Како многу жени во Македонија и ширум светот, се чувствувам како да сум на работ на нешто што се чини дека никој не сака да го именува – перименопауза. Ова не е само лична приказна, туку колективно искуство што се провлекува низ генерации.
Во нашата култура, женското здравје по 40-тата година е табу тема, маргинализирана и неважна. Се зборува за плодноста, за бременоста и породувањето, за мајчинството, но она што следи потоа е како некоја темпирана бомба – чекаш да експлодира, а никој не ти кажува кога и како. Ова чувство на неизвесност и тишина создава дополнителен товар: жените се принудени да се справуваат сами со симптомите, без јасни насоки, без поддршка, често дури и без разбирање од најблиските.
Во последните години, сепак, се појавуваат првите знаци на промена. За перименопаузата се зборува сѐ почесто, жените бараат информации и решенија, се обидуваат да го дочекаат овој период подготвени, а не исплашени. Но, ова не смее да биде само индивидуална битка. Време е да ја демонтираме оваа бомба – со споделено знаење и воспоставена системска грижа оваа транзиција на женското тело може да биде безбедна, достоинствена и поддржана.
Невидливата револуција во женското тело
Што е перименопауза? Ако го прашате Google, би добиле одговор налик овој: „Перименопауза е период што започнува неколку години пред менопаузата. Ова е време кога јајниците постепено почнуваат да произведуваат помалку естроген. Обично започнува во раните 40-ти, но може да започне и во 30-тите, па дури и порано.“ Оваа информација сепак не ја доловува вистинската комплексност на здравствената состојба.
Според Mayo Clinic, перименопаузата може да трае од неколку месеци до дури десет години, а првите знаци – нередовни циклуси, топло-ладни бранови, анксиозност, несоница – често се игнорираат или погрешно се толкуваат. Во Македонија, овие симптоми се сведуваат на „нерви“, „стрес“ или „тоа си доаѓа со годините“. Тема за која прикриено се шушка и тивко се зборува, во страв дека ако ѝ го изговориме името ќе ја појави главата како митско чудовиште.
На влезот на четвртата деценија ми беше повеќе од јасно дека моето тело повторно минува низ некаква промена; иако тие најави беа слаби, сепак беа тектонски. Почнав да пребарувам на интернет и да читам разни сведоштва на жени кои минувале низ истите или слични симптоми на моја возраст, но и помлади и постари од мене. Согледувајќи дека некои од симптомите се поклопуваат со оние на перименопауза, првото прашање што ми се појави во главата беше: Дали е ова крајот на мојот репродуктивен период?
Не сакав да шпекулирам и да навлегувам подлабоко во лавиринтите на интернетот (и сопствената глава!) и веднаш закажав консултативен преглед кај мојот гинеколог. Докторката ми објасни дека влезот во перименопауза не нужно го означува крајот на плодниот период на жената, но претставува почеток на постепеното завршување на репродуктивната способност; дека перименопаузата е транзициски период што започнува неколку години пред менопаузата и се карактеризира со намалување на нивото на женските полови хормони, нередовни менструации и други симптоми; и дека во овој период, јајниците сè уште можат да ослободуваат јајце-клетки, па сè додека жената има менструација – дури и ако е нередовна – постои можност за забременување, иако плодноста е значително намалена.
Ми објасни дека за крај на плодниот период официјално се смета менопаузата, односно откако ќе поминат 12 последователни месеци без менструација. Дури тогаш јајниците целосно престануваат да произведуваат јајце-клетки и жената веќе не може да забремени по природен пат. Значи, перименопаузата е период на намалена, но не и целосно изгубена плодност. Се чувствував многу подобро по разговорот со гинеколог, бидејќи добив конкретни, научни објаснувања и бидејќи таа ја знае мојата медицинска историја, можевме да разговараме за мојот конкретен случај без шпекулации. Не, уште немав влезено во перименопауза, иако имав спорадични симптоми налик оние на перименопауза. Најважно од сѐ, побарав информации од медицинско лице, а не потврда на моите сомнежи (и стравови!) на интернет.
Д-р Билјана Кржеска, специјалист гинеколог-акушер, го потврдува ова искуство од својата пракса:
Во секојдневната пракса се сретнуваме со многу пациентки во перименопауза и многу од нив не се точно информирани што е перименопауза и како да се носат со неа. Најчесто се јавуваат за преглед кога ќе почнат промените во менструалниот циклус кои може да бидат изразени со задоцнување на менструалниот циклус и намалување на траењето на циклусот во денови и во количината на менструалното крврење до обратно чести нередовни обилни крварења со анемизирање и слабост кое си носи и други симптоми. Имаме пациентки кои ја прифаќаат состојбата, соработуваат и ги следат препораките, но имаме жени кои не се задоволуваат со одговорот дека е сосема нормално во тој период да дојде до промени во циклусот и топло-ладни бранови, да ја чуствуваш главата како матна и конфузна и да не можеш да се сконцентрираш; бараат некоја друга дијагноза, други заболувања и лутаат по различни доктори од различни специјалности барајќи одговор кој ќе го задоволи тоа што всушност сакаат да го слушнат, а не тоа што навистина е. Перименопаузата е нормален процес на транзиција на промени во целото тело – колку побрзо го прифатиш тоа и подобро и правилно се информираш, толку полесно ќе го пребродиш тој период. Трае најчесто од 5 до 10 години, во просек земено 8 години од првиот пораст на ФСХ хормонот.
