“Uses of the Erotic: The Erotic as Power”, Audre Lorde, 1978
Постојат секакви видови на моќ, искористена и неискористена, признаена или непризнаена. Еротското е резервоар во секој од нас што лежи на едно длабоко женско и духовно ниво, цврсто вкоренето во моќта на нашите неизразени или непрепознаени чувства. За да се одржи себеси, секое угнетување мора да ги корумпира или изобличи различните извори на моќ во културата на потчинетите коишто може да дадат енергија за некаква промена. За жените, тоа значело да го потиснеме еротското како можен извор на моќ и знаење од нашите животи.
Нè имаат научено да се сомневаме во овој резервоар—оцрнет, злоупотребен и обезвреднет во западното општество. Од една страна, површната еротичност се охрабрува како знак за инфериорноста на жените; од друга страна, жените се приморани да страдаат, презрени и осомничени поради нејзиното постоење.
Малку фалело за оттаму да дојдеме до погрешното верување дека само доколку го истиснеме еротското од нашиот живот и свест, ние, жените може да бидеме силни. Но, таа сила е привидна, затоа што е скроена според машките модели на моќ.
Како жени, почнавме да се сомневаме во моќта што извира од нашето најдлабоко и нерационално знаење. Целиот наш живот, машкиот свет нѐ предупредувал против неа – свет што доволно ја цени длабочината на ова чувство за да нѐ држи на дофат и да ја искористи во служба на мажите, но истовремено толку се плаши од истата таа длабочина за да ја истражи можноста за нејзиното постоење кај нив. Поради тоа жените се чуваат на растојание или во инфериорна позиција за да бидат психички измолзени, исто како што мравките чуваат колонии лисни вошки за да обезбедат животворен сок за кралицата.
Но еротското ѝ нуди извор на обновувачка и поттикнувачка сила на жената која не се плаши да го открие, ниту, пак, потклекнува на верувањето дека сензацијата е доволна.
Еротското честопати е погрешно именувано од страна на мажите и користено против жените. Претворено е во конфузна, банална, психотична и извештачена сензација. Поради тоа, често одбиваме да го истражиме и да гледаме на еротското како на извор на моќ и знаење, погрешно изедначувајќи го со порнографското, неговата спротивност. Но порнографијата директно ја порекнува моќта на еротското, затоа што ги потиснува вистинските чувства. Порнографијата ја истакнува сензацијата без чувства.
Еротското е просторот помеѓу зачетокот на нашиот осет за себе и хаосот на нашите најсилни емоции. Тоа е внатрешно чувство на исполнетост кое, еднаш почувствувано, станува нешто кон што знаеме дека можеме да се стремиме. Зашто, откако ќе ја доживеме длабочината на ова чувство во целост и ќе ја препознаеме неговата моќ, од гордост и самопочит, си должиме да не прифатиме ништо помалку од себе.
Никогаш не е лесно да го бараме најдоброто од себе, од нашиот живот, од нашата работа. Да се поттикне извонредноста значи да се отстапи од протажираната просечност на нашето општество. Но да му се препуштиш на стравот од чувствување и да не работиш со полн капацитет е луксуз што можат да си го дозволат само безнамерниците (the unintentional), а безнамерници се оние што не сакаат сами да си ја кројат судбината.
Овој внатрешен стремеж кон извонредност на кој нè учи еротското не смее да се сфати како барање на невозможното од себеси и од останатите. Таквото барање ги онеспособува сите во процесот. Затоа што еротското не се сведува само на прашањето што правиме, туку колку жестоко и длабоко умееме да чувствуваме додека го правиме тоа. Штом еднаш дознаеме до кој степен сме способни да го осетиме тоа чувство на задоволство и исполнетост, можеме да набљудуваме кои од нашите животни заложби нè носат најблиску до таа полнота.
Целта на сè што правиме е да ги направиме нашите животи и животите на нашите деца побогати и возможни. Со славење на еротското низ сите наши заложби, мојата работа станува свесна одлука — долгоочекуван кревет во кој легнувам со благодарност и од кој станувам оснажена.
