За прв пат ми беше дијагностицирана ендометриоза на 22 години, по 7 години неиздрлживо болни менструации. Оттогаш поминав две операции, моменти на страшен револт, бес и болка, како и дополнителни проблеми со здравјето предизвикани од ендометриозата, негрижата и игнорирањето на проблемите со моето здравје од страна на докторите.
Заглавена на листа на чекање за трета операција на која треба да ми го извадат едниот јајник, навистина ми е несфатливо и дојдено преку глава од кревањето на раменици за тоа како може постојано моето здравје да се влошува последниве 13 години, а да нема никакво медицинско објаснување за тоа.
Медицината постојано напредува, ама не доволно брзо за здравствените проблеми на жените.
Ендометриоза е хронична болест во која ткиво слично на внатрешната обвивка на матката почнува да расте надвор од неа. Може да се појави при првиот менструален циклус и да трае до менопауза. Симптомите, меѓу другото, вклучуваат неописливо ужасни болки, обилни крварења, умор, вртоглавици, повраќање и неплодност. Бидејќи ги засега и хормоните, болеста предизвикува и промени во расположението, а во некои случаи води и до депресија и суицидалност. Како што пишува Филипа Сара Попова во одлично разработениот текст на оваа тема, ендометриозата различно се манифестира кај секоја жена. Некои се соочуваат со најлошите можни симптоми кои им го нарушуваат секојдневниот живот и прилично силно им удираат по џебот, а други можат „да поминат“ само со тежок ПМС, промени во расположение и повремени болки. Но, најлошото е што за оваа болест нема официјален лек, а не се знаат ниту причините за нејзиното настанување.
Третманот за ендометриоза сè уште вклучува хормонска терапија, конзервативна хирургија или наводно забременување, а последново е тотална небулоза за многу жени. Сè уште првото прашање кај сите гинеколози што сум била е дали имаш дете или дали планираш бременост. Всушност и првата операција на 22 години беше баш поради тоа јајниците да можат непречено да ми функционираат за да можам да родам во иднина, а во меѓувреме да си пијам хормонска терапија, која не е нималку наивна и без последици. Згора на тоа хормонската терапија ме чинеше по 600 денари во месецот (сега е поскапа), и сè уште не е на позитивната листа на лекови иако им се препишува од страна на гинеколози на жените и девојките кои се соочуваат со разни проблеми со репродуктивно здравје.
По повод месецот на менструално здравје и хигиена, сакам да нагласам дека здравствените состојби специфични за жените добиваат само 1% од глобалното финансирање за истражување. И покрај тоа што жените имаат подолг животен век од мажите тие поминуваат 25% повеќе од својот живот во лошо здравје.
Според истражувања на СЗО, 10% од жените (околу 190 милиони) страдаат само од ендометриоза. Иако кај нас недостасуваат статистки на ниво на држава, околу мене можам да набројам десет жени кои се соочуваат со оваа хронична болест. И погодете што? Скоро сите од своите гинеколози го добиле истиот одговор за својата мака: „Треба да родиш“.
Кога јас ќе им кажам на моите гинеколози дека сум родила и оттогаш уште два пати ми се појавиле ендометриозни цисти, тогаш го добивам оној поглед на збунетост и незнаење бидејќи единствениот „лек“ кај мене не успеал. Повторно прашањето за менструалното и женско здравје се сведува на биологијата и репродуктивниот систем на жената, а болката и неможноста да се извршуваат и најобичните активности во денот (како станување од кревет) поради многуте симптоми кои доаѓаат со болеста се игнорирани и фрлени на маргините. Влошувањето на менталното здравје, исрцпеноста, неизвесноста и стравот како и физичките симптоми се оставени да чекаат некое подобро време кога медицинските лица конечно ќе почнат да обрнуваат внимание и повеќе ќе се заангажираат да дознаат што се случува со женското тело. „Женските“ болести историски се занемарувани во медицината. Истражувањата за ендометриоза се ограничени, а сè уште единствениот начин на дефинитивно дијагностицирање на ендометриозата е лапароскопија.
Дополнително, јазот во здравјето на жените е еднаков на 75 милиони години живот изгубени поради лошо здравје или рана смрт секоја година. Намалувањето на јазот ќе им даде на 3,9 милијарди жени во светот дополнителни седум денови годишно.
Единствена позитивна новост за лекување на еднометриозата оваа година доаѓа од Англија, а тоа е дека е одобрена за употреба дневна пилула од Националниот сервис за здравје на Обединетото Кралство. Оваа пилула би можела да им помогне на илјадници жени во Англија кои секоја година ги преживуваат симптомите на оваа исцрпувачка болест.
И покрај сè за мене постои една светла точка откако почнав да ја споделувам мојата борба со ендометриозата, а тоа е дека не сум сама. Имам заедница и поддршка, а сè повеќе слушам и гледам жени околу мене кои се охрабруваат да зборуваат отворено за проблемите со своето здравје. Тие покажуваат разбирање и почнуваат да го уважуваат својот глас и својата болка иако биле растени со наративот дека менструалната болка и страдањето се нормален дел од животот и дека треба да се навикнат на тоа само затоа што се жени.
Благодарна сум за таа заедница која понекогаш е единствената потпора дека моите симптоми не се само во мојата глава или резултат на мојата анксиозност. Во заедницата на луѓе со кои меѓусебно се разбираме и вистински се слушаме ја гледам силата на солидарноста и силата за системски промени кои неизбежно и итно ни се потребни.