Ако кожата е текст во изработка, јазикот е втората кожа со која го допирам светот. Го користам за да се поврзам со она во мене и околу мене и за да одговорам (постојам кога сум повикана во јазикот). Вербален и невербален, мојот јазик е опачината што излегува на површина и стапува во контакт, процес што секогаш подразбира релација без јасни граници – јас сум од светот и во светот. Мојот јазик патува низ телото, гласните жици, пенкалото, копчињата на тастатурата или врвовите на палците што се бркаат по екранот. Како кожата, јазикот е порозен, се разлева низ порите на социјалното ткиво за да ги измеша своите траги со туѓите. Со секој обновен контакт, јазикот добива наставки и кодови што не се (само) мои, ги повторува, изведува и цитира и ја шири својата мрежа на комбинации и можности.
Кога бев мала, овој контакт често беше посредуван – светот ме повикуваше, но одговараше некој друг: некој што се грижеше за мене или го имаше последниот збор. Пораснав со многу ограничувања, дисциплина и контрола што не ги разбирав и пред кои мојот јазик почна да пелтечи. Бев убедена дека што и да направам и што и да кажам нема да биде доволно добро. Зборовите со кои сакав да побарам нешто, да изразам љубопитство или да се спротивставам потфрлаа. Сѐ уште, дури и во тишината, додека размислувам за она што сакам да го кажам, јазикот знае да ми ги испоти дланките, да ми го исуши грлото и да ми ги вжешти образите, зашто секое изложување ја носи можноста да бидам посрамена, надзборена или погрешно разбрана, или, пак, некого да разочарам. Стравот дека зборовите конечно ќе ме издадат. Но кожата ме издава пред било што да изговорам. Се вцрвенува од плачење, од срам, од возбуда и од анксиозност.
Јазикот си наоѓа свои начини да заобиколува, си мислам, кога се фаќам себеси како секоја реченица ја почнувам (или завршувам) со „мислам“, кога си го препрочитувам напишаното и бришам зборови како „можеби“, „понекогаш“, „веројатно“ и други тикови на несигурноста. А што можам друго, освен без изговор и решение, да се навратам и да се окуражам, да го расечам текстот за мојот автентичен глас да избие на површината. “You need to big yourself up”, ме потсетуваше менторката додека работев на магистерската теза.
Неодамна научив дека таквите заобиколувања имаат име. Во книгата со прекрасен наслов Touching Feeling (2003), квир теоретичарката Ив Сеџвик Косовски ги нарекува периперформативни искази, каде што „пери-“ претставува старогрчки префикс со значење „околу“, нешто што опколува или заобиколува нешто друго (си ги замислувам со следниве ориентири <> >< и растојанија < > <>). Наспроти перформативните искази кои на извесен начин ја актуализираат и обврзуваат стварноста и предизвикуваат нешто да се случи („Ветувам“, „Извини“, судбоносното „Да“ итн.), периперформативните искази орбитираат околу дејствието, го навестуваат, не успевајќи или делумно успевајќи да го изведат, бидејќи говорителот поради некоја причина останува на периферијата на она што сака да го изведе. Овие искази звучат како тапкање во место, иритираат со својата недоискажаност и вртење во круг. (Еден од омилените примери на Сеџвик е: „Посакував да го изговорев – тоа е сè! Сакам да не пропуштев да го кажам!“).
Сеџвик разгледува како квир луѓето и останатите маргинализирани субјекти ги користат овие искази, конкретно низ призмата на срамот како катализатор, циркулирајќи надвор од центарот на моќта – покрај, околу, кон, наспроти, обратно од – и изнаоѓајќи начин да ја изразат нелагодноста од својата изложеност. Јазикот на квир луѓето е јазик на внимателно кодирани допири, на апсорбирање туѓ срам, разочараност и гадење што го веднеат телото, телесен јазик што ја вжештува, згрчува и собира кожата. Кога преку јазикот се обидуваш да не „нагазиш“ на удобноста на другите, тоа станува речиси физички маневар. Понекогаш оваа гимнастика емотивно ме истоштува (како кога пропуштам да го споменам името на мојата партнерка во разговорите со родителите или на средбите со роднините за да ја избегнам нелагодноста; празнини што на крајот зјаат погласно од тишината), ми ги згрчува мускулите додека телото се гуши од она што тежнее да го вокализира и изживее како слободна емоција. Колку тежи тело наполнето до врв со недоречени нешта?
Сакам да верувам дека менталната и физичката гимнастика на моето тело истовремено отвораат простор за сопствени правила на игра. Наметнатиот срам не нѐ замолчува, туку прави да зборуваме настрано, да си поигруваме со молкот и да ги предизвикуваме условите на нашата видливост. Со текот на времето, во стравот, срамот и анксиозноста почнав да гледам не само ограничувања, туку и потенцијал. Хиперсвесноста од изложеност ме тера да го трансформирам срамот во енергија (на пример, да танцувам) или во естетика (експресивноста во начинот на којшто се облекувам), и најпосле во заедништво (да се препознаам меѓу неуморливите отпадници и феминистички сморови). Контактот со светот го условува јазикот, но единствено во афективната димензија и односите на тие допири, јазикот може да постои и оттаму да ја преговара стварноста. Или: Кожата е црвена тогаш кога е најжива.