Се разбира, вака оснажените жени се опасни. Затоа нè учат да ја одвоиме еротската потреба од речиси сите витални сфери во нашите животи, освен од сексот. А недостатокот на грижа за еротскиот корен и задоволства од нашата работа се чувствува во нашата отуѓеност од голем дел од она што го правиме. На пример, колку често вистински ја сакаме нашата работа дури и кога ни е најтешко?
Главниот ужас на секој систем што дефинира што е добро врз база на профит, а не на човековите потреби, или при дефинирањето на човековите потреби ги исклучува психичките и емоционалните аспекти на таа потреба – главниот ужас на таквиот систем е тоа што ја лишува нашата работа од нејзината еротска вредност, еротска моќ и животна привлечност и исполнетост. Таквиот систем ја сведува работата на карикатура од нужности, на обврска што ни носи леб или заборав за себе и саканите. Но ова е рамно на тоа да ѝ ги затвориш очите на некоја сликарка и да ѝ кажеш да ги усоврши своите дела и да ужива во сликањето. Тоа не само што е речиси невозможно, туку е и ужасно сурово.
Како жени, треба да ги преиспитаме начините на кои нашиот свет навистина може да биде поинаков. Тука мислам на потребата да го превреднуваме квалитетот на сите аспекти од нашиот живот и работа, како и начинот на кој се движиме кон и низ нив.
Самиот збор еротско доаѓа од грчкиот збор ерос, олицетворение на љубовта во сите нејзини облици — родум од Хаосот и симбол на креативната моќ и хармонија. Кога зборувам за еротското, тогаш, зборувам за афирмацијата на животната сила на жените; за оснажувањето на таа креативна енергија, чиешто знаење и примена сега повторно ги присвојуваме во нашиот јазик, нашата историја, нашиот танц, нашето љубење, нашата работа, нашите животи.
Често има обиди да се изедначат порнографијата и еротиката, две дијаметрално противположни примени на сексуалното. Поради овие обиди, стана модерно да се одвојува духовното (психичкото и емоционалното) од политичкото, да се сметаат за противречни или спротивни. „Како тоа револуционер-поет или криумчар со оружје што медитира?“ На ист начин, се обидовме да го одвоиме духовното од еротското, при што духовното го сведовме на свет на израмнет афект, свет на аскетот кој тежнее да не чувствува ништо. Ништо не е подалеку од вистината. Зашто аскетската позиција подразбира најголем страв, најсериозна неподвижност. Строгата воздржаност на аскетот се претвора во владејачка опсесија. И тоа не од самодисциплина, туку од себеодрекување.
Дихотомијата помеѓу духовното и политичкото е исто толку погрешна и е резултат на нецелосното внимание кон нашето еротско знаење. Зашто мостот што ги поврзува е изграден од споделеното еротско – сензуалното – тие физички, емоционални и психички изрази на она што е најдлабоко, најсилно и најбогато во секоја од нас: љубовните страсти, во најдлабока смисла на зборот.
Зад иницијалната површност, фразата „Мене ми годи“ ја препознава силата на еротското како вистинска мудрост – прва и најмоќна водилка кон какво било разбирање. А разбирањето само може да го потпомогне и разјасни тоа длабоко втемелено знаење. Еротското го негува и задојува сето наше најдлабоко знаење.
Еротското за мене функционира на неколку начини. Најпрво, нè снабдува со моќта што произлегува од секој интимно споделен потфат со друга личност. Споделената радост, без разлика дали е физичка, емоционална, психичка или интелектуална, гради мост помеѓу споделувачите којшто може да биде основа за да разберат голем дел од она што не го размениле и да ја намали заканата што се јавува поради нивната различност.
Друг важен начин на кој функционира еротското поврзување е отвореното и бестрашно нагласување на мојот капацитет за радост. Како што моето тело се издолжува во ритамот на музиката и се отвора во одговор, слушајќи ги своите најдлабоки ритми, така и секое ниво на кое чувствувам се отвора кон еротски задоволувачкото искуство – без разлика дали танцувам, местам полица за книги, водам љубов, пишувам песна или промислувам некоја идеја.
