Грижата за себе не е самозадоволување, тоа е самоодржување и е чин на политичка борба.
– Одри Лорд
Летните олимписки игри во Париз 2024 ја прославија по првпат постигнатата родова еднаквост на Олимпијадата, од аспект на подеднакво учество на мажи и жени. На овие Олимписки игри, Симон Билс стана најнаградуваната гимнастичарка на сите времиња, успех за кој кај некои постоеше и доза на сомнеж. Пред само три години – зашто, поради пандемијата Олимписките игри се одржаа во 2021 година наместо во 2020, – на Олимписките игри во Токио, Билс, која со својата доминација во гимнастиката изминатите неколку години беше во фокусот на јавноста, на натпреварот на прескок се најде дезориентирана во воздухот и едвај одбегна повреда. Бргу по настапот се повлече од понатамошно учество, пред сѐ поради проблемот кој во гимнастиката е познат како несинхронизираност на телото и умот, особено изразен кога телото се наоѓа во воздух, како и поради проблеми со менталното здравје. Меѓутоа, според реакциите, јавноста очигледно сѐ уште не беше спремна да прифати дека и спортистките имаат емоции.
Со оваа одлука, Билс преку ноќ за некои стана главна антихероина на Олимписките игри, кои ја прогласија за социопат, срам за земјата, слабак и предавничка на тимот. Најголемиот дел од критиките се засноваа на родовите стереотипи за спортистките, поврзани со нивниот емоционален пејзаж на перципираната „кршливост“ во моменти на притисок – етикети што често им се ставаат на жени кои покажуваат ранливост. Некои повлекувањето на Билс го перципираа како претерана емотивна реакција и изговор за нејзиниот дотогашен лош перформанс на Олимписките игри. Негативните реакции беа мотивирани и од стравот дека ваквиот негативен преседан од страна на една од најпопуларните спортистки на денешницата би можел да го нормализира откажувањето, што не е принцип на кој се заснова спортот.
Нешто порано истата година, тенисерката Наоми Осака објави дека нема да учествува на прес-конференциите по натпреварот на Френч опен, наведувајќи дека прес-конференциите ја вознемируваат и не сака да ризикува да има негативни последици по своето ментално здравје. Откако доби парична казна и закани со исклучување од страна на организаторите поради овој потег, Осака донесе одлука целосно да се повлече од турнирот. Таа подоцна сподели дека се справува со депресија откако ја освои својата прва Гренд слем титула на Ју-Ес опен во 2018 година. И покрај поддршката што ја доби, Осака беше и нападната. Според голем дел од јавноста, соочувањето со медиумите и справувањето со притисокот е дел од нејзината работа. Разочарувањето од одлуката на Осака беше опишано како знак на слабост и неподготвеност да ги исполни нејзините одговорности како јавна личност.
Бурните негативни реакции само ја потврдуваат стигмата за менталното здравје на спортистките и спортистите, како и високото ниво на неразбирање за сериозноста на одредени состојби кои можат да доведат до многу посериозни и подолготрајни последици, меѓу кои и предвремено завршување на кариерата. Но, во случајот на Билс, критиките по првпат останаа во сенка на нејзините поддржувачи, меѓу кои и многу сегашни и поранешни спортистки, со што беше отворена поширока дискусија за добросостојбата на спортистките и спортистите. Поддршка дојде и од страна на Доминик Мочеино, поранешна гимнастичарка и најмладата членка на „Величествените седум“, првиот женски гимнастички тим на САД кој го освои златниот медал на Олимписките игри во Атланта во 1996 година, која за своето повлекување изјави дека покажува оти „злоупотребата веќе не е добредојдена во нашиот спорт“.
Меѓутоа, овој вид ранливост мене ме потсети на еден друг настан од Олимписките игри од истата таа 1996 година. Сликата ми е толку силно врежана во главата, што би можела и да ја наречам „траума од детството“. Таа Олимпијада имав 11 години и бев фасцинирана од гимнастиката. Одев и на часови по гимнастика во „Партизан“, и покрај тоа што бев многу плашлива, а и реално не ми одеше (многу години подоцна сфатив и зошто). И додека бев залепена пред телевизор за време на Олимпијадата, се случи последниот настап на прескок на Кери Страг. Деветнаесетгодишната гимнастичарка на „Величествените седум“, која го повреди зглобот на ногата на претходниот прескок, мораше да го изведе последниот скок со кој можеше да му го донесе златниот медал на својот тим. Последниот скок го изведе со болка која не само што беше видлива на нејзиното лице, туку и во држењето на нејзиното тело, кое веднаш по завршувањето на рутината се струполи на душекот, од каде што беше изнесена на раце. За разлика од Билс, ова беше последниот настап за Страг, која никогаш веќе не ѝ се врати на гимнастиката.
