Кога првпат ќе ме сретнеш и ќе ме погледнеш во очи, можеби една од работите кои инстантно ќе ги забележиш на мене е лузната над десната веѓа, која исто и тебе намуртено те гледа назад. Некогаш знам да ја заборавам, сѐ додека некој што првпат ме запознава не ме праша: Од каде ти е лузната?
Нема што многу да се каже: приказната е едноставна, а сепак во мене останала како мит. Тригодишно девојче, со куклата Дарио во рака се обидува да ги имитира своите татко и дедо во нивниот интимен машки ритуал – бричењето. Не сум сигурна дека се сеќавам, но некаде во мистериозните канали на меморијата ми се провлекува идејата дека прво сум ја бричела Дарио, а потоа со тешкиот жилет сум пробувала на сопствената кожа: сум поминала по телото и сум застанала на челото каде што сум го направила најдлабокиот пресек.
Знаејќи го ентериерот на нашето тогашно купатило, веројатно сум се гледала во огледало. И претпоставувам дека тоа мало тригодишно девојче воопшто не било исплашено кога од белото лице почнало да извира крв. Барем не како баба ми, која влезе и ме најде додека храбро сум ја гледала во очи со црвената река на себе и сум ѝ кажала: „Бабо, јас се бричев“. Стравот го носеле возрасните.
Но она што ми е најјасно, и можеби е моето прво вистинско сеќавање, е една сцена по сечењето. Во мојата глава сè тоа изгледаше како сцена од филм на Вес Андерсон, симетрично распоредено од двете мои страни, додека јас стојам во центарот пред испаничените лица на баба и дедо: едно мало кревко тело на кое се обидуваат да му ја сопрат крвта да се слева по ликот. До мене кротко си седеше куклата Дарио. И тогаш, татко ми ја отвора влезната врата. Сонцето од зад него влегува во ходникот. Сè застанува. Темнина. Тишина. Сцената се стопува и исчезнува во секојдневието. Возрасната јас си продолжува со денот.
Кога денес разговараме со моите за оваа случка, немаме многу што да си кажеме. Детска игра која ми оставила лузна. Се навраќам на стари слики од тој период и забележувам дека на челото сум имала шишки, исто како денес, во моите рани триесетти. Сега по првпат почнувам длабоко да размислувам за овој дел од моето детство и за годините на кои едвај се сеќавам, во кои не сум сигурна ни дали сум постоела или само овој дух на Кристина, на Крис, решил да се всели во тоа мало девојче кое било често исплашено од светот, но не и од тешкиот и насилен жилет.
Со влегувањето на баба ми во купатилото, се нарушува мојот интимен момент, кој наеднаш станува срамен: јас и куклата Дарио сакавме да си играме улоги. Лузната, во овој случај, преминува во нешто повеќе од случајност. Детството е период на наивност, но и период на првите обиди за преобразба, на желбата да ги примиш ритуалите на возрасните.
Растејќи како девојка, заборавав на овој момент, најверојатно затоа што во тинејџерството ситните акни на кожата повеќе ме нервираа и ми го одвлекуваа вниманието. Кожата брзо ми се исчисти од адолесцентските акни и површно изгледаше сосема во ред, но мојата анксиозност поврзана со текстурата на лицето иманентно се провлекува.
Кога на факултет учевме за Фројд и за екранските сеќавања, се потсетив на лузната. Идејата на Фројд е дека малите, банални слики на кои се сеќаваме од детството, како играта со жилетот, често ја прикриваат вистинската траума или желба. Мојата кожа е токму таков екран. Можеби детето што се сече со жилет е дете што сака да влезе во светот на возрасните, но останува заробено во сопствениот огледален одраз. Размислувам дали сум била премногу љубопитна или премногу храбра во таа наивна повторливост на ритуалот од татко ми и дедо ми. Иако не ги знам вистинските причини зошто со Дарио сме си играле со жилетот, претпоставувам дека тоа сум го видела од нив. Инсистирав да ги имитирам и поради тоа бев казнета. Бев главната хероина во сказните која нема да го послуша мудриот совет на повозрасните или ќе се покаже неподготвена за главната иницијација. Неспремна Црвенкапа/Снежана/Пепелашка која предвреме си игра играчки со предмети што не се за неа.
