Секој ден, нашите тела се изложени на строг режим на дисциплина, можеби не многу различен од принципот на кој функционираа часовите по физичко во основно >
7:00 – будење.
8:00-8:30 – доручек; оптимизиран за самооптимизирање, две јајца со сланина, една лажичка маслиново, домат.
9:00-17:00 – работа, испресечена со пасивно набљудување на безброј империјалистичко-капиталистички ужаси. Гледање тела на деца во Газа разболичени од инжиниран глад, додека на неколку километри од нив, на другата страна од границата се јаде „Мекдоналдс“. Слики од глечери кои се топат, миризба од депонии и полиња што горат, неприродни жештини, распаднати улици и болници, окупирани тротоари.
И покрај сѐ ова, мора постојано да се биде среќна и постојано да се р а б о т и.
Фуко нѐ потсетува дека режимот на дисциплина под кој потпаѓа телото е одржуван колку преку надворешен, толку и преку внатрешен притисок. Прифаќањето на притисоците и силите е воедно активен и пасивен процес, колективен колку што и индивидуален.
Како да се одговори на грчот што е последица на интернализирање на силите што нѐ опресираат? Што може да се направи?
Предлагам да почнеме да вежбаме непослушност, на микро- и на макроплан. Телото, иако ги трпи притисоците што го тиштат однадвор и однатре, никогаш нема да е целосно комотно во оваа ситуација на вештачки создадена тензија.
Нашата кожа се бранува во контакт со светот, со другите и со себеси. Кожата е најголемиот орган во човековото тело, а се артикулира преку јазикот – материјалниот орган кој ни лежи на непцата и звуците што тој ги произведува. Звуците што ги произведува јазикот, пак, нѐ вмрежуваат со светот околу нас. Телото и јазикот се во постојан флукс, се брануваат едно со друго и едно наспроти друго, ги бранува светот, а и тие заедно го брануваат него.
Во есејот „Телото како знак“, Ана Редеи го конципира нашето тело како знак, а менталните процеси (внатрешни знаци) како производ на константните преговори со надворешниот свет (надворешни знаци) (Редеи 2005: 1). Несомнено е дека нашите тела се означители во просторот онака како што ние сакаме, ама и на начини кои се предодредени од надворешните околности. Телата заедно во просторот создаваат значења и материјални реалности. Нашите тела зборуваат.
Голем дел од времето туѓи закони диригираат на кој начин треба да постојат нашите тела во светот: како треба да се движиме, како треба да се облекуваме, како треба политички да (не) дејствуваме. Донекаде имаме автономија и слобода за тоа како ќе постоиме во светот, но сите знаеме дека во секој момент постои можност таа да ни биде одземена, дали од закони што криминализираат абортус или од прост неочекуван допир од туѓинец на улица, од кој ќе се скамениш и кој ќе остане во тебе со години, можеби засекогаш.
Ако го конципираме телото како знак, како Редеи, тогаш постојат различни начини на кои тоа може да биде означител во светот. Може да се подреди под режимот на означување одреден за него од доминантниот општествен поредок, според кој ова тело треба да биде пасивен примач на моќ, и да се покори на значењето кое му е зададено. Идеалното тело под капитализмот е доцилно, десензитизирано за својата нелагодност (седење на столче осум часа гледајќи во ѕид); тело на кое му се пресечени нишките кои го поврзуваат со другите тела околу него, па така не го допира нивното страдање.
Ова тело е ставено под строг режим на точно однесување, од кој девијациите се строго регулирани и казнувани. Отстапување од доминантниот режим на значење може да значи смрт. Маица за два прста пократка од тоа што треба кај еден маж, таканаречени „феминизирани“ движења на рацете, боја на глас, црно тело за кое решаваме дека е криминално – сето тоа се начини на етикетирање на телото како различно, што го изложува на насилство и прекаритет во доминантниот режим на означување. Или ако како жена седиш со раширени нозе во автобус, некој ќе ти каже: „Што си се расчепатила, ма?“. Истата позиција кај некој маж би се сметала за сосема нормална.
Врежан во меморијата ми е еден топол пролетен ден. Сонцето галеше, а воздухот мирисаше слатко и беше иста температура како нас. Ова е еден од тие ретко прекрасни моменти кога се чувствуваш пријатно и комотно, како да си едно со светот. Со баба ми бевме упатени на изложба во „Сули ан“ во Чаршија и одевме по светлите, разлистани скопски улици. Обмамена од мирисот на градот, облеков лелеав сино-бел фустан, долг неколку прста над колената. Баба ми ми го купи за полуматура. Имав 14 години.
Бам!
