Понекогаш замислувам дека можам дел од моите сеќавања, мечти и соништа да ги претворам во слики, да ги врамам и да ги закачам на ѕид. Сеќавањата, мечтите и соништата – можеби поради далечината – секогаш ги паметам, замислувам или откривам низ просторни предели и архитектура. Мојата мемориска архива е полна со слики од пејзажи.
Еве неколку од нив.
Имав околу осум години кога на телевизија кажаа дека на ноќното небо се гледа блескава дамка со две светлечки опашки – едната светложолта, а другата сина. Се сеќавам како со брат ми стоевме во ќошето од терасата што гледаше наспроти просторот помеѓу покривите на двете соседни куќи. Наизменично, дури и по малку себично, си го подававме двогледот за да ја видиме кометата, иако таа и онака се гледаше без двоглед, за што сведочеа извиците на чудење на мајка ми и татко ми, застанати веднаш зад нас. (По кратко интернет-пребарување заклучувам дека кометата Хејл-Боп навистина се гледала во северната хемисфера помеѓу ’97-мата и ’98-мата година.)
Сеќавањето за светложолто-сината дамка е толку неверојатно, што честопати се сомневам дали навистина се случило или произлегува од моето мечтаење. Низ кратките белешки во телефонот наоѓам една од изминатиот месец која вели: Гледам врвови од планини како полека исчезнуваат во топла светложолто-сина нијанса во далечината.
Друга белешка што ја наоѓам во телефонот вели: Language is also a landscape, a familiar or unknown territory; English is always foreign to me, my thoughts in English are foreign to me. [1] Празниот лист хартија е пејзаж исполнет со зачудувачки потенцијал.
Сега сум на краток уметнички престој во Галичник, далеку од какво било светлосно загадување и градска бучава. Во овој период можат да се видат Персеидите – метеорскиот дожд од кометата Свифт-Татл. Околу полноќ, со пријателите уметници стоиме и упорно зјапаме во небото над нас, на кое јасно се гледаат исклучително повеќе ѕвезди отколку што имам видено во која било урбана средина. Светот изгледа незамисливо голем и широк, секоја страна се одвиткува во недоглед. Ноќното небо и ѕвездите, пак, изгледаат како да се на дофат, распослани пред нас. Со сигурност забележувам барем три „ѕвезди што паѓаат“, но и уште неколку кои можеби само ми се причинија поттикнати од искрената желба да видам што повеќе пред да се вратам во градот во кој освен повремените трепкачки светла на ноќните летови, на небото не се гледа речиси ништо друго.
Додека сум на планина, се присетувам и на Мери Оливер кога вели: „(…) светот ѝ се нуди на твојата мечта, те повикува како дива гуска, грубо и возбудливо, одново и одново го најавува твоето место, во семејството на нештата“. „Sвездите што паѓаат“, реката што од далечина ја слушам без да ја видам, шумата што нè опкружува, карпите, ниската исушена трева и грмушките кои ги полнат врвците на моите патики со суви бодликави топчиња, преполното небо – сите овие се места на непрекината и невидлива миграција, и веројатно, исто како и дивите гуски, го најавуваат нашето место во големото семејство на нештата.
Омилените книги ги паметам како планински предели кои восхитуваат. Еден од овие предели го носи прашањето: Прекрасен свету, каде си? [2] Истоимениот роман на Сали Руни се отплеткува паралелно низ животите на Алис и Ајлин – две пријателки, кои преку искрена мејл-преписка, истовремено споделуваат прашања и размисли за (не)релевантноста на уметноста и класичните уметнички форми, исчезнувањето на убавината во свет кој отуѓува; свет кој неизбежно виси на работ на социјална, економска и естетска пропаст. Ги заборавив деталите од романот, но ги паметам чувствата кои ги открива преку читањето: повторливите дилеми и одлуки да се соочиме или да избегаме од општествената стварност, отпорот да се пристигне до дефинитивни одговори за прашањата кои ја градат (или поништуваат) нашата релација со светот, нестабилните врски со нашите пријатели и чудните претпоставки за љубовта, размислувањата за тоа каде е тој прекрасен свет што постојано ни го ветуваа, а никако да пристигне?
Белешка од мај 2021 година: Поминувам под стариот пасаж на еден од мостовите на Дунав и забележувам графит со веќе избледена слика од срце, кој изгледа како да е направен многу одамна. Секогаш кога пешачам, сонувам за летање.
Пред полетувањето, низ кабината се слушаше „На убавиот син Дунав“ – се присетувам на денот кога првпат летав со авион. Подготовките за летот ме воодушевуваа речиси колку и самиот лет. Сите патници нестрпливо брзавме да го најдеме бројот на своето седиште. Повеќето ми изгледаа видно нервозни (можеби бидејќи и самиот бев невообичаено нервозен), претерани во своите гестови при проверка на пасошите, личниот багаж, телефоните. Додека летавме, сите овие слики и звуци ги снема и остана само сината боја во изобилство над морето од облаци.
Многу од моите сеќавања се обоени во сино: најблиската точка до морето кое го гледам преку метална ограда, купчињата свеж аспарагус што ги забележувам додека брзам низ отворениот пазар во недела наутро, бојата на стаклото на прозорците преку кои гледам како полетуваат и слетуваат авиони, седиштето со број 24F. Во сино треперат и сенките на палмите, неочекуваните разговори, малите сувенири на излогот од продавницата. „Сината е боја на далечината“. [3] Сината е боја на физичката, но и на временската дистанца.
Во мај 2024 сум напишал: Love is building a new bridge across two territories of imagination, but it is also burning old bridges, building barriers, fortifying walls. Love is on the other side of a wall made of glass. [4]
[1] „Јазикот е исто така пејзаж, познат или непознат предел; англискиот секогаш ми е туѓ, моите мисли на англиски ми се туѓи.“
[2] Rooney, S. (2021). Beautiful World, Where Are You. New York: Farrar, Straus and Giroux.
[3] Solnit, R. (2005). A Field Guide to Getting Lost. New York: Viking.
[4] „Љубовта е градење нов мост преку два предели на имагинацијата, но и уривање стари мостови, поставување бариери, утврдување ѕидови. Љубовта е од другата страна на стаклениот ѕид.“
Есејот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).