Зошто ни треба системска грижа, а не само „трпи, ќе помине“?
Според истражувањата, дури 75% од жените доживуваат барем еден симптом на перименопауза, а кај една третина тие се толку изразени што влијаат на секојдневното функционирање. Сепак, само мал дел од нив бараат стручна помош навреме.
Перименопаузата не е само промена на циклусот и топли бранови. Тоа е период на хормонална нерамнотежа што предизвикува мозочна магла, промени во расположението, панични напади, болка за време на секс, уринарни тегоби, промени во кожата, па дури и губење на косата. Овие симптоми можат да бидат толку интензивни што сериозно го нарушуваат квалитетот на животот, работната способност и семејните односи. Во Македонија, жените ретко имаат пристап до информации за потеклото на овие симптоми. Перименопаузата останува невидлива, а жените – изолирани во сопствените стравови и прашања.
„Имаме жени кои имаат поизразени симптоми со чести и обилни крварења кои седат дома и се плашат да се јават за преглед и со тоа го комплицираат процесот на лекување и само се измачуваат мислејќи дека на гинеколог се оди само во бременост и за породување. Имаме и пациентки кои доаѓаат при први минимални симптоми и сакаат да се информираат како полесно да го поминат тој период“, вели д-р Кржеска и објаснува дека симптомите може ралзично да се манифестираат во телото од жена до жена, па често се почнува со прегледи кај други специјалисти додека на крај не се утврди дека се работи за перименопауза и не се почне со терапија.
Здравствената нега за жените во Македонија по завршување на репродуктивниот период е речиси невидлива. Според извештај од 2021 на Светската здравствена организација, земјите од Источна Европа, вклучително и Македонија, имаат недоволно развиени програми за поддршка на жените во перименопауза и менопауза. Ова не е само медицински, туку и културолошки проблем. Во многу случаи, жените се воспитани да трпат, да не се жалат, да ги игнорираат сопствените потреби заради семејството и работата.
Од друга страна, во Велика Британија, на пример, Националната здравствена служба (NHS) има јасни водичи за препознавање и третирање на симптомите, достапни и за лекарите и за пациентките. Таму, жените се охрабруваат да зборуваат отворено за своите симптоми, а лекарите се обучени да препознаат кога е време за интервенција. Ова обезбедува навремена дијагноза, индивидуализирана терапија и психолошка поддршка. Кај нас, жените често се срамат да побараат помош. Гинеколозите ретко иницираат разговор за перименопауза, а уште поретко препорачуваат индивидуализирана терапија или психолошка поддршка, велат повеќето жени на возраст од 40 до 50 години со кои разговарав на оваа тема:.
„Искрено, не ни помислував дека можеби влегувам во перименопауза. Се чувствував уморно, имав промени во расположението и нередовни циклуси, но си мислев дека е од стрес или од работата. Дури кога почнаа да се појавуваат и топлите бранови и несоницата, сфатив дека нешто се случува, но не знаев што точно. Никој околу мене не зборуваше за тоа, па се чувствував изгубено“, вели една од моите соговорнички.
Друга го сподели своето многу посложено искуство со добивање на соодветна дијагноза:.
„Кога симптомите ми станаа навистина неподносливи – анксиозност, несоница, срцебиење – решив да побарам помош. Бев кај три различни гинеколози. Првите двајца ми рекоа дека е нормално за мојата возраст и ми препорачаа само повеќе да одмарам. Третиот гинеколог, пак, откако ги слушна сите мои симптоми, ме упати и на преглед кај психијатар, велејќи дека дел од тегобите може да се должат и на анксиозност или депресија поврзана со хормонските промени. Се почувствував збунето, но барем конечно некој ми обрна внимание на целата слика, а не само на циклусот.“
Веродостојни податоци од големи европски истражувања во повеќе земји покажуваат дека помалку од половина од жените кои доживуваат перименопаузални или менопаузални симптоми бараат медицински совет или помош за своите симптоми. Големо истражување кое ги опфаќа Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија покажа дека само околу 44% до 51% од жените кои искусиле симптоми на перименопауза побарале каква било форма на помош (што вклучува консултација со лекар, посета на аптека или користење лекови без рецепт). Од оние кои побарале помош, приближно 75% се консултирале со лекар.
Во достапната медицинска литература постои консензус дека социјалната стигма, недостатокот на свест и недовербата во здравствената заштита придонесуваат жените да не бараат медицински совет за симптомите на перименопауза, иако многумина би можеле да имаат корист од стручна поддршка.
