Отсекогаш сум сакала научна фантастика и фантазија, а дури мислам и дека имав обиди да пишувам во тој стил кога бев мала. Не можам точно да препознам кога сум одлучила дека фантазијата е помалку важна од рационалноста и зошто, но во некој момент почнав да ја заменувам со она што во тој момент ми се чинеше како „правилно“. На пример, повеќе сакав да критикувам отколку да сонувам. Ми се чинеше побезбедно да бидам цинична отколку да имам верба. Така светот полесно ме сфаќаше сериозно отколку кога сум радосна. Впрочем, тоа сѐ уште е така.
Сега сум официјално возрасна и посакувам да се вратам на искреноста и игривоста на замислувањето, но тоа не е воопшто лесно. Овој чекор ми се чини подеднакво фантастичен како и светот за кој пишувам, но и поеднакво неопходен, како и времето поминато во оплакување, околу кое е изграден тој замислен свет. За среќа, овој жанр, кој иако го содржи зборот научна, ми дозволува да правам избори во светоградењето кои не морам да ги оправдувам со логиката на светот во кој живеам. Но и самиот избор да пишувам научна фантастика ми дозволува да замислувам и чувствувам, без да го оправдувам тој избор пред овој свет пред кој сѐ помалку сакам да се правдам. Како некое внатрешно востание, кое одбива да биде згаснато.
Сепак, се прашувам: колку ќе се осмелам да замислувам? Дали ќе се препуштам на својата фантазија и ќе ја замислам најоптимистичната можна иднина, или ќе се обидам да се ограничам на некаква си разумна каузалност? Што воопшто е најоптимистично за мене, сега и овде?
Додека го пишував текстот, постојано влегував и излегував од него: само што ќе му се препуштев и ќе се задлабочев, ми се вклучуваше еден глас: „Не мислиш ли дека ова е малку cheesy?“, „Те молам пред да пишуваш вакви работи провери дали е ова воопшто возможно“, „Зошто се обидуваш да погодуваш, кога можеш да прочиташ што предвидуваат научниците?“ и веднаш ме враќаше во 21 век, во кој ниту сум вистински радосна ниту навистина оплакувам.
Што е толку погрешно во тоа да замислувам свет кој од денешна перспектива ми се чини cheesy? Зошто разумот е толку порелевантен од посакувањето? Што се плашам дека ќе се случи ако не се цензурирам? И тогаш ми стана јасно – ова е истиот страв што го чувствував отсекогаш – стравот дека нема да бидам сфатена сериозно. „Не сакам да знам што предвидуваат научниците. Не сакам да бидам разумна. Сакам да знам што посакувам“, си одговорив самата на себе и продолжив да пишувам.
Не знам дали сум доволно храбра за да не се цензурирам, дури и во замислен свет. Забраните се тешки за надминување, бидејќи без разлика кој ни ги наметнал, мораме сами да ги тргнеме. Но насловот, позајмен од истоимената поема на Џ. Дру Ланам (J. Drew Lanham), ме поттикна да гледам на радоста како на нешто што ми припаѓа, а не како на нешто што ќе го заслужам ако сум „доволно добра“. Затоа, замислувам меѓусвет кој се раѓа во урнатините на овој во кој живееме сега. Време и простор за оддишка и оплакување, за чувствување сѐ и бавно, но и неминовно оживување.
***
„Ќе бидеш ли со мене додека ми се крши срцето?“ – ја прашав лежејќи на подот, едвај поместувајќи се, доволно за да можам да ја погледнам.
„Знаеш дека секогаш сум со тебе. Но, не можам да го направам ова наместо тебе. Никој не може. Колку подолго лежиш таму, толку потешко ќе ти биде да станеш, да се движиш или на каков било начин да бидеш дел од овој свет“, рече таа трпеливо и фрли уште едно дрво во огнот. Веќе беше прежешко, но огнот ни беше добар придружник во оваа ситуација. Нѐ потсетуваше дека мораме да ги прихрануваме светлината и топлината кои ни се неопходни за да преживееме.
Не ѝ одговорив ништо. Телото ми беше здрвено од страв, а срцето ми биеше брзо како стампедо кое се спушта по планина. Силно ги стиснав очите и посакав да заспијам толку длабоко што ќе се разбудам во друга реалност.
Кога станав, веќе беше мрак. Таа спиеше до мене под стариот костен, на чии натежнати гранки го беше префрлила нашиот термоизолациски заштитен слој. Изгледаше мирно додека спиеше, а срцето ми се кинеше од тага и горчина бидејќи се чувствував како да сум некаде многу далеку, иако имаше само неколку сантиметри помеѓу нас. Го презирав ова чувство, а уште повеќе се презирав себеси кога го чувствував.
Станав и отидов кон видиковецот за да ја погледнам долината на Скопје. Депониите светеа портокалово, но сѐ останато беше темно. Небото беше ведро, без месечина. Ги гледав старите сателити и се прашував дали милијардерите се сѐ уште живи во нивната вселенска арка во орбитата на Марс.
