фотографија: Cindy Sherman – Untitled Film Stills #52, 1979
Само годинава преживеав седум романтични разочарувања. Понекогаш вината беше моја, како што вели мајка ми во обид да ме заштити: „Прво грижи се за себе!“ Но што кога односите не се само рационален избор, туку потреба и копнеж водени од емоции со ризик да бидеме разочарани? Во нашата реалност во која дигиталните и дејтинг платформи го редефинираат интимното и ги сведуваат односите на брзи, речиси трансакциски размени, секој нов обид за блискост или романтични средби сѐ повеќе ме изморува.
Многу често, на овие дејтови се фаќам како седам со маж кој непрекинато зборува за себе додека полека ме обзема емоционална празнина и почнувам да се дисоцирам од просторот во кој се среќаваме. Се затекнувам како божем слушам, климам со главата и се насмевнувам во одмерени интервали. Понекогаш разговорите се искрени, но неретко ми се чини дека сум заглавена во еднонасочна размена и не можам да излезам од улогата што жените околу мене ја играле со години – на семејни вечери, на работни состаноци, во интимни релации – ставени во функција на емоционален ресурс со својата тивка поддршка и искрена заинтересираност. Се прашувам, од каде таа потреба постојано да даваме, да слушаме, да бидеме присутни дури и кога не добиваме (речиси) ништо за возврат?
Последниве децении, темата за емоционалниот и еротскиот труд што го вложуваат жените е доста актуелна меѓу феминистките. Во интимната економија на патријархалните релации, овој женски труд е натурализиран до степен што го прави невидлив, но неопходен за одржување на женската потчинетост и машката доминација. Во овој контекст, овој текст претставува еден експериментален дијалог меѓу два комплементарни теоретски гласови што го преиспитуваат емоционалниот и еротскиот женски труд.
Прва е книгата Femininity and Domination: Studies in the Phenomenology of Oppression („Женственост и доминација: феноменолошки студии на опресијата“) на Сандра Бартки од 1990-та, особено поглавјето “Feeding Egos and Tending Wounds: Deference and Disaffection in Women’s Emotional Labor”, каде што ја проблематизира несебичната емоционална грижа што ја пружаат жените и го поставува прашањето дали токму овој грижлив труд ги прави жените поранливи на патријархалните општествени сили и ги држи потчинети. Во втората книга, The Right to Sex: Feminism in the Twenty-First Century (2021), теоретичарката Амиа Сринивасан воведува т.н. „критика на желбата“ низ која покажува како многу еротски копнежи на жените се всушност производ на општествено наметнати фантазии и норми што ја потврдуваат машката привилегија во интимните односи.
И двете мислителки тврдат дека иако грижата и копнежот може да ни изгледаат како најискрени и најлични чувства на светот, тие се и те како политизирани и често функционираат како невидливи механизми за одржување на патријархалната моќ. Притоа, сакам да нагласам дека ниту мојот текст ниту Бартки и Сринивасан не ги критикуваат жените како „виновнички“, туку ги истражуваат структурите што ги регулираат и трансформираат нивните најдлабоки чувства во невидливи окови на потчинетост.
Водена од личните искуства на емоцинална празнина предизвикана од уште еден незадоволителен дејт, во овој есеј ќе се обидам да разберам како, честопати без наша свесност, токму нашата грижа и желба се искористени за зацврстување на машката доминација.

Cindy Sherman – Untitled Film Stills #10, 1978
Бартки за емоционалниот труд и себеотуѓувањето
Во поглавјето “Feeding Egos and Tending Wounds: Deference and Disaffection in Women’s Emotional Labor”, Бартки (1990) ја анализира емоционалната грижа како вид на труд којшто жените несразмерно го вршат во споредба со мажите во рамки на семејството, приватниот и интимниот живот. Таа опишува како жените се навикнати да им обезбедуваат „емоционална поддршка“ на мажите: да им го одржуваат духот, да ги сослушуваат нивните маки и „да им ја потхрануваат самодовербата“ (102). Како што вели Бартки, улогата на „негувателката“ (како што ја нарекува жената/сопругата што се грижи) е „да го увери мажот во вредноста и значењето на неговите избрани проекти, а со тоа и во вредноста и значењето на неговата сопствена личност“ (102). Во пракса, тоа значи дека жената низ утеха и охрабрување го одржува партнерот фокусиран на неговите сопствени цели и лични квалитети. На површина, ова изгледа како алтруизам: жена која тивко се грижи за емоционалните потреби на својот маж. Но Бартки нè поттикнува да го согледаме подлабокиот и позадински ефект: нејзината континуирана грижа постојано му напомнува на мажот дека тој е најважен и му го потврдува авторитетот во релацијата.