Ова самоповрзување, кога е споделено, е мерка за радоста за која знам дека сум способна да ја почувствувам – потсетник за мојот капацитет за чувствување. А тоа длабоко и незаменливо сознание за мојот капацитет за радост бара целиот мој живот да го живеам низ сознанието дека таквото задоволство е возможно, и дека не мора да се нарекува ниту маж, ниту брак, ниту бог, ниту пак задгробен живот. Ова е една од причините поради кои еротското влева страв и завршува протерано во спалната соба, кога воопшто е препознаено. Зашто штом еднаш почнеме подлабоко да ги чувствуваме сите аспекти од нашиот живот, почнуваме да бараме и од себе и од своите животни заложби да бидат во склад со таа радост за која знаеме дека сме способни. Нашето еротско знаење нè оснажува, станува призма низ кои ги преиспитуваме сите аспекти од нашето постоење и нè принудува искрено да ги оцениме според нивното вистинско значење за нашите животи. А тоа е голема одговорност, што произлегува одвнатре кај секоја од нас, да не се задоволуваме со она што е прикладно, површно, со она што вообичаено се очекува или она што делува сигурно.
За време на Втората светска војна купувавме запечатени пластични коцки бел, безбоен маргарин со ситен пелет со жолта боја положен како топаз во хартиеното пакување. Ќе го оставевме маргаринот некое време да омекне, а потоа ќе го стисневме малиот пелет за да го скршиме внатре во ќесата и ќе ја ослободевме јарката жолта боја во меката, бледа маса маргарин. Потоа, внимателно ќе го земевме меѓу прстите и нежно ќе го замесевме напред-назад, одново и одново, сè додека не ја разнесевме бојата низ пакетчето маргарин и не го обоевме целосно.
Еротското го сметам за едно такво јадро внатре во мене. Ослободен од јакиот, но ограничувачки пелет, протекува и го бои мојот живот со една таква енергија што ги изострува, засилува и продлабочува сите мои искуства.
Нѐ воспитале да се плашиме од она да внатре во нас, од нашите најдлабоки копнежи. Но, штом ги препознаеме, оние што не ѝ користат на нашата иднина ја губат својата моќ и можат да се променат. Стравот од нашите желби ги прави сомнителни и моќни без поента, бидејќи кога потиснуваш некоја вистина, ѝ даваш моќ отаде издржливоста. Стравот дека не можеме да се издигнеме над какви било изобличености што ќе ги откриеме кај себе нè држи покорни, верни и послушни, дефинирани однадвор, и нѐ тера да прифатиме многу аспекти од нашата угнетеност како жени.
Кога живееме надвор од себе, а под тоа мислам водени само од надворешни директиви наместо од нашето внатрешно знаење и потреби, кога живееме надвор од оние внатрешни еротски водилки, тогаш нашите животи се ограничени од надворешни и страни форми и се прилагодуваме на потребите на една структура која не се базира дури ни на човекови, а камоли на индивидуални потреби. Но, кога ќе почнеме да живееме од внатре нанадвор, во допир со моќта на еротското во нас, дозволувајќи ѝ на таа моќ да ги информира и осветли нашите делувања врз светот околу нас, тогаш полека стануваме одговорни кон себе во најдлабока смисла на зборот. Зашто, како што почнуваме да ги препознаваме нашите најдлабоки чувства, така престануваме, од потреба, да се задоволуваме со страдање и себеодрекување, или со отрпнатост како единствена замена во нашето општество. Нашите делувања против опресијата стануваат неразделив дел од себството, мотивирани и оснажени одвнатре.
Во допир со еротското, сѐ помалку сум спремна да ја прифатам беспомошноста, или оние наложени состојби на бидување што не се својствени за мене, како што се откажувањето, очајот, себепоништувањето, депресијата, одрекувањето од себе.
И да, точно дека постои хиерархија. Различно е да бојосуваш црна ограда и да пишуваш песна, но само во поглед на квантитетот. А јас не правам разлика помеѓу тоа да пишувам песна и да се поместам на сонце наспроти телото на жената што ја љубам.