Слушнав чекори во шумата зад мене. Кога се свртев, пред мене стоеше мала срна и преплашено ме гледаше. Седев мирно за да не ја уплашам и гледајќи ја в очи, се обидував да си го смирам срцето и да дишам најтивко што можам, за да почувствува дека е безбедна со мене. Останавме така неколку минути. Најпрвин ѝ се смени положбата на телото. Веќе не стоеше спремна за бегање, туку се исправи и опушти. Почувствував како ѝ се намали стравот. Останав така, на коленици пред неа, додека таа не седна и ја спушти главата наземи. Имаше крв зад ушите. Ѝ пријдов полека и ја галев по грбот за да ѝ покажам дека може да му верува на мојот допир. Во мракот не можев добро да видам каква ѝ е повредата, но можев да ја почувствувам крвта врз нејзиното крзно. Ја зедов кутијата за прва помош од мојата торба и ја најдов куркумата. Истурив едно цело шишенце врз површината каде што имаше крв и потоа ставив капки од невен. Целото тоа време, таа мирно лежеше до мене. Бев еуфорична – таа стана мојата прва роднина од нејзиниот вид.
Срцето повторно ми биеше брзо, но овој пат од возбуда. Останав до неа уште некое време. Се присетив на првиот пат кога ја читав книгата на Лучиа Дел Соле, издадена кратко пред Големиот пад во која пишува за мудроста на живиот свет, заемноста на видовите и условите кои се потребни за тие да научат да комуницираат меѓу себе. Лучиа вели дека нашите меѓусебни врски се многу побогати од она што во тој момент го знаеле. За да можеме да си ги научиме јазиците, неопходно е да бидеме многу бавни и мирни, внимателно и љубопитно да ги наостриме нашите сетила и да дозволиме знаењето да дојде до нас, наместо да се обидуваме да го уловиме, како што правеле во нејзината ера. Според неа, животните зборуваа преку телата, растенијата преку просторот, предците преку пејзажот, а преку климата ни зборуваше Земјата. Јазикот на микроорганизмите и на габите Лучиа сѐ уште не го беше насетила. Човечкиот јазик интегрираше некои од овие димензии, на пример телото, просторот и времето, но ние сѐ уште учевме како да ги слушаме и да се изразуваме преку нив.
За да научиме да го забавиме времето, Лучиа нѐ учеше за разликата помеѓу реакција и одговор. Да бидеме доволно бавни значи да не реагираме, туку да одговориме. На пример, за да запалиш оган со кибрит, мораш да го протриеш чкорчето од соодветната површина. Но, за да запалиш оган со триење, без алатки спремни за таа цел, мораш да знаеш што во твоето опркужување е способно да создаде доволно топлина за да гори, па потоа да се обидеш со внимателно триење да запалиш оган. Реакцијата е чкорче кое секогаш ќе произведе пламен. Одговорот е знаење што е потребно за да се создаде оган. Старото време, пред Големиот пад било реакција. Новото време, нашето време, е одговор.
Но, јас веќе предолго го чувствувам старото време во мене. Чувствувам товар и болка кои не умеам да ги именувам.
Сѐ уште возбудена и растреперена се вратив под стариот костен и легнав до неа со погледот вперен нагоре.
„Ти ги слушам мислите како капки пороен дожд врз лимен кров,“ ми рече со сонлива насмевка.
„Мислам дека комуницирав со срна,“ ѝ шепнав со несигурност.
„Ха!,“ рече таа и се сврте кон мене. „Чувствуваш дека ја разбра?“
„Дааааа…“ одговорив, плашејќи се да прогласам дека се случило нешто од таков размер.
„Мислам дека ова е повик на кој треба да одговориш. Во спротивно, мислам дека овој товар ќе го носиш засекогаш.“
„Знам,“ реков издишувајќи. „Ќе тргнам изутрина.“
Следната вечер првпат стапнав во Матка, населбата на моите предци. Моите роднини се населиле тука веднаш по Големиот Пад, заедно со голема група луѓе и животни кои бегале од високите температури во котлината. Додека пешачев натаму, пејзажот се менуваше навестувајќи ми кон што чекорам: остри и стрмни карпи исправени над тесни и темни клисури, длабоки, мрачни шуми, широки пространства изгорени од дивиот оган.
Стигнав на зајдисонце, спуштајќи се низ стрмната клисура заедно со сонцето кое заоѓаше. Нивните куќи беа изградени низ карпите, со стотици дрвени скалила кои ги спојуваа едни со други и се спуштаа до брегот крај езерото. На брегот имаше огниште, а зад него беше влезот во пештерата.
Луѓе, срни, желки и птици беа насобрани околу огништето во кое светеше тивок оган и слушаа како една од нив им зборува. Полека се приближив за да ја слушнам, без да ја прекинам.
„Ова е наш свет. Не бегаме од болката затоа што радоста е нашата правда. За да можеме да одбереме да се радуваме, мораме прво да одбереме да чувствуваме сѐ. Нашите чувства се постари од сите нас, во нив се содржат приказните на генерациите кои нѐ донеле дотука. Мораме да се придружуваме едни со други на тој пат низ времето,“ им зборуваше внимателно.
Почувствував како телото да ми тоне во ситните камчиња. Брегот ме држеше. Седнав, ги затворив очите и длабоко издишав.
Кога завршија, една жена се придвижи кон пештерата. Застана пред нејзиниот влез, се сврте кон мене и ми гестикулираше да ѝ се приближам. Кога стигнав до неа, љубопитно ме праша:
„Што те донесе тука?“
„Дојдов да ја разберам мојата болка,“ ѝ одговорив. „Мислам дека моите мајки биле меѓу првите жители на вашата населба.“
Нежно се насмевна и ме погледна в очи: „Не постои болка која е само твоја. Добре дојде, роднино,“ ми одговори таа и ме покани да влезам внатре.