека компулсијата да се избрише несовршеноста не е женско или машко прашање, туку заедничка состојба на неолибералната субјективност. Во овој режим, брчките, лузните и асиметриите – некогаш белези на историја и индивидуалност – се третираат како грешки кои треба да се избришат. Она што се губи не е само автентичноста, туку и кревкиот разговор со себеси што ја одржува човековата субјективност. Да се одолее на овој режим можеби значи да се реафирмира несовршеноста, не како дефект, туку како видлив траг на проживеаното време и одново да се навратиме на нашата сушност како наративни битија, сè уште во дијалог со себеси.
Библиографија:
Baudrillard, Jean. Simulacra and Simulation. Translated by Sheila Faria Glaser, University of Michigan Press, 1994.
Beauchamp, Tom L., and James F. Childress. Principles of Biomedical Ethics. 7th ed., Oxford UP, 2013.
Bordo, Susan. Unbearable Weight: Feminism, Western Culture, and the Body. University of California Press, 2003.
Bourdieu, Pierre. Outline of a Theory of Practice. Translated by Richard Nice, Cambridge UP, 1977.
Ging, Debbie. “Alphas, Betas, and Incels: Theorizing the Masculinities of the Manosphere.” Men and Masculinities, vol. 22, no. 4, 2019, pp. 638–657.
Glazier, Alexandra K. “Cosmetic Surgery and the Duty to Inform.” Journal of Clinical Ethics, vol. 10, no. 1, 1999, pp. 91–99.
Han, Byung-Chul. The Agony of Eros. Translated by Erik Butler, MIT Press, 2017.
–. Saving Beauty. Translated by Daniel Steuer, Polity, 2019.
Heyes, Cressida J. Self-Transformations: Foucault, Ethics, and Normalized Bodies. Oxford UP, 2007.
Ирина Талевска е вонредна професорка по италијанска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2005 година активно се занимава со превод на книжевни и стручни дела од италијански и од шпански јазик, како и со филмски превод. Нејзиниот интерес во пошироки рамки е во полето на науката за (италијанската) книжевност, студиите за Холокаустот, родовите студии и теоријата на преводот.