И покрај нејзината очигледна болка, одлуката за последниот прескок на Страг во голема мера ја донесе нејзиниот тренер Бела Кароли. Иако таа го изведе скокот кој му го донесе златото на американскиот тим и беше воспевана за национална хероина, долгорочната штета на нејзиното тело и кариера само ја нагласува општоприфатената динамика каде спортистите се чувствуваат принудени да се откажат од контролата врз сопственото тело со цел да ги задоволат другите, било тоа да се тренери, медиуми или публика. Јавноста, која сака спектакл и хероизам, во сфера во која од учесниците се очекува да ги жртвуваат своите тела за успех, не беше подготвена да дозволи ранливост. Особено не во спортот.
Историски гледано, спортот е создаден и организиран од страна на мажи, за мажи, врз основа на традиционалните поими за мажественост и натпреварување. Уште од античките Олимписки игри во Грција, културата на спортот отсекогаш се фокусирала на машките тела и идеали за сила и издржливост. Жените честопати биле целосно исклучени, или кога им било дозволено да учествуваат, тоа било под строго ограничени услови, што придонело за зајакнување на нивната инфериорност во однос на мажите. На овој начин, спортот традиционално промовира тесна дефиниција за успех поврзана со машките физички стандарди, што им отежнува на жените да влезат во овој простор без притоа да се соочат со значителни предрасуди и бариери, кои неретко ги води и кон откажување. Спортот му дава предност на перформансот пред добросостојбата и здравјето, додека штетните методи и однесувања за тренирање се вградени во секојдневните рутини на спортистите и се општествено прифатени како неопходни за врвни перформанси.
И покрај тоа што веќе неколку децении жените учествуваат во спортски натпревари, идејата за „машкиот стандард“ во спортот опстојува и денес. Спортистките кои успеваат да ги исполнат овие стандарди, на пример, спортистките во традиционално машките спортови, како што се кревање тегови или рагби, често се сметаат за исклучоци што го докажуваат правилото, односно дополнително ја зацврстуваат идејата дека машкиот стандард е идеалот наспроти кој се мери спортското достигнување. Оваа рамка на мерење на достигнувањето, која се заснова на машкиот стандард, не само што е ограничувачка туку е и штетна, бидејќи не успева да ги препознае специфичните способности и искуства на жените и другите лица во спортот, со што ја зајакнува патријархалната контрола врз начинот на кој се дефинира успехот.
Една од најголемите иронии е начинот на кој на жените историски им е забрането да учествуваат во спортот под превезот на „заштита“ на нивното здравје. Со векови, со употреба на различни измислици во кои биле вклучени и стручни лица, како доктори, на жените им се забранува спортување под изговор дека ќе ги направи неженствени и дека е штетно за нивното репродуктивно здравје. Меѓутоа, кога на жените им е дозволено да се натпреваруваат и кога вистинските опасности по нивното здравје стануваат очигледни, без разлика дали се физички повреди или ментални здравствени кризи, тие често се игнорираат или се минимизираат. Всушност, и мажите и жените се принудени да го исполнат ригидниот машки стандард кој не само што ги притиска жените да докажат дека можат да ги исполнат истите физички барања како и мажите, туку и ги обесхрабрува мажите да покажат каква било ранливост или да признаат кога им треба одмор. За мажите, ова значи дека не им е дозволено да признаат болка или да бараат помош, додека од жените се очекува да издржат за да можат да ја докажат својата вредност во сфера во која доминираат мажи.
Менталното здравје на жените во спортот е под силно влијание на родовите улоги и очекувања. Од почетокот на своите кариери, спортистките се соочуваат со двојно оптоварување: стремежот за успешен перформанс, а истовремено исполнување на општествените очекувања за женственост, убавина и пристојност. Ова создава токсичен круг на прекумерен тренинг и ментален товар, кој е надополнет со јавната контрола врз нивните тела и однесување. Она што Билс, но и многу други спортистки сѐ почесто го вокализираат е потребата од одмор, но не само за физичко закрепнување, туку и за ментална рамнотежа. Она што е револуционерно во ова барање е што телата кои историски се контролирани и објективизирани од различни системи на моќ, динамика која често се пресликува во светот на спортот, се осмелуваат да ги предизвикаат патријархалните структури кои ја вреднуваат продуктивноста пред индивидуалната добросостојба. Од телата од кои се очекува постојан перформанс, како во професионалниот свет, така и во секојдневниот живот, ова барање за оддишка и закрепнување е моќен чин на отпор кој ѝ пркоси на идејата дека спортистите мора да го жртвуваат своето здравје заради резултати, враќајќи ја сопствената телесна автономија во систем кој е дизајниран да ја искористи.
Текстот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).