На 30 години станав мајка, но мислам дека отсекогаш сум била мајка, како фигура и симбол. Жена што сакала да прави сендвичи за другите, да ги прашува дали се океј, да готви за бездомници, да фигурира како грижа во просторот. Тоа понекогаш ме нервираше, затоа што се чувствував дека идентитетот ми е закачен за улога која се глорифицира, а во суштина е заробена во земните обврски. Сега, на 38, учам како да „отстанам“ мајка на сите, за да сум сама на себеси мајка, но и на најважниот човек на светот за мене – ќерка ми. Ќерка ми која ме учи како емоциите треба да се навигираат, како тежок кораб во немирно море. Дека да се знае сѐ не е некоја блескава особина. Кој жив знае сѐ? Таа, која ме учи дека треба да застанам за да ги помирисаме слатките ливчиња на анамската рака. Која во своите основи, ме потсетува на себеси. Едноставен генетски траг во ритамот на животот. Животот кој станува неподносливо ронлив, затоа што веќе си свесен. Веќе набљудуваш како сѐ губи смисла доколку нема чиста љубов и вистина во односите, во состојбите, во работењето, во креативноста.
И растеш паралелно со детето. Правиш бранови во сопствениот живот кој се рефлектира во неговите очи. Реално, морето не се оптоварува со твоите планови.
Размислувам за сѐ она што им го нудиме на нашите деца. Она што мораме да им го „ускратиме“ и она што го споредуваме ние, како генерација која имаше малку, но и не бараше повеќе. Сетилните и визуелните дразби нам ни беа помали, нужно моравме повеќе да фантазираме. Се потсетувам на моите 7 години и на нејзините сега. Два различни света, но основата е иста. Силна емотивна и когнитивна динамика и набој кој не знам како се скротувал и во што се претворил. Веројатно во мене ваква, каква што сум сега и неа – ќе видиме каде ќе ја води. Сакам да ѝ пружам простор да биде своја, да не пресликувам семејни интерпретации. Да се оддучам од старите формати, да пробам да создадам нови. Или барем вака, да артикулирам дека ме фаќаат стравови од иднината, затоа што оставаме многу ѓубре зад нас. Секакво.
Вчера ми рече дека ќе ѝ недостига Петро кога нема да биде дома, ме расплака и насмеа истовремено. Точно ѝ ја препознавам емоцијата. Точно ѝ ја разбирам грижата за омиленото животинче. Најсмешно беше кога ми рече „ама ќе ми фалат и неговите меки розови шепи“ и тука ме дотепа. И јас ги сакам неговите меки розови шепи, со прецизност ја чувствувам истата емотивна далга што се растопува во претпоставки, во стравот дека „некој ќе остане сам“. Сам во супермаркет, сам по дома, сам на автобуската станица, сам во паркот. Сам со себеси. И баш тогаш, кога на детето емотивниот и когнитивниот дијапазон му се шири како меур од сапуница, најмалку што треба да направиш е да го пукнеш.
Најмногу што можеш да направиш е да го согледаш и во неговата внатрешност да ги најдеш сите нови сознанија и да ги негуваш тенките ѕидови нежност и рано учење дека животот е суров и истовремено мек како розови мачешки шепи.