Можеби играта со жилетот била игра со моето тело, или она што Жорж Батај во Еротизам го наведува како „заканувачка слобода“ (Батај 2018: 97). Тоа било првпат од профаното да навлезам во сакралното, да ги жртвувам своето тело и куклата Дарио во име на, за мене, забранетиот ритуал: „Профаниот свет е свет на забраните. Сакралниот свет е отворен за ограничени престапи. Тоа е светот на празнувањата, владетелите и боговите“ (Батај 2018: 69). Понатаму, објаснувајќи го концептот на сакралното, Батај наведува дека човекот е распнат меѓу два порива: поривот на стравот и поривот на привлечноста. Излегувајќи како тригодишно девојче од секојдневието на ограничувањата и забранувањата, сум барала одговор од објектите: што можете да ми понудите вие, забранети предмети во мојот дом, освен немо и тапо постоење? “Curiosity killed the cat”, секогаш ми повторуваше татко ми.
Ако ме видиш денес, ќе знаеш дека оние ритуали штотрадиционално се сметале за „машки“ веќе и не ме интересираат: долга и руса коса, традиционално женствена облека, “straight passing“. Во овој период од животот мојот свет е речиси целосно женски. Деновите ми минуваат во разговори со жени, во учење покрај нив и од нив, на работа со нив, во таа постојана размена на погледи и мисли што ме обликуваат и смируваат. Како да живеам во еден невидлив круг, тивка мрежа на блискост што се создава меѓу нас: во шепоти, во споделени умори, во смеа што знае да се пролее дури и кога сме најраспарчени. Денес, само жените се оние што најнежно го допираат мојот интимен простор, оние до кои се приближувам без страв и кај кои повторно ја наоѓам смислата на заедничкото.
Со моите другарки и жени, како да ја делиме истата кожа: споделена површина на која се набројуваат лузни, брчки, исечоци и тетоважи. И си ги славиме меѓу себе како највисок степен на љубовта и почитта што ја чувствуваме една за друга. Во есејот „Хипербола на сеќавањето“, Јулија Кристева навестува автобиографија во прво лице во множина: „Едно ние на сочувство, пријателство, љубов“. Обидувајќи се да остави запис, извештај или шема (инспирирана е од читањето на Симон де Бовоар, за која смета дека не е достојно вреднувана како хроничарка), Кристева сепак е свесна дека ова хиперболично „ние“ е само дел од „мене“ (Кристева, 9).
Иако пишувам за кожата како едно од нештата што нѐ поврзува нас жените и врз кое ја испишуваме нашата колективна историја, сепак, секоја од нас си ја носи сопствената површина. Со другарките постојано се гледаме одблиску, си го покажуваме лицето, правиме проверка, бараме тие да ни кажат дали го гледаат истото што го мислиме и од кое се плашиме: знаци дека сме смртни жени.
Затоа што каква и да е, кожата секогаш е видлива, секогаш е во погледот на Другиот. Во играта на профаното и сакралното, кожата е нашата прва граница и нашата прва приказна. Површина на впишување, место каде телото ја бележи историјата, без да праша дали сме подготвени за тоа. Секоја година мојата кожа станува сè поизразена, како релјеф на кој се натрупуваат слоеви. Моето тело денес носи уште една лузна: мал рез до папокот, белег од кратка операција. За разлика од првата, детска и наивна, оваа е медицинска, клиничка. Но и таа ја споделува истата вистина: кожата се сеќава дури и кога јас сакам да заборавам.
Овие два белега, оддалечени по време и по смисла, се надоврзуваат како два паравани. Едната лузна ја прикрива наивната детска храброст, другата ја открива ранливоста на возрасниот организам.
Лузната како сведоштво никогаш не е случајна. И пишувањето е такво сведоштво: за времето што поминало, за телото што се обидело да преживее, за емоцијата што не можела да остане немо издржана. Ако раната е почеток, тогаш пишувањето е нејзиното продолжување што ѝ дозволува да се претвори во трага што може да биде прочитана.
Користена литература:
Батај, Ж. (2018). Еротизам [преведено од француски од Владимир Мартиновски]. Скопје: Артконект (Оригинал: L’Érotisme, 1957).
Кристева, Ј. (2025). Токати и фуги за другоста (зборник текстови). Скопје: Темплум.
Текстот е изворно објавен во нашата годишна публикација на есеи – „К О Ж А“ (2026)