Последиците од нетретирањето на симптомите се сериозни: хроничен замор, депресија, губење на самодоверба, зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, остеопороза и когнитивни нарушувања. Симптомите како вагинална сувост, болка при секс, уринарни тегоби и промени во коските влијаат не само на физичкото, туку и на менталното здравје и интимните односи. Потребна ни е системска, сеопфатна грижа – од редовни скрининзи, преку психолошка поддршка, до достапни информации и едукација за сите жени, без разлика на нивниот социјален статус.
Многу жени, особено во нашиот контекст, се навикнати да „трпат“ и да не ги истакнуваат овие проблеми пред лекарите. Но, токму зборувањето за тоа како симптомите влијаат врз квалитетот на живот е клучно за да се добие соодветна грижа и разбирање од здравствениот систем. Студиите потврдуваат дека кога жените детално ги опишуваат своите симптоми и нивното влијание врз секојдневието, тоа води до подобра комуникација со лекарите, поефикасна дијагноза и поперсонализиран третман.
„Сум имала пациентки кои побарале совет од мене како општ лекар во почетокот на перименопаузата (и менопаузата) во однос на суплементација. Ги препознаваат првите симптоми и секако, потоа ги упатувам на матичниот гинеколог“, вели д-р Анита Тошева, матичен општ лекар.
Систематското следење и бележење на симптомите – преку дневници или едноставно запишување белешки – не само што им помага на жените да ги препознаат и артикулираат своите потреби, туку и ги охрабрува да бараат помош и да учествуваат во одлуките за своето здравје. Оваа пракса значително го подобрува исходот на третманот и ја намалува тежината на симптомите.
Затоа, кога ќе се најдете пред лекар или гинеколог, не се ограничувајте само на описот на поединечните симптоми. Кажете како тие влијаат врз вашиот сон, работата, семејните односи, самодовербата и секојдневната радост. Квалитетот на живот не е луксуз, туку основа за здравје и достоинствено стареење.
Д-р Кржеска појаснува дека во нашата земја има достапна хормонска терапија доколку има потреба и има повеќе лекови на природна основа кои ги олеснуваат перименопаузалните симптоми.
Треба да се оди на редовни прегледи при промени во циклусот, да се прават редовни анализи и скрининг програми за рано откривање на заболувања и рутински гинеколошки прегледи еднаш годишно, дури и да немагинеколошки проблем. Понатаму, терапијата следи според наодот и симптомите. Покрај физичките соматски симптоми треба да се делува и на психичките. Се препорачува физичка активност, прошетки во природа со пријатно друштво, намалување на стресни ситуации и исполнување на времето со некоја корисна активност и хоби. Секако поддршката од семејството и најблиските во овој период е исто така важна. Но животот не застанува тука – ова е само едно животно доба, потоа следува климакс.
Македонија за прв пат добива стручна група и прирачник за перименопауза
Конечно, нешто се менува. Оваа година, со поддршка на ХЕРА и МАГО, формирана е првата стручна група што ќе работи на прирачник за перименопауза. Ова не е само административен чекор – ова е револуција за женското здравје кај нас. Групата ги вклучува најдобрите гинеколози, ендокринолози, психијатри и матични лекари, кои заедно ќе создадат водич заснован на најновите медицински докази. Овој водич ќе биде наменет за матичните лекари, семејните лекари, гинеколозите и останатиот медицински кадар, со цел да се обезбеди стручна поддршка и конкретни насоки за унапредување на здравствената грижа во период на перименопауза.
Зошто е ова важно? Затоа што конечно ќе имаме стандарди – ќе знаеме кои симптоми се алармантни, како да ги препознаеме, кои тестови се потребни, кога е време за терапија, а кога за психолошка поддршка. Ова е првпат институциите да признаат дека перименопаузата не е „женски хир“, туку реален, медицински и социјален предизвик. Ова е чекор кон солидарност, кон тоа жените да не се чувствуваат осамени и заборавени.
Д-р Кржеска ја заокружува оваа перспектива од својата пракса:
Ние лекарите сме тие кои треба да им помогнеме полесно да ги поминуваат деновите, да направиме една врска со пациентките, да ја здобиеме нивната доверба и заедно да го поминеме овој пат. Најважно е жените да не се плашат и да се јават за преглед и нормално да прашуваат за сè што ги интересира за да добијат правилни информации.
Слични иницијативи во други земји резултирале со значително подобрување на пристапот до информации и услуги за жените во перименопауза. Во Шведска, на пример, по воведувањето на национален прирачник, бројот на жени што добиваат навремена поддршка се зголемил за 40% во рок од три години.
Со формирањето на оваа стручна група, се отвора простор за стручна дискусија и изработка на материјали засновани на медицински докази, кои ќе им овозможат на жените пристап до квалитетна грижа, навремено препознавање на симптомите и соодветни медицински информации и услуги за справување и поддршка. Оваа иницијатива дава јасна политичка порака: дека здравјето на жените е приоритет и дека секоја жена заслужува грижа, информации и достоинствен третман, без разлика каде живее или која е нејзината социјална позадина.