1.
СРАМ
Се ближи крајот на летото 2024 година. Некаде помеѓу густите редови со лежалки на една грчка плажа покрај водата седам и јас, загледана во морето пред мене, додека мојот партнер грижливо го мести чадорот за да имам пријатна сенка за читање. Се обидувам да ја прикријам неугодноста што ја чувствувам само од помислата да се соблечам и да го покажам моето тело кое изминативе месеци како да не ми припаѓа веќе, покривајќи го наталоженото сало на стомакот со актуелната лектира. Погодно за пригодата, „Срам“ од Ани Ерно. Читам невнимателно и набрзина, си помагам со текстот на корицата кој ми објаснува дека е роман за едно минато кое не сака да биде заборавено. Стигнувам блиску до крајот. Ме иритира. Нешто не ми дозволува да продолжам. Застанувам на претпоследниот пасус:
Се ближи крајот на летото ’96. Кога почнав да размислувам за овој текст, на пазарот во Сараево падна граната, усмрти повеќе десетици луѓе и повреди стотици. Во весникот некој пишуваше дека го ‘надвладеало чувство на срам’. За таквите луѓе, срамот е нешто што човекот го чувствува еден ден, а следниот не, нешто што се применува на една ситуација (Босна), а на друга не (Руанда). Крвта на пазарот во Сараево веќе одамна е заборавена.
Повторно погледнувам во морето, делумно потонато во сенката на неколку облаци. Широкото, слободно пространство пред мене станува сѐ потесно, длабочината црна и густа. Гроб. Кротките бранови залудно се обидуваат да извлечат една етикета од газиран сок закопана во песокта. Земјата постојано трепери, бидејќи гранатата сѐ уште паѓа. Минатото не може да биде заборавено бидејќи тоа никогаш не заврши. Ниту, пак, крвта во Сараево, бидејќи не престана да се пролева другаде. Срамот веќе предолго време е една од ретките константи во непостојаноста.
„Сакаш да те намачкам на грбот?“
„Не. Сакам да ме пече.“
2.
ОВА
Понекогаш заплакувам шетајќи по улици, одејќи од една точка до друга за да ги завршам работните обврски, всушност, талкајќи по навидум испланирана траекторија, во надеж дека ќе најдам рамо на кое ќе ја потпрам и онака наведнатата глава. Често не наоѓам никого, најверојатно нема да стигнам ни до банка, но по пат има еден парк со клупа во сенката на едно дрво, која се наоѓа на разумна оддалеченост од детското игралиште и ми дозволува да бидам сама меѓу луѓето. И тогаш оставам да мине низ мене. Со ширум отворени дланки ги чекам солзите да се истркалаат по лицето. Со нежни движења ги тријам солзите меѓу прстите, ги тријам меѓу дланките дури кожата потполно не ги впие. Откако ќе завршам, тргнувам кон најблискиот тревник и ги ставам дланките на земјата. Таа сѐ уште е топла. Талкајќи со погледот по нејзината површина, стигнувам до малку откриениот корен на дрвото штитеник: мојата наведната глава под неговата наведната крошна. Платен промет е до два. Денес сепак ќе стигнам.
Со месеци лакомо стојам зината да ми ја кажат големата мисла за надеж што ќе ми помогне да ја преживеам оваа гротеска од секојдневие. Наместо тоа, преживеав со едноставната формула: ова дрво, оваа клупа, овие солзи, овие дланки. Понекогаш и оние прегратки.
3.