Така стигнувам до последната примена на еротското. Да се сподели моќта на нашите поединечни чувства не е исто со тоа да се искористат туѓите чувства како истрошено шамиче. Кога гледаме настрана од сопственото искуство, еротско или инакво, ги искористуваме наместо да ги споделиме чувствата на оние што го делат искуството со нас. А користењето без согласност од искористениот/-ата е еднакво на злоупотреба.
За да ги примениме нашите еротски чувства, прво мора да ги препознаеме. Потребата да се сподели некое длабинско чувство е човекова потреба. Но, во склоп на евроамериканската традиција, оваа потреба се задоволува преку извесни препишани еротски средби. Овие поводи речиси секогаш се проследени со симултано вртење глава, со преправање дека се работи за нешто друго – дали религија, масовно насилство или играње „доктор“. Токму ова погрешно именување на потребата и чинот води кон изобличувањето што резултира со порнографија и разврат, односно злоупотребата на чувствувањето.
Кога ја занемаруваме важноста на еротското во развојот и одржувањето на нашата моќ, или кога се занемаруваме себеси додека ги задоволуваме своите еротски потреби заедно со другите, се искористуваме едни со други како објекти на задоволство, наместо да ја споделиме нашата радост во задоволувањето и да се поврземе низ нашите сличности и разлики. Да се одречеме од свесноста за она што го чувствуваме во даден момент, колку и да ни се чини прикладно, значи да се одречеме од голем дел од искуството и да го сведеме чинот на порнографија, злоупотреба и апсурд.
Еротското не може да се почувствува на втора рака. Како црна лезбејка и феминистка, делам специфични емоции, знаење и разбирање со сестрите со кои лудо сум танцувала, играла, па дури и сум се борела. Ова длабоко соучество често било предвесник за заедничките делувања кои претходно биле невозможни.
Но, овој еротски полнеж не го делат толку лесно жените што продолжуваат да дејствуваат под крилото на ексклузивно евроамериканската машка традиција. Знам дека мене не ми беше достапно кога се обидував да ја прилагодам сопствената свест на овој начин на живеење и чувствување.
Само што, овојпат, среќавам сè повеќе жени што се поистоветуваат со жени (women-identified women) доволно храбри да ризикуваат и да го споделат електричниот полнеж на еротското без да го тргнат погледот и без да ја изобличат неверојатно моќната и креативна природа на таа размена. Препознавањето на моќта на еротското во нашите животи може да ни даде енергија да се бориме за вистинска промена во светот, наместо да се задоволиме со промена на ликовите во старата, истрошена драма.
Зашто не само што доаѓаме во допир со нашиот најдлабок креативен резервоар, туку правиме нешто женско и самоуважувачко наспроти едно расистичко, патријархално и антиеротско општество.
Одри Лорд (1934-1992), американска писателка и самопрокламирана „црна жена, лезбејка, феминистка, мајка, воинка и поетеса“. Авторка на десетици збирки поезија и проза, добитничка на национални и интернационални награди и една од основачките на Kitchen Table: Women of Color Press.
Водена од антиаскетското барање (женската) желбата да биде осознаена и сензуалноста признаена, Лорд го пишува овој култен есеј во 1978 г. како одговор на дебатите на вториот феминистички бран за тоа дали порнографијата ја создава и одржува во живот сексуалната опресија. Со преосвојување на женската еротичност од патријархалната и расистичката култура на злоупотреба, Лорд повикува на остварување на еротското како самоодговорен извор на женска моќ. Лоцирајќи ја таа моќ во женското препознавање на еротскиот резервоар во себе, таа ги заматува границите помеѓу сензуалното и чувственото, наспроти секојдневното, професионалното, политичкото, друштвеното… Обраќајќи им се на сите жени, без разлика на нивната сексуална ориентација или родов идентитет, Лорд нѐ кани да го истражиме еротското како креативна сила која води до револуционерна (индивидуална и колективна) трансформација.