Последниве години сè повеќе сум фасцинирана од дрвјата, како многу важни референтни точки на моето окружување и постоење. Огромниот даб кај малата раскрсница и тобакото во Влае, џиновската дудинка на кејот на Вардар во Хром, крошните на тополите покрај фабриката „Хром“, малата цреша во нашиот двор, накривената праска во дворот на соседите, дуњата што ја исекоа на 20.октомври во центар, хибискусот на татко ми, мојата млада мандарина што ја гледам како се развива секој ден.
Дрвјата се растенија што живеат долго, некои живеат и илјадници години, најстарите дрвја на светот се тука околу 5000 години. Често се метафора за животот и развојот, особено за индивидуалниот развој на човекот или семејните или други системи. Благодарение на научничката Сузан Симард (Suzanne Simard), и други научници кои даваат увид во „социјалниот“ живот на дрвјата и другите растенија и организми во шумите, можеме подобро да ги разбереме и осознаеме животите на дрвјата и сложените системи на поврзаност. Тие зборуваат за микоризната мрежа што претставува нераскинлива симбиотичка врска помеѓу дрвјата, габите и другите организми со кои го споделуваат и населуваат екосистемот. Наспроти традиционалната еволуционистичка теза за компетитивност во растителниот свет (но не со намера да се отфрли), овие истражувања и факти ја дополнуваат сликата за животот на дрвјата, откривајќи ја важноста на поврзувањето и комплексниот систем на интеракции – размена, реципроцитет и соработка што овозможува опстојување на поголемиот систем. Во книгата „Скриениот живот на дрвјата“, Питер Вохлебен (Peter Wohlleben) раскажува за бројните откритија поврзани со овие процеси, на пример, како крошните на дрвјата се развиваат така што не ја спречуваат светлината до соседните дрвја, развиваат гранки што не се толку густи или продолжуваат да ги хранат паднатите дрвја преку габите во почвата. Дрвјата што растат самостојно се изложени на повеќе ризици и поголема шанса да не доживеат долговечност, за разлика од дрвјата што растат во шуми во кои се поврзани и разменуваат вода и хранливи материи во екосистемот.
За мене дрвјата претставуваат симбол на стабилност, истрајност и мудрост. Елементот на стабилност и постојаност придонесува кон регулирање на динамиката во системите, слично како што цикличните промени воведуваат ред и стабилност во динамичките процеси во природата. Ненадејните промени, од друга страна, ја придвижуваат хаотичната динамика која ја забрзува ентропијата.
Но, зошто стабилноста ми станува толку важна?
Ова особено ме збунуваше затоа што порано асоцијацијата за стабилност за мене имала конотација на статичност, ригидност, конзервативност, нешта што се спротивни на развојот, слободата, возбудата и во таа смисла ми биле многу непосакувани. Можеби мојот средовечен умор, или поточно исцрпеност, и речиси половина век поминат во ненадејни промени и кризи (развојни, емоционални, социјални, економски, политички, здравствени, климатски) ми прават да се загледувам во точките на стабилност, на издржливост и извесност, па дрвјата се издвојуваат како важен симбол.
Стабилноста е клучен услов за основното чувство на сигурност што, пак, овозможува желбата да биде гориво за исполнет и значаен живот, можност за надминување себеси. Ако нема стабилност и поддршка, желбата наместо во реализација може да се заплетка во различни кругови на анксиозност, што го стеснува просторот за дишење и какви било движење и промена.
Сигурноста и стабилноста може да се поврзат со концептот на основа (база) што во гешталт-психологијата произлегува од принципот на перцепција фигура/позадина. Според овој принцип, не може да има добра целина доколку нема добра основа. Во таа смисла, минимум стабилност во полето (лично, социјално, физичко) е нужен услов да останеме цели и да се избегне хаос или распаѓање.
Во психолошка смисла, освен средината од која доаѓаме или се наоѓаме, за стабилност придонесува конгруентната слика и довербата во себе и средината. Во градењето на ваквата слика многу ни помага свесното следење на искуството и процесите низ кои поминуваме. За следење на доживувањето потребно ни е да застанеме, да стоиме, како што дрвјата постојано стојат во едно место. Штом застанеме, се отвора простор за набљудување.
Во феноменологијата тоа е точката на љубопитност, интерес да се нурнеме во моментот за да ја истражуваме природата на доживувањето, на искуството, во која сензорноста, чувствата, движењата, искуствата и нивната поврзаност и значење ни отвораат простор, односно цела нова димензија на можното, на тоа како се доживуваме себеси и светот и како се позиционираме во релациите и во сопствените животи. Дополнително тие нè отвораат кон интуицијата, што ни овозможува да можеме да се ориентираме подобро и да се движиме поускладено. Дистанцата во мигот нè одвојува од случувањето и нѐ поставува не само во ситуација на доживување туку и на рефлексија. Со самото тоа отвора мноштво можности – повеќе од спонтаното (автоматско), понекогаш нефункционално, повторување познати обрасци на однесување.
Во овој простор нема груби движења, контролата не функционира како механизам на уредување и управување, а нема ниту брзање. За освојување на овој простор е неопходна трпеливост, почитувањето на условите и поврзаноста со екосистемот на кој му припаѓаме. Потребно е време за да го дофатиме, препознаеме, именуваме, дозволиме, да го разбереме, прифатиме тоа што се случува. Потребна е нежност за да го насетиме и нијансираме тоа што се одвива во нас, како резонанца на нашата стварност. Но, потребни ни се и резонанцата и препознавањето на другите. Во еден важен дел на следењето сме навидум самите со себе, но потоа во следниот миг се насочуваме кон надвор, кон другите. И чекаме, бараме, проверуваме како другите реагираат, се позиционираат, што прават и како ги доживуваат нештата. Некогаш успеваме да се сретнеме, препознаеме и поврземе, некогаш се разминуваме или судираме. Но никогаш не сме сами, во смисла на самодоволни. Како дрвјата поврзани во микоризната мрежа, не можеме да функционираме надвор од системот во кој сме неразделно поврзани. Затоа ни е потребно свесно следење и дозвола за оваа постојана динамика, која како дишењето и сите други процеси на отворање, размена и потоа повлекување и затворање, пулсира, се движи и се менува благодарение на точките и процесите на стабилност, познатост и сигурност.