Внимателната грижа што ја даваат жените така станува облик на симболична покорност. Секој грижлив гест – смирувачки збор, уверувачки допир, внимателна насмевка – е „подарок“ што го потврдува авторитетот на мажот. Бартки забележува дека вообичаените однесувања при пружањето грижа се истите гестови како оние на подреденост во статусна хиерархија: сочувствително наведување на главата, наведнување на телото нанапред, постојан контакт со очи, охрабрувачка насмевка… Искреноста на жените преку која ја покажуваат својата приврзаност во реалноста на извесен начин го признава општествениот примат на мажот поради нерамноправните односи на моќ.
Притоа, Бартки свесно го истакнува заводливиот карактер на ваквиот труд. За жената, оваа улога може да биде „наградувачка“ (rewarding), односно сама по себе вредна за вложениот труд. Бартки забележува дека, иако љубовта и грижата што жените ги пружаат им даваат чувство на исполнетост, во процесот тие често мора да се откажат од личната автономија, и, што е уште поважно, таа грижа ретко им се возвраќа (116). Додека од жените се очекува да се грижат за сите, кој, всушност, се грижи за жените? Искреноста на женската приврзаност – задоволството во тоа да усреќиш некого – е токму она што ја прави оваа ситуација тешка за критикување. Многу жени грижата ја сметаат за нешто природно и доблесно, пред сѐ бидејќи им носи емоционално задоволство и уважување. Опасноста лежи во тоа што ова пријатно чувство на награда го заматува основното неравенство. Како што предупредува Бартки, фасадата на привиден реципроцитет во пружањето грижа може да ја скрие сериозната разлика во моќта.
Бартки се надоврзува со феминистичко-марксистичка анализа којашто задира во патријархалната интимност и нееднаквата размена на трудот. Таа вели дека исто како што капитализмот го искористува трудот на работниците за да создаде вишок вредност, така и мажите го присвојуваат емоционалниот труд на жената. Мажот добива самодоверба и ветер во грб, но жената не добива еквивалентно внимание и уважување на нејзината вредност. Во ваков систем, привилегираната состојба на мажите „им дозволува да присвојуваат ‘вишок нега’ (surplus nurturance) од жените“ (100). Според Бартки, жените метафорички се работнички на „фабричка лента за грижа“: монтажната линија (врската) тече непречено за мажот, но работничката (жената) е слабо наградена во однос на емоционалниот влог. Оваа експлоатација е подмолна бидејќи е замаскирана под превезот на „природни“ родови улоги (сопружничка посветеност, мајчинска добрина…). Жените можеби и доброволно ја избираат оваа работа, но Бартки забележува дека изборот во рамките на однапред ограничена улога не е вистинска слобода, туку дека тие научиле (биле социјализирани) да наоѓаат задоволство во давањето, по цена на сопствената благосостојба.
Сепак, Бартки потенцира дека многу жени се свесни за оваа неправда и „се јадосуваат поради неуспехот на мажите да пружат [емотивна] услуга за возврат“ (103).[1] И покрај тоа, продолжуваат да го интернализираат очекувањето дека треба да бидат „давателки“ и токму оваа контрадикторност го разоткрива длабоко вкоренетото влијание на патријархалниот систем. Идеологијата на безусловна грижа ги учи жените да ги толкуваат сопствените поплаки како лични или морални проблеми, а не како дел од пошироката рамка на традиционално воспоставени родови нееднакви односи. Всушност, вистинското чувство за должност на жената и правото на мажот стануваат толку испреплетени што нееднаквоста се доживува како природна состојба на работите, а не како политички и општествено уредена.
Уште позагрижувачки за Бартки е тоа што овој еднонасочен емоционален труд може да доведе до отуѓување од личните чувства на жената преку постојано регулирање и прилагодување на сопственото емоционално изразување во однос на другиот (103). Оваа динамика потсетува на себеотуѓувањето при давање услуги на клиенти: така како што стјуардесата, принудена постојано да ја манифестира „насилна бодрост“, може да почувствува внатрешна празнина и да ја изгуби врската со сопствените чувства, така и сопругата која секојдневно ги регулира емоциите на својот партнер ризикува да се оддалечи од својот внатрешен свет и да ја изгуби личната автономија. (103).