ИНТИМНО
„Вчера баш се решив дека нема да им викам на сите дека сум добро. Вечерта морав да одам на изложба. Таму сретнав еден другар што ме праша како сум, па му реков уморна. Ми рече, СЕ ГЛЕДА.“
„Докторката ми вели: Не знам зошто ти е толку лошо од контрацептивите. Мене баш добро ми дејствуваат, ме смируваат. Не е можно да се чувствуваш така. Сѐ е до твојата глава. ДО ТВОЈОТ МОЗОК.“
„Многу ме погоди што не се појави НИТУ ЕДЕН професор од факултет. Студентите читаа говори, се рецитираа песни, се пееше. Малку бевме. Бар еден од нив да дојдеше. Но и други не дојдоа.“
„И тогаш заврши со прегледот, што многу ми олесни. Но, пак почна да ми зборува глупости. Тешко е за жени во твои години, ти си ПРЕПАМЕТНА, а тука можеш да бираш меѓу глуп, поглуп и најглуп. За да си завршиш работа, треба да си малку…“ (се насмевнува без да покаже заби и прави гест со тупаниците како да сака да си ги крене имагинарните дебели обравчиња)
„Не ми беше добро дента и отидов онаму каде што секогаш се чувствувам сигурно. Ама и таму беше ПРЕЖЕШКО. И на крај се прејадов, си отидов дома и си легнав со грижа на совест дека дента не завршив ама баш ништо.“
„Ми рече дека БРЕМЕНОСТ е решение. Ја прашав, а како е бременоста решение кога состојбата е хронична. Ми кажа да се држам до здрава исхрана.“
Се возиме до кај неа дома. Немаме веќе што да си кажеме. Паркирам и излегувам да се поздравиме. Нема никој на улицата да ја види нашата прегратка, но бар ние двете знаеме што значи таа. Патиштата ни се двојат, но во градите ни останува топлината од заедничкиот отпор кон животот кој упорно ни се наметнува, а не е наш.
4.
ЕДЕН ДЕН
Еден ден ќе се сретнеме, како бротче од хартија и лубеница што се лади во реката. Предоцна ќе стигнам, кората веќе ти е ранета од немирот на светот. Слатката срцевина веќе ја нема. Кревок и беден е мојов брод на немирниве речни води за да ја носи големината на твоето рането тело.
Еден ден бар здрава семка да најдам за да го посеам останатото од тебе на она поле потопено во сончев зрак, да го навадам со солзи и нетрпеливо да го чекам твоето ново раѓање.
Еден ден да те видам исправена во светлината од фенерите на сеќавањето, на твоите загуба, неправда и жртва. Ветрот нека го менува правецот, некој друг нека трепери на него наместо тебе.
Еден ден да се надевам дека волците никогаш повторно нема да тргнат по твојата невиност, туку намира одново ќе ја учиш. А како ава, воздухот твој. Слободно диши. Небото е чисто.
Еден ден, бар да те обжалам и да не те заборавам.
Во мојот збор, во мојот плач, во мојот гнев.
Еден ден, бар во нив, живеј.
5.
ОБЖАЛУВАЊЕ
здраво тело/ мирен ум/ мир/ чист воздух/ човечки животи/ човечки животи/ човечки животи/ животот што сакавме да го градиме пред да стане неподносливо меѓу нас/ деца/ децата кои сѐ уште не се родени/ децата кои сакавме да ги родиме и растеме заедно/ децата на кои не им дозволија да се родат/ смеа/ патување/ радост/ разговори на телефон доцна во ноќта/ порака/ пријателски совет/ заедничка борба/ мир/ човечки животи/ човечки животи/ човечки животи/ сино небо/ зима без магла/ осум часа мирен сон/ редовна плата/ утринските бакнежи/ неизгризени нокти/ тело без лузни на него/ тело без модринки на него/ живот без хронична болест/ ден без грижа/ грижа за себе/ грижа за другиот/ непрекината прошетка по тротоар/ другари и другарки/ автономија/ животот на жени/ женски труд/ часови минати во разговор/ мама/ учење/ објаснување/ домовите/ чиста почва/ храна без микропластика/ чистота/ мир/ жртва/ денови во кревет/ време за да читам/ време за да пишувам/ време за да лежам/ време за да мислам на него/ време за да мислам на неа/ мир/ пристап до живот/ нивните животи/ нашите животи/ животите насилно прекинати/ животите насилно одземени/ живот без терапија/ живот без болка/ живот без страв/ збор без страв/ бестрашност.
Есејот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).