фотографии од личната архива на Ивана Чалоска
I: Вода↔кожа↔земја (локална тактилност)
Вдолж брегот на Охридското Езеро, јужно, на патот Охрид – Св. Наум, се наоѓа Пештани – рибарско село во пензија, каде што некогаш со риба се купувало брашно. Таму каде што езерските жени на белите камчиња по бреговите под Краста [1] ја отелотворувале глетката од „Билјана платно белеше“.
Во 1950-тите, за време на СФРЈ под лидерство на Јосип Броз Тито, на локалното население од Пештани под социјалистички изговори за колективност, еднаквост и „демократизација на пејзажот“, насилно и неправедно му било одземено земјиште по брегот на Охридското Езеро. Со злоупотреба на политичката моќ за „јавна благосостојба“, на одземеното земјиште, како и низа други денешни туристички гнезда околу езерото, е изграден автокампот „Градиште“. Со децении моќни приватни организации профитираат од овој изобличен пејзаж; додека, пак, локалното население од Пештани и покрај долгогодишна борба, протести и судски процеси за денационализација, не си ја добило ниту земјата назад, ниту некаква компензација.
Водејќи се по оралната историја и колективната меморија на моите предци, прадедо ми (како и сите други) ги потпишал документите за „поклонување“ на сопствената земја на СФРЈ, откако бил приведен од агенти на УДБА [2], претепан со пендреци и соочен со смртни закани по семејството. Помислувам на неговата болна, крвава, расцепена кожа – дел поради тактилната интеракција на интензивно удирање помеѓу пендрекот и човечкото ткиво, дел поради здробеното срце за одземениот пејзаж и пазарењето со езерото. Од кожата па до земјата, Пештани од спокојно рибарско село етапно било преобразено и индоктринирано во „туристичка населба“.
2025: Неизбежно многу туристи доаѓаат да си ја сончаат и натопат кожата во автокампот „Градиште“. Несвесни и рамнодушни, узурпираат и загадуваат, се издолжуваат, се растегнуваат и се преплавуваат по пејзажот: напред↔назад↔лево↔десно↔горе↔долу со приколките. Во последните години, научните истражувања предупредуваат дека колосалниот број туристи во летната сезона има критичен антропоген импакт врз еколошкиот систем на Охридското Езеро (Талевски 2018).
Со сета песимистичка наклонетост и недоверба во човештвото (не си верувам ниту себеси), не сметам дека ние (локалното население) сме морално супериорни и не гарантирам дека поумешно би го сочувале пејзажот; сите имаме себични антропоцентрични манири и еколошката несовесност е наша колективна одговорност. Но, знам дека нарушувањето на пејзажот на Охридското Езеро различно ги боли локалците од туристите, бидејќи сите имаме одреден пејзаж кој за нас значи храм, дом, припаѓање. Овој пејзаж е нашиот храм.
Кога мислам дека не нè боли исто, се присеќавам на сцената од култното аниме „Дух во школката“ на Мамору Ошии (1995) кога мајорката Мотоко Кусанаги ja расцепува својата кожа, ткивo по ткиво го раскинува своето синтетичко тело на „киборг“, обидувајќи се да ја отвори куполата од тенкот каде што ја чека трансценденција на идентитетот и постоењето. Очекувано, пожртвуваноста за еволуција е сурова, па мајорката Кусанаги го уништува архетипот на својата постоечка отелотвореност, инкарнирајќи се во идеал.
Не нè боли исто бидејќи мојата љубов кон овој пејзаж е толку длабоко впиена низ тактилните размени со длабоките сини води, што на ист начин како мајорката Кусанаги и јас би си ја расцепила кожата и телото – за езерото кое го чувствувам како свое. Не нè боли исто зашто јас би го положила моето тело врз брежните камчиња за јадачот на пејзажи да ја изгризе и мојата кожа, и моето ткиво, ако тоа значи дека моето езеро ќе преживее.

II: Рибна чорба (комеморативна тактилност)
Читајќи дека охридската пастрмка е загрозен вид во изумирање (Николов 2025), се присеќавам на детството кога кожата веројатно до коска ми мирисаше на риба: мојата антропоидна материја се испреплетуваше со рибната неантропоидна материја во задушената кујна на баба ми. Откако дедо ми се пензионира, им се приклучи на локалните рибари, па понекогаш ќе ме земеше во рибарското кајче кога одеа „на лечејне“ или „на брајне“ [3] во длабокото синило. Рибарите соработуваа со природата бидејќи езерото ги хранеше, па кога во мрежата ќе уловеа мали пастрмчиња, му ги враќаа назад на езерото за да пораснат и да ги има повеќе.