Кога жената по навика ги става чувствата на мажот во центарот, таа тежнее „да го прифати неговото гледиште“ (111) и да се изложи на она што Бартки го нарекува „епистемолошки ризик“. Таа може да ги одобрува сите негови размислувања и планови, не затоа што се нужно точни или посакувани, туку затоа што е целосно нурната во неговата перспектива. Ова ја оневозможува или ѝ отежнува да го преиспитува и критикува неговото однесување и постапки и да носи одлуки и проценки во допир со своите реални потреби и желби. Ваквиот внатрешен конфликт не е безопасен: може да доведе до несоница, депресија или злоупотреба на супстанци во обид за справување. Колку повеќе жената искрено ја жртвува својата емоционална автентичност за другиот, толку повеќе ризикува (емотивно) да отрпне или да прегори (117).
Сринивасан за местото на женската желба во „инфраструктурата на машка доминација“
Свртувајќи се од грижата кон желбата, Амиа Сринивасан во The Right to Sex: Feminism in the Twenty-First Century истражува паралелен феномен: дали и во која мера сексуалните и романтичните желби на жените се обликувани од патријархатот. Притоа, своите размисли ги темели на тврдењето дека желбата не е само внатрешен импулс, туку е изградена од општествени сили.
Сринивасан ја воведува идејата за „инфраструктура на машка доминација“ (97) во вид на системска мрежа на норми, очекувања и односи на моќ кои наметнуваат одредени желби од жените. Таа ги поттикнува жените да размислат за тоа како, на пример, дури и чувството на љубомора и физичката привлечност може да бидат наметнати од овие структури. Сринивасан нѐ провоцира да се потсетиме кога „за првпат … ја изневеривме [нашата] најдобра пријателка за машко внимание“ и да се запрашаме дали тоа чувство навистина било природно или нешто што „од [нас] го барала инфраструктурата на машка доминација“ (97)? Притоа, Сринивасан ја третира љубомората и предавството не како спонтани карактерни слабости, туку како показатели на општествено конструирани механизми на моќ и контрола.
Едно од главните тврдења на Сринивасан е дека патријархатот е изграден врз женското посакување на мажите. Сринивасан тврди дека машката доминација се потпира на непрекинатата понуда на женска желба: ако таа исчезне, целиот систем на привилегии би се разнишал. Наместо да ја сметаме желбата за спонтана, таа нè поттикнува да ја разгледаме како општествено условена порака: патријархатот се плаши од отсуство на женска привлечност, бидејќи само преку неа мажите имаат загарантиран пристап до женските тела, труд и емоции (97). Ако женскиот копнеж испари, вели таа, мажите повеќе нема да имаат загарантиран сексуален или емоционален пристап и нивниот авторитет би бил загрозен. Токму затоа општеството мора да гарантира дека жените навистина ги посакуваат „вистинските“ мажи и притоа ги сметаат другите жени за сопернички. На овој начин женската желба е ефикасно искористена за да се одржи машката доминација: да се натпреварува за машкото внимание, во извесна смисла, значи да се инвестира во патријархалната економија на сексот.
Поради ова, жените често ги интернализираат патријархалните норми како свои што води кон еротска самоконтрола. Од мали нозе, девојчињата апсорбираат културни пораки за тоа што е убаво, секси и пожелно. Тие учат, на пример, дека само витките тела и младешките лица се сметаат за пожелни или дека жената треба да сака само одредени видови мажи (богати, моќни и/или конвенционално привлечни мажи). Овие идеали се засилуваат и повторуваат во медиумите, романсите, врсничките озборувања, па дури и во комплиментите. Како резултат на тоа, често како жени се фаќаме како ги проценуваме сопствените желби: Дали навистина ми се допаѓа овој маж или така ми налага општеството? Дали сум љубоморна на згодната жена во која гледаше моето момче или се работи за научени однесувања? Овие внатрешни прашања откриваат како функционира инфраструктурата: жените стануваат набљудувачи на сопствената желба, менувајќи ја во склад со сценариото што го одобрува општеството. Слично како себеотуѓувањето за кое зборуваше Бартки, и во судирот со желбата може да дојде до нарушување на довербата што ја имаме во сопствените чувства, постојано прашувајќи се дали се вистински и автентични.
