Вирџинија Вулф зборуваше за неопходноста да се има сопствена соба. Соба како средство или лична територија каде што би можеле да пишуваме, да читаме, да ја раслојуваме реалноста, да собираме енергија за да учествуваме во неа, таму да стануваме независни и, најпосле, свои.
Можеби не сите сме секогаш во можност да имаме сопствена соба, но, во најмала рака, можеме да сториме нешто околу личното време. Да си резервираме неколку часа во денот коишто по секоја цена ќе бидат за онаа активност што нам ни е важна, а најчесто ја прескокнуваме поради регуларните работни или фамилијарни обврски. Ова подразбира ако треба и крвнички да се одбрани тоа толку скапоцено лично време, од сите природни и неприродни појави, човечки и натчовечки, а понекогаш тоа може да биде и од вашата вечно ненајадена мачка, која баш во моментот кога ќе седнете на столчето да пишувате расказ, доаѓа да ги наостри шепите од вашите бубрези и со тоа да ве врати во реалноста, да ве потсети дека нема толку лесно да ја завршите клучната сцена што сте ја мислеле во глава веќе цела недела.
Пред некоја година решив бескрупулозно да го бранам личното време, да не ја игнорирам потребата да им се посветам на нештата кои ми значат. Важно ми е да го исполнувам тоа малку слободно време што ми останува на начин кој мене ми годи, па макар и некој ми се налутил: да читам, да пишувам, да возам велосипед, да отидам и сам на пијачка во омилениот бар. Како инаку би преживеал во овој глупав свет во кој постојано тонеме?
Пишување додека светот бавно се распаѓа
Гледајќи наназад во историјата, светот постојано бил во некаква фаза на распад, барем кога се во прашање индивидуалните искуства и приказни. Војните можеби не секогаш нѐ засегаат нас директно, но тие менуваат нечии судбини и светови и за тоа е потребно да се пишува.
Унгарската писателка Агота Кристоф пишувањето го споредува со болест (I write. It’s like a disease). Таа мора да пишува, во земја во која не го познава јазикот, онаму каде што пребегнува за време на Советската окупација на Унгарија во педесеттите. Имала дваесетина години кога присилно била разделена од семејството – безбедниот свет околу неа најверојатно набрзина колабирал.
Агота Кристоф пребегнува во Швајцарија. За да преживее, работи во фабрика. Ја замислувам како пишува во доцните вечерни часови, откако ѝ завршила баналната смена, склопчена над големите тетратки, решена дека нема толку лесно да пропушти приказната да ѝ се лизне во амбисот. Пишува бидејќи тоа е потреба поголема од животот. Пишува на француски, на туѓиот јазик, а недоволното познавање на јазикот го лишува текстот од големи, украсни зборови. Сепак, тоа функционира. Генијалниот ум на оваа писателка истрелува реченици остри како пикадо. Прецизно ни ги отсликува болката, горчината и бесмисленоста на светот распарчен од војната: сенка која паѓа од нејзината реалност.
Италијанскиот автор Примо Леви, кој, пак, го преживува Аушвиц, е првиот хроничар за искуствата во смртните кампови. Пишувањето не му е примарна вокација. Бил хемичар, а пишувал за време на викендите. Го замислувам како тоа го прави со извонредна дисциплина, како седи зад своето биро цврст како карпа и чука на машината за пишување. Никој толку реално не ни ги доближил ужасите што ги преживеале логорските заточеници. Со мене останува сликата на потонатите и избавените, додека прегладнети сркаат од смрдливата супа, без каков било прибор, а во соседната соба седат спакувани илјадници сребрени лажички што нацистите ги собрале од нивниот багаж.
Книгите на Примо Леви се потресно читателско искуство. Претпоставувам дека опишувањето на смртните кампови за него било и еден вид мисија – да не се заборави Холокаустот. Го шокира светот кога посегнува по сопствениот живот, во 1987 година, на свои 67 години. Зошто ли го прави тоа четириесетина години по Аушвиц?
Додека продолжува геноцидот во Палестина, не можам а да не си го поставам прашањето: дали ќе се појави некој/а како Примо Леви, кој/а интегрално ќе ја опише монструозноста, овој пат од израелската страна, и одново ќе праша: „Дали е ова човек?“
Читање антиполитички есеи на нудистичка плажа
Важно е да се биде себичен дури и на оние места каде што тоа баш и не се очекува од нас. На пример, кога се оди некаде на викенд или на летен одмор. А токму на тие места ослободувањето на умот може да биде дотолку помоќно.
Особено не се очекува од нас да читаме „потешка артилерија“ на место како нудистичка плажа. Првпат се најдов на таква „срамна“ плажа пред десетина години. Мала, прилично интимна, со малку посетители, на островот Тасос. Таму си, со пријателите, природата, карпите, морето, сонцето, сенките од високите зимзелени дрвја и повремено другите, непознати нудисти, затскриени и тие во далечен агол од плажата – и самите бараат место подалеку од сите. Погледот ми оди кон еден помал остров испрчен недалеку од брегот, налик на џиновска школка или мал вулкан, но и кон другата плажа, онаа ординарната, од каде што повремено надоаѓа придушено ехо од некој актуелен хит – тоа лето доста често можеше да се чуе „Starships“ на Ники Минаж.
Се сеќавам на две дилеми со кои се соочив на таа плажа. Првата беше разголувањето и останувањето гол, без ниту едно парче облека на себе, а со тоа и соочувањето со сопственото тело и со сите негови несовршености. На почетокот, сосема колебливо, срамежливо ги спуштав надолу купачите. Се чувствував како вкочанет скакулец кој одбива да го направи следниот скок. Бев желка која се крие во оклопот без желба да мрдне наоколу. Сидро беспомошно фрлено на брегот. Не сакав да прошетам гол по остатокот од плажата, да почувствувам како ми жежи на табаните, да истражам нова точка од малото природно царство околу мене. Се срамев од себеси? Најверојатно да.
Додека, пак, другата дилема беше: што да се чита? Што би било пригодно за нудистичка плажа? Лесен роман, авантуристичка приказна во стилот на „Плажа“ од Алекс Гарланд? Сепак се дрзнав да направам поинаков избор. Една од книгите што ги носев со себе на тој одмор беше „Култура на лагата“ од Дубравка Угрешиќ.
Со читањето на Дубравка започнав слично како и со соблекувањето. Колебливо, се двоумев дали сум направил правилен избор. Да не сум згрешил нешто при изборот на т.н. антиполитички есеи? Во ред ли е да се чита ваков тип литература по нудистички плажи? Сепак, таа прекрасна плажа ме мами, ми прави задоволувачки привид на отсеченост од цивилизацијата. Нема интернет на телефонот, ниту Wi-Fi сигнал во близина. Плажата се претвора во вистинското место да се исчитува Угрешиќ. Со секој нов ден, со секое одново враќање на таа плажа, напредувам низ страниците на книгата, а истовремено и со прифаќањето на своето тело – полесно ги фрлам купачите на земја.
Зборовите на Угрешиќ како да имаат катарзичен ефект при ова несекојдневно читање. Ме ослободуваат од нешто. Не знам од што точно, но во тој период доста работи ми жежат во глава, дел поврзани и со тогашните политички случувања во земјава. Читајќи ја Дубравка ми се подобјаснуваат важни општествени појави или небулози, врзани и за „личното“ и „интимното“, како и темите за војната и кичот, плус одредени блескави симболики, на пример, онаа за фикусот.
Тогашното читање на антиполитичките есеи на Угрешиќ ќе ја дефинира мојата политика постојано да избирам книги од проникливи, храбри, скокотливи авторки кога одам некаде на плажа. Пред некоја година, тогаш на обична плажа, го исчитувам македонскиот превод на „Штефица Цвек во челустите на животот“. Се смешкам на сцената каде што нашата антихероина собира грашок од кујнскиот под. Подзаборавам да го преместам кафето под сенка. Се претворило во горчлива пена од припекот на сонцето, колку да ми се собере устата на следната голтка.
На геј-нудистичка плажа во Италија тонам во документарните раскази на Ана Марија Ортезе во „Морето не го заплиснува Неапол“. Мрачната имагинација што ја евоцира оваа авторка ми прави апсолутен контраст со блескавиот сјај на морето и игривоста на голите машки тела во мојот видокруг. Во Албанија, недалеку од фамилијата каде сопругата седи со бурка на плажата додека нејзиниот маж удобно се лади по шорцеви, ја дочитувам Фланери О`Конор. По лицето ми течат бразди пот, а во главата речиси можам да слушнам како му крцнува ’рбетот на г. Гузјак во расказот „Раселено лице“. Летово, на повеќе плажи на Халкидики, небаре вршам некаков криминал, ја читам „Мојата генијална пријателка“ на Елена Феранте. Таму некаде при крајот посакав да ја фрлам книгата во морето.
Се сеќавам на уште вакви бесценети читателски искуства, на најразлични плажи. Понекогаш ќе се соочам со чудниот поглед на некој странец, другпат со осудувачкиот поглед на некој од пријателите. Но не ми е важно ниту дали тие со кои сум заминал на одмор од мене очекуваат почесто да им се придружам во водата, наместо да ме гледаат како читам. Во тие мигови, повторно сум можеби малку себичен, но и одново блиску до себеси. Тука сум, седам во центарот на мојот свет, а умот се ослободува. Среќен сум што го правам ова за себеси. Посакувам секој да го пронајде својот начин да земе здив, да остане буден, да остане жив.
Есејот е објавен во нашата печатена публикација, „Без здив“ (2024)