Во 2024 година се случија два особено значајни настани за родовата еднаквост во спортот. Летните Олимписки игри во Париз беа првите во историјата на кои имаше целосна родова еднаквост во однос на учеството на жени наспроти мажи спортисти. Истовремено, специјалната известувачка на Обединетите Нации (ОН) за насилство врз жени и девојчиња, Рим Алсалем го објави првиот извештај за насилство врз жени и девојчиња во спортот.
Олимписките игри во Париз беа и симболичен, но и суштински чекор напред за родовата еднаквост во спортот, имајќи предвид дека учеството на жени во спортот до пред само неколку децении беше незамисливо. И покрај историјата на дискриминаторски политики, Олимписките игри во голема мера го трасираа патот за инклузивност и родова еднаквост во спортот и служат како добар пример за коригирање на историски неправедни политики.
Од друга страна, фактот дека извештајот на ОН беше прв од ваков вид на глобално ниво потврдува дека прашањето за насилство врз жените и девојчињата во спортот сѐ уште е недоволно застапено во истражувањата, политиките, но и јавниот дискурс. Притоа, постојат сериозни празнини во однос на достапноста на податоци, при што многу случаи на насилство остануваат непријавени, институциите често се неподготвени соодветно да реагираат, додека, пак, културата на молк и прикривање на случаите на насилство останува длабоко вкоренета во спортот. Според Европскиот институт за родова еднаквост, родово базираното и сексуалното вознемирување се присутни на сите нивоа и дисциплини во спортот, со застапеност што варира од 14% до 73%, со тенденција на зголемување во елитниот спорт, при што вербалното вознемирување е најчеста форма. Затоа, извештајот на ОН беше поздравен како можност конечно да се отвори сериозна глобална дебата, не само за поединечни случаи, туку и за структурните услови кои го овозможуваат насилството во спортот.
И навистина, на прв поглед делуваше како нешто конечно да се поместува од мртва точка и се отвора простор за дискусија за теми кои предолго беа маргинализирани. Извештајот на ОН стави прст во рана која со години беше игнорирана, додека Олимписките игри во Париз ја промовираа можноста спортот конечно да го тргне старото бреме на исклучување и да стане простор што навистина припаѓа секому.
Извештајот на ОН беше дочекан со големи очекувања, особено затоа што спортистките за првпат добија официјален документ што зборува отворено за сексуалното насилство, злоупотребите, малтретирањето и системскиот молк во спортот, без разлика дали станува збор за аматерски или елитен спорт. Меѓутоа, наместо дебата за насилството и одговорноста на спортските институции, јавноста и медиумите се фокусираа на деловите од извештајот во кои се изразува загриженост за „заштитата на женската категорија“ од наводни закани поврзани со учеството на транс жени и жени со полови варијации. Извештајот се сведе на идејата дека биолошките разлики, особено поврзани со хормонскиот статус и телесните карактеристики, можат да ја нарушат фер конкуренцијата во женскиот спорт.
Во извештајот се наведува дека корените на насилството врз жените лежат пред сѐ во нивните биолошки разлики од мажите и дека сѐ почестото изедначување или мешање на поимите пол и род го загрозува интегритетот на женската спортска категорија. Со други зборови, заштитата на жените се гледа пред сѐ низ призма на нивниот пол, а не низ поширокото разбирање на родот како општествена и културна категорија. Иако во извештајот се признава дека транс и интерсекс лицата можат да бидат изложени на дискриминација, генералниот тон и фокусот го претставуваат учеството на транс жените како прашање на безбедност и заштита, наместо прашање на еднаквост и вклученост.
Извештајот предизвика поларизација во феминистичките кругови. Дел од организациите и активистките го поддржаа извештајот, повикувајќи на заштита на женскиот спорт, но голем дел и јавно го осудија тонот и фокусот на специјалната известувачка. Се отворија многу дебати, реакции и петиции, и тоа не само од транс активист(к)и, туку и од феминистки кои ја препознаа опасноста во сѐ почестото сведување на женското искуство на биологија. За многумина, ваквиот пристап е проблематичен не само затоа што ја исклучува транс и родово небинарната заедница, туку и затоа што се потпира на биолошки есенцијализам, односно ја сведува жената на биолошки каратктеристики, пристап којшто феминизмот со децении го оспорува, бидејќи го сведува женското искуство само на телесни карактеристики без да ги земе предвид општествените и политичките реалности.
Оваа рамка, во која правата на една група се претставени како потенцијална закана за друга, директно се вклопи во наративот на анти-родовите движења. Наместо солидарност и фокус на заедничката борба против насилството, извештајот повторно ни стави на маса бинарен модел во кој некои жени треба да бидат заштитени од други жени. Главниот фокус на извештајот се префрли од реалните и документирани форми на насилство, кон теоретска закана, што беше доволно за таа да го најде својот пат во анти-родовата реторика, која понатаму се прелеа и во официјалните национални политики. Така, Доналд Трамп, на 5 февруари 2025, донесе одлука со која го забрани учеството на транс жени во женски спортови и најави дека „војната против женскиот спорт заврши“.
Специјалната известувачка Алсалем упати посебно писмо до Меѓународниот Олимписки комитет (МОК), во кое повика на воспоставување на јасни и посебни регулативи за учеството на транс жени во спортот, тврдејќи дека нивното присуство може да ја загрози правичноста на натпреварите и да претставува ризик за „биолошките жени“. Во писмото, таа повика овие регулативи да се засноваат на наука, биологија и физичка реалност, и подоцна побара писмото да биде доставено и до новоизбраната претседателка на МОК, Кирсти Ковентри. Со овој чекор се потврди впечатокот дека прашањето за учеството на транс жени во спортот е ставено во фокус на институциите, додека насилството врз жените, кое беше темата на извештајот, остана во втор план и по којзнае којпат не го доби соодветното внимание и акција.
МОК долго време важеше за еден од пионерите кога станува збор за развој на инклузивни политики во спортот. Во 2021 година, организацијата донесе Рамка за праведност, инклузија и недискриминација врз основа на родов идентитет и полови варијации која се залага за пристап заснован на човекови права и самоопределување, со цел да ги поддржи спортските тела, особено оние задолжени за организирање елитни натпревари, во нивните напори да развијат критериуми за подобност за спортски натпревари по пол, кои се засновани на почитување на човековите права и на докази. Ова беше дочекано како важен чекор кон депатологизирање на телото и признавање на различноста како дел од спортот.
Затоа многумина и очекуваа дека Кирсти Ковентри како новоизбрана прва жена на чело на МОК ќе го одржи континуитетот и ќе стави уште посилен фокус на еднаквоста. Меѓутоа, во јуни 2025, Ковентри најави формирање на работна група за „заштита на женската категорија“, со што беше испратена порака дека инклузијата веќе не е недвосмислен приоритет. Таа се повика на потребата од „научен и спортски специфичен“ пристап и најави дека МОК ќе размисли за модели слични на оној на Светската атлетