Започнува, како што сето започнало.
Нешто итало да се искуси себеси. Не го паметиме ова напуштање. Како човештво, сакаме да замислуваме секакви сценарија, драми и дадени улоги за тоа како дошло до зачнувањето живот. Најспектакуларното објаснување започнува со голема експлозија. Долу на Земјата не е особено спектакуларно.
Во секој случај, се случило спојување и настанал универзумот. Си настанала ти.
Креацијата во себе го содржи сиот потенцијал на искуството. Во неа чекаме да Бидеме. Имаме сеќавања за овој простор, но немаме секогаш пристап до нив, ги чуваме на темно како во матката. Ова е првото напуштање.
Низ порталот на матката или низ резот на стомакот, напуштаме сѐ што знаеме за да го искусиме незнајното. Болно е ова напуштање, да бидеме две, кога сме биле едно. Плачеме, ова е првата болка, првиот здив. Нашата прва воздишка. Некогаш се држиме долго и не сакаме да пуштиме, некогаш сме напуштени и оставени сами на себе од самиот почеток. Ова го нарекуваме судбина.
Кога ја забораваме љубовта, се забораваме себе.
Секое напуштање е судбина и преку секое напуштање се наоѓаме себеси. Напуштаме некое старо јас за да најдеме ново јас кое е цело, иако се одвоило од тоа што било. Напуштаме мал простор што ни е цел свет за да откриеме голем простор во кој светот го создаваме ние.
Ги напуштаме прегратката и безбедноста на раката која нѐ држи за да искусиме независност. Првите чекори и првите падови нѐ дефинираат. Ги напуштаме школските клупи каде учиме што е светот, за да откриеме што сме ние во светот. Чекорите и падовите нѐ дефинираат.
Го напуштаме матичниот дом за да го најдеме својот. Ја напуштаме првата љубов и секоја следна, кога веќе не се препознаваме во неа. Ги напуштаме пријателствата поради сите начини на кои не сме пријатели. Повторно се спојуваме и губиме, за да се најдеме.
Напуштаме, некогаш ни се чини прерано, некогаш предоцна, некогаш во точното сурово време. Ги напуштаме ветувањата, очекувањата и нашите соништа. Ги напуштаме улогите, идентитетите, како змија што ја менува кожата, за да ги најдеме вистините. Напуштаме против своја волја, кога се држиме очајно. Напуштаме, затоа што не се препознаваме веќе.
Ја напуштаме нашата природа, крволочно.
Имаме објаснувања зошто, но копајќи секогаш ќе пристигнеме до точката каде сме се напуштиле себеси, нашата совест и свест.
Кога ја забораваме љубовта, се забораваме себе.
Се напуштаме себеси кога сме си премногу и бараме нешто или некој да нѐ направи помалку. Се напуштаме кога се немаме себеси и се обидуваме да се наполниме. Се напуштаме, кога не можеме да се носиме. Се напуштаме упорно, кога си требаме. Се напуштаме себеси во другото, затоа што копнееме да припаѓаме.
Зад секое напуштање, зад секое заборавање, копееме да се најдеме одново, да се запознаеме и споиме, потенцијално, во Љубов.
Ова е свет што го создаваме заедно.
Секое напуштање го носи во себе потенцијалот да бидеме тоа што сме. Како на почетокот, така и низ вечноста, или барем во овој човечки животен век. Со секоја издишка, нешто завршува, нешто нѐ напушта. Во секое вдишување лежи потенцијалот на универзумот. Потенцијалот што си ти. Во светлината и отаде темнината, колку е драгоцено што сме тука. Вдишуваме, издишуваме, повторуваме, (си) простуваме и продолжуваме. Овој универзум кој сме ние, со живот го вдахнуваме.
Ова е (нов) свет што го создаваме заедно.
Не заборавај да дишеш.
Текстот е објавен во нашата печата публикација „Без здив“ (2024).