Стравот што го развив од тоталитетот на јазикот – јазик што обврзува, фиксен, клинички, активен, машки, апсолутен авторитет – полека го стопија сите феминистички и квир писател(к)и, а посебно поезијата (отсекогаш сум ја сакала двосмисленоста на јазикот и тоа не само затоа што сум близнак!) и жанровските поигрувања како автотеорија и автофикција. Последниве го обединуваат интимното и телесното со дискурзивното и теоретското, но не за да се фатат во нивната стапица, туку за да градат нови, промискуитетни интерперсонални и интертекстуални мрежи на знаење и меѓузависност. Под промискуитетни мислам на промискуитетноста како етика што ги редефинира односите на грижа од најинтимното до најдалечното, инсистирајќи дека капацитетот за тоа кој може да се грижи и за што/кого е неограничен и неисклучувачки. Овие текстови во движење, во своите кружења и заобиколувања се онолку сингуларни колку што се релациски, и одново и одново го преговараат она што (не) се. И додека се прашував дали јас или зборовите сме доволно добри, најдов утеха во тоа да се пишува со отвореност кон неодреденоста и полнотијата на животот како еден однапред незавршен проект, и отвореност кон јазикот како фаличен и онолку добар колку што е поединечниот збор – сѐ зависи од неговата употреба.
Времето во кое живееме, за жал, ја злоупотребува отвореноста на јазикот. Политичарите, радикалните десничари, традиционалистите и антиродовите „агенти“ секојдневно ги празнат зборовите од значење: слобода (на говор), семејство, заштита, еманципација, грижа, солидарност… Во нивната семантика, тие стануваат карикатури, категории што исклучуваат и празни гестови. Овие актери се изземаат од одговорност со тоа што релативизираат и користат прво лице во множина за да нѐ направат соучесници во нивните лаги. Измислуваат непријатели и создаваат стравови за да нѐ стават во улога на полицајци на туѓиот морал, морално и материјално нѐ осиромашуваат за да нѐ доведат до ситуација во која ни е гајле само за оние навидум исти како нас.
А ние? Толку ја интернализиравме претпазливоста што секојдневно гледам како си го дисциплинираме јазикот при секоја размена и разговараме со посредство на минимум три „дисклејмери“: Според мене, но не мора да значи… Можеби јас грешно толкувам, но… Не тврдам ништо, само си размислувам… Во кругови каде што треба да се чувствуваме безбедно да разменуваме идеи и да бидеме трпеливи едни кон други, сѐ повеќе се плашиме да се одважиме да не случајно бидеме погрешно сфатени и екскомуницирани (canceled), се оградуваме од поставување прашања зашто можеби не сме прочитале доволно марксистичко-феминистичка / квир / анархистичка (insert the new radical) литература или не сме го усвоиле „последниот политички коректен термин“. Толку сме критички настроени, што параноично (се) читаме за да ја уловиме најмалата дамка во нашето човечко (и како такво, контрадикторно, несовршено, нестатично) досие. Наместо љубопитноста и отвореноста, од кога (моралната) чистота е дел од нашиот регистар? Оваа параноја за мене е само страв од густината и текстурата на животот.
Вистинскиот контакт по автоматизам содржи фрикција. Фрикција значи триење, некаков отпор или тензија што се јавува кога две површини ќе стапат во контакт и не можат лесно да се разминат, не „лизгаат“ една покрај друга, туку настанува конфликт, моментален застој и оневозможеност, за со извесен напор движењето да се трансформира и да продолжи, пред повторно да закочи. Покажувањето со прст, пресудувањето во туѓо име и „гетоизирањето“ на нашите борби е одбегнување фрикција, допири, текстура. Низ животот, долго време ги заобиколував конфликтите, а потоа сфатив дека тоа е така зашто воопшто не ми било дозволено да се конфронтирам. Кога растеме, нѐ учат да бидеме послушни, а кога пробуваме да бидеме свои луѓе со свои потреби, одеднаш стануваме проблематични, како што сега ме нарекува татко ми бидејќи научив да му се спротивставам. Сѐ помалку ги избегнувам конфликтите зашто во тој судир и таа вжештеност ми станува јасно колку мене и на другиот ни е гајле за нештата. И го чекам она олеснувачко празнење што го носи интензивниот контакт со другите. Затоа е важно во тоа триење да научиме да се сослушаме, да ја прифатиме непријатноста на несогласувањата и да не се откажеме при првото разминување.
Триењето не завршува со тоа што ќе се ослободиме од меѓусебната замешаност, туку со прифаќањето дека телата, идеите, идеалите и желбите за кои се бориме никогаш не се сосема наши. Нашата кожа има јавна димензија. Секој допир нѐ остава со отпечатоци, како кога се будиме со згужван образ од притисната перница; со секој допир сме малку позаглавени, како слушалките што колку и да ги отплеткуваме, следниот пат повторно ги наоѓаме заплеткани. (За тоа колку немаме трпение за фрикција сведочи и автоматизирањето на сите <<тактилни>> процеси. Попрво би се залепиле за нашите уреди, сега и безжично поврзани со нас, отколку да ја истрпиме амбивалентноста од допирот со живото, кожа на кожа.)
Јазикот/Кожата се во постојано триење со другите нешта околу нив (тела, зборови, материјали, правила, услови), па затоа наивно е да очекуваме дека светофт без отпор ќе ѝ се потчини на нашата волја. И со пишувањето е така, јазикот ѝ робува на граматиката, на имагинацијата, работи со чудна алхемија на ограничувања. А сепак тука сме: нашиот јазик, нашето отелотворено знаење возбудено изложено на туѓи допири. Тука сме, и покрај тоа што зборовите не лизгаат лесно, и покрај можноста да одекнат во празно, додека кожата ни црвенее, грлото ни се суши и дланките ни се потат. Зашто да се пишува значи љубопитно и одговорно да се одржува континуитетот на нашето одново среќавање, да се биде во фрикција без разлика на исходот.
Вовед кон книгата „Кожа“ (2025) во издание на Медуза