Оваа самоконтрола ги уредува и односите помеѓу жените. Ако една жена ја привлекува маж кој општеството го смета за ‘непогоден’, другите жени може да ѝ замераат, па дури и да ја осудат. А ако таа, наместо да се спротивстави, се чувствува виновна за својата привлеченост кон некој што е ‘надвор од прифатените граници’, тоа покажува дека ги присвоила тие хиерархиски норми во својот сопствен став. Исто така, ако жените прифатат дека љубомората или конкуренцијата се неизоставен дел од освојувањето и задржувањето на еден маж, тие во суштина го прифаќаат наративот на патријархатот. Во такви случаи, „личното“ искуство на завист или копнеж на поединечна жена всушност одново ја активира патријархалната структура. Наместо да ги оспори, женската желба ги реафирмира ограничените правила на пожелност.

Cindy Sherman – Untitled Film Still #2, 1977
Трансформирање на грижата и желбата во взаемен и самоопределен однос
Ниту Бартки, ниту Сринивасан не ги осудуваат чувствата на жените како вродено погрешни – искрените емоции за нив не се грев. Напротив, тие нѐ повикуваат за почеток да ја освестиме динамиката што го обликува нашиот емоционален и еротски труд. Со тоа што ќе се свртиме кон себе, ќе можеме да ја препознаеме моменталната нерамнотежа: дали грижата и емоционалниот влог ни се навистина возвратени или земени здраво за готово и дали нашите желби се скроени според туѓите очекувања, а не според нашите внатрешни потреби.
За да ја зајакнеме сопствената автономија, потребно е да воспоставиме граници кои ќе нѐ штитат од преоптоварување. Ова не значи да станеме студени или себични, туку да признаеме дека секоја од нас заслужува и има право да добие емотивна поддршка во иста мера. Со тоа што ќе научиме јасно да ги препознаеме, а потоа и артикулираме своите потреби („Ми треба простор да го споделам и мојот ден“, „Посакувам да бидам чуена кога ми е тешко“…) градиме отворен и двонасочен однос, што создава вистинско чувство на поврзаност и споделено задоволство.
Испитувањето на сопствените желби ни овозможува да ги одделиме од културно наметнатите фантазии. Кога ќе почувствуваме силен копнеж или љубомора, свесно да се запрашаме: дали ова доаѓа од нашето срце или од идеалите што ни се наметнати? Ова внатрешно „разоткривање“ не е осуда, туку средство за самоспознавање – начин да ја повратиме власта над сопствената еротика.
Автономијата на срцето се мери не само преку слободата да чувствуваме, туку и преку правото да ја поставиме нашата грижа и желба под сопствени услови. Кога ќе ја преземеме оваа одговорност, нашиот емоционален и еротски труд станува вистинско оружје за личен раст и за градење здрава заедница. Но, ова не може да биде исклучиво индивидуален напор. Разоткривањето на патријархалните норми мора да биде и споделена одговорност — инаку, товарот повторно паѓа само на жените. Тогаш вистинската вредност на нашата грижа и желба ќе ни служи како извор на сила, наместо да ни биде одземена како „невидлива даночна обврска“ во сервис на патријархалните структури.
Како што покажуваат Бартки и Сринивасан, под патријархатот, дури и најискрените дарови на грижа и страст можат да ги затегнат женските синџири. Бартки нѐ учи дека емоционалната посветеност, колку и да е искрена, може да функционира како труд што ги отуѓува жените од себеси додека ја зајакнува доминацијата на партнерот. Сринивасан нѐ учи дека сексуалниот или романтичниот копнеж, колку и да е искрен, може да се оркестрира за да се поддржат родовите хиерархии. Двете линии на размислување доаѓаат до истиот контраинтуитивен заклучок: личното е навистина политичко, дури и во работите на срцето. Автентичните чувства на жените, кога се анализираат низ овие рамки, излегуваат како двострани – тие внесуваат љубов и доверба во врската, но и ја одржуваат структурата на патријархатот. Со тоа што ќе станат свесни за ова соучесништво, жените можат да почнат да се раздвојуваат: да ја трансформираат грижата во реципроцитет и желбата во вистинско самоизразување. Дотогаш, патријархалната моќ останува тивко вткаена во секој нежен чин и копнежлив поглед.
Референцирани книги:
Bartky, S. L. (1990). Femininity and domination: Studies in the phenomenology of oppression. Routledge.
Srinivasan, A. (2021). The right to sex: Feminism in the twenty-first century. Farrar, Straus and Giroux.
Белешки:
[1] Бартки не предлага интимните односи да станат трансакциски. Таа укажува дека општеството целосно се потпира на женската емоционална грижа, земајќи ја секогаш здраво за готово. Ако престанеме бесплатно и безусловно да ја нудиме и ако тој труд се препознае и признае, ќе стане очигледно дека без неа општеството не би можело да опстои.