Куќата на баба ми и дедо ми беше како мала рибарска работилница, мрежи висеа насекаде, а зимно време се готвеше пастрмка секој ден. Баба ми, езерска жена израсната во рибарска фамилија, активно учествуваше во рибарството, ги чистеше и ги плетеше мрежите. Нејзината набабрена, преработена кожа секојдневно се триеше од езерските артефакти заплеткани во мрежите: реси, алги, школки, песок, риби, крлушки…
Долги години не сум ја јадела пешчанската рибна чорба на баба ми [4] ; a сепак сѐ уште можам да ја почувствувам розевата густина по ѕидовите на устата, тенките пастрмкини коски по грлото, меките текстури на јазикот и крцкавата икра помеѓу забите. Буричкајќи низ спомените од готвењето, ми се влеваат траги од притискањето помеѓу нејзината дланка, потемнетиот дрвен толчник и провидните зрнца икра – со толчењето во дрвената чинија се создаваше сок од икрата којшто ѝ додаваше незаменлив магичен шмек на рибната чорба што никогаш веќе нема да ја вкусам. Kулинарска уметност избледена низ генерациите, што поради староста и смртта на баба ми и нејзините сестри, што поради загрозените видови.

III: T’га за југ (носталгична тактилност)
Денес јас сум езерска жена која ја преживува и прожалува оддалеченоста од пејзажот на кој му припаѓа. Пејзаж чија спектакуларност ја чувствувам преку мојата кожа во нашата „споделена тактилна меморија“ [5] : болки од раните кога сум се исекла на школките по карпите во езерските води; болки во стапалата кога сум газела боса по камчињата на брегот; болки во ноздрите кога пливајќи, ми продрела вода низ носот; болки во мускулите кога сум се искачувала по ридовите на планината… Природата можеби на суптилни и вешти тактилни начини ни враќа за штетата која ја нанесуваме врз пејзажите – токму затоа припомнувањето на овие болки ми причинува необично задоволство.
Несомнено, на далечина од +10 000 км во мегаградските пејзажи на „сајберпанк“ Токио, мислите за езерски води не стивнуваат. Почнав да одам на базен, бидејќи како вистинска езерска жена пливањето е единствениот спорт што го толерирам. На моменти, обземена од носталгија, додека останатите енергични тела јурнуваат во калкулацијата на испливани метри со паметните часовници, си дозволувам неколку минути телесно пловење среде базенот. Ги затвoрам очите и замислувам длабоки сини води: тактилно-имагинарна репликација на моето езеро насекаде по мојата кожа. Телесното, инстинктивно чувство за длабоки сини води ќе ме следи насекаде. Длабоки сини води, целиот мој живот. И еден ден, при крајот, тие длабоки сини води ќе ме проголтаат: „С’нце да зајдвит, ја да умирам“ (Миладинов 1861).
Ги разнесувам наваму-натаму во папката со материјали за истражување откинатите страници весник што ги читав летоска седејќи пред езерото. Манифест со катастрофалната вистина дека на Преспанското Езеро му се заканува пресушување до 2060-та (Таневски 2025). Летоска почнав и да собирам површински отпечатоци од варовничките карпи по бреговите на Охридското Езеро и по висините на планината Галичица наѕирнувајќи го Преспанското Езеро. Дали во суштина сме толку деструктивни што еден ден само карпите ќе ни останат? Преку тактилни истражувања и дизајнерска пракса, денес се обидувам да ја стивнам оваа носталгија од која нема опоравување. Сѐ што умеам во моментов да направам за да ја зачувам интимната динамика со пејзажот на Охридското Езеро е да пронаоѓам креативни микропукнатини низ кои привремено ќе протекувам во моето езеро и ќе си го дозволам правото да зборувам и да се грижам за мојот пејзаж.

IV: „Пејзажот презема команда“ (чужџа тактилност) [6, 7]
Според гледиштето на Џејн Бенет за „витална материјалност“ [8] , кога во одредена мера ја антропоморфизираме природата (односно, ѝ придаваме човечки атрибути), и покрај ризиците од суеверие, всушност им се спротивставуваме на сопствените антропоцентрични манири бидејќи се гледаме себеси како дел од нечовечкото, а не како супериорни, индивидуализирани суштества (Бенет 2010). Оттука, понекогаш си дозволувам да ја антропоморфизирам природата низ тактилните истражувања.