Прошетката под липите, баба ми, раката под рака, липите што цутеа, одеднаш сѐ снема, и сѐ што чувствував беше нечија рака на мојот задник – испотена, туѓа. Се смрзнав, морници ми го полазија целото тело. Група момчиња тинејџери нѐ пројдоа, се изнасмеаја, и промрмореа нешто што не го слушнав докрај. Не можев ништо да направам. Баба ми не забележа, не сакав да ја вознемирувам. А што па можеше таа да направи? Како против овие казнени регулации? Отаде мирното прифаќање и перформирање на однесувањето кое за мене, како за жена, е предодредено како точно, наоѓам начини да направам трансгресија.
Сега, кога сум постара, поборбена и малку побезобразна, кога се чувствувам безбедно, понекогаш им враќам. Кога мажи ќе ми свирнат или ќе ми извикаат нешто грозно и сексуално сугестивно на улица, кога е доволно светло и има доволно луѓе наоколу, им се „курчам“ – им покажувам среден прст или им дофрлам нешто дрско назад.
Секоја употреба на телото за цел која не е предодредена од страна на непишаните правила што ни ги диктираат капитализмот и патријархатот претставува акт на непослушност. Ваквите чинови претставуваат можност за постоење надвор од строгиот режим на значења и постоења паралелно воспоставувани од патријархатот и капитализмот. Создаваат можност за постоење надвор од стегите на правилата на Овде и Сега, макар и краткотрајно.
И покрај строгоста на обрачот на овој телесен режим што нѐ стега, не можам а да не почувствувам, наспроти сите ужаси што се случуваат во светот, дека во моментов нѐ движат вибрации од огромни магнитуди. Нашите тела се опираат против физичките, но и менталните стеги кои нѐ тиштат ден по ден. Наспроти тврдењата на ортодоксната западна наука и филозофија дека постоиме во светот во тело што е еднакво на индивидуален субјект, сите сме почувствувале моменти кога границите меѓу телата стануваат замаглени. Баш во овие моменти кога границите помеѓу телата стануваат помалку ограничувачки од вообичаено, ја гледам можноста за развивање солидарност и за практикување групна непослушност.
Во „Примените на еротското: Еротското како моќ“, Одри Лорд зборува за тоа како жените се обесхрабрени да му веруваат на еротското во нив, како извор на знаење и револуционерна сила. Лорд, пак, тврди дека еротското ни дава моќ која доаѓа од споделување радост со друга личност. Според неа, споделувањето радост, дали физичка, емоционална или интелектуална, гради мостови помеѓу тие штоја делат и нуди можност за радикално политичко дејствување (Лорд 1978: 56).
Во моменталната временско-материјална реалност, соочени сме со низа сопки, лавиринт низ кој талкаме без да сме сигурни дека има излез. Сепак, одговорноста за себе и за светот, со сите луѓе во него, акутно ја чувствувам како ми тежи на плеќите секој ден, ја чувствувам во солената пот кога ќе се разбудам од кошмар во кој врескаат децата од Газа. Единствениот излез од кошмарот е колективна, координирана, непослушна акција. Зборувам за чувството кое го имам кога пулсирам заедно со други тела на протест, движејќи се и извикувајќи во еден глас. Толпата се бранува, дише заедно, а телата на момент се испреплетуваат.
Ова ме потсеќа на „пумпај“, слоган што произлезе од масовните антисистемски протести што ја тресат Србија последнава година. „Пумпај“ значи заедничко движење, заедничко пулсирање и заедничко дејствување. Од протести кои на почетокот повикуваа на ненасилност, каде имаше слики како демонстрантите се гушкаат со полицијата, последниов период насоката се промени – толпите што до пред неколку месеци се дисперзираа пред полицијата, сега храбро притискаат напред, предизвикувајќи го насилството што полицијата го врши врз нив.
Култивирање на непослушноста како доблест е неопходно за постигнување какви било значајни општествени промени. Неопслушноста е резонантна, се шири како бран, отскокнува од едно тело на друго, како парола извикана од еден човек на протест, која потоа ја повторуваат повеќе луѓе. Таа е стратешка и свесна пренамена на функцијата на нашите тела, и затоа е и клучна опасност за статус квото.
Факт е дека живееме под стегите на ентитети што ни се чинат поголеми и посилни од нас, но постојат можности за постоење надвор од нив, а и за нивното привремено, а можеби и трајно отстранување. Постои можност за „кратки блицеви на слобода“, како што ги нарекува Сартр. Овие блицеви може да се шират, вежбаат, истражуваат и на тој начин да се преточуваат во промена на материјалните услови на опресивното Овде и Сега.
Користена литература:
Cabak Rédei, Anna. “The Body as a Sign”. Heterogénesis: Revista de Artes Visuales, 2005.
Lorde, Audre. Sister Outsider: Essays and Speeches. S.L., Penguin Books, 1984, p. 138. (Преведен на македонски од Душица Лазова за Медуза).
Изворно објавен во годишната публикација „КОЖА“ (2025)