Во процесот на тактилна интеракција со нечовечкото, реалноста ни се растегнува помеѓу нашето и инаквото отелотворение. Бидејќи реалноста не е сингуларна, туку заплеткано-споделена, а границата помеѓу имагинацијата и перцепцијата е тенка, реалноста е всушност надвор од рамките на човечката логика. Сметам дека нежното, бавно допирање со нечовечкото нѐ ослободува да согледаме неосвестени параметри за интеграција на сензациите што ги разменуваме со природата наместо нивно „присвојување“ како феномен на човечкото. Раслојувајќи го концептот на тактилноста како споделено искуство помеѓу човечкотo и нечовечкото, можеме да откриеме врски со природата кои допрва ќе ги доживееме и почувствуваме.
Следствено, каква ли ќе биде оваа чужџа тактилност? Тактилност која ја надминува порозната контура на човечкото. Дали течната, проѕирна, езерска материја ќе ги интегрира информациите за еколошката состојбата како седименти по кожата на постхуманистичкото? Дали пејзажот сѐ уште ќе биде само „убава глетка“ во некоја заборавена дигитална архива? Какви ли ќе се овие постхуманистички киборзи ослободени од совршеноста на „Витрувијанскиот човек“? Киборзи кои како мајорката Кусанаги ѝ се предаваат на еволуцијата, соединувајќи се со пејзажот додека крутата, рапава текстура на планинските карпи сраснува со нивната кожа и заедно се нурнуваат во тактилна размена на интелигенција.
Уште како дете, гледајќи во темнината на бујните шуми на Галичица, чувствував необичен немир, замислувајќи шумски суштества кои ме набљудуваат низ треперливите крошни. Кога пливав во длабокото синило, таму каде што дното на Охридското Езеро се губи во мракот, ме обземаше истиот немир додека замислував како езерски суштества ме повлекуваат за нозете. Среде нелагодноста и морничавоста, бев сигурна дека меѓу оваа инаквост никогаш не сум сама. Дека планината и езерото се витални сили кои истовремено можат да ме опсипaт со сензуална убавина или да ме уништат.
Забораваме, природата е секогаш таа што заповеда.

[1] Карпест предел над плажите во околината на хотелот „Десарет“, Пештани.
[2] Управата за државна безбедност на СФРЈ.
[3] Лечејне на пештански дијалект означува фрлање на рибарските мрежи во езерото, а брајне означува собирање на рибарските мрежи во езерото.
[4] Рибната чорба се подготвува на различни начини од едно до друго место околу Охридското Езеро, а во ова подрачје познати се пештанската и трпејчката. Пешчани/пешчанци/ пешчанско се често користени зборови во локалните дијалекти за нагласување на одредено пештанско обележје (во позитивна и во негативна конотација).
[5] Концепт разработен во моето истражување Потценета хаптичност (2024), каде тактилноста е метафорично претставена како „трета површина“, односно феномен којшто се генерира кога две површини (човечкото и нечовечкото) се допираат.
[6] Насловот е преземен од Софтверот презема команда на Лев Манович (2013).
[7] Чужџа на пештански дијалект значи „туѓа“.
[8] Според филозофијата на Џејн Бенет (2010), нечовечката материја којашто ја сметаме за безживотна, всушност, поседува одредена виталност и агенс.
Користена литература:
Trajce Talevski. Lake Ohrid – Current Situation and Dangers. 13th Society of Wetland Scientists Europe Chapter Meeting, Ohrid, Macedonia, April 30 – May 4, 2018.
Filip Nikolov. Lake Ohrid Faces Environmental Crisis as Endemic Trout Nears Extinction. Earth Journalism Network. 2025.
Jane Bennett. Vibrant Matter: A Political Ecology of Things. Duke University Press, 2010.
Konstantin Miladinov. T’ga za jug. 1861.
Sasho Tanevski. Zabrzano ischeznuvaat golemi kolichestva voda. Vesnik Nova Makedonija, 2025.
Ивана Чалоска е интердисциплинарна истражувачка која разработува “more-than-human”, спекулативни и критички перспективи во дизајнот. Нејзиното истражување ги става во фокус експерименталните и апстрактни параметри на човечката и нечовечката тактилност, творењето во заедништво со нечовечкото и идеологиите за „отаде-човечките“ можности. Дизајнерската пракса на Ивана дополнително вклучува графички дизајн и илустрација, каде што реализира различни концепти преку детална визуелна анализа и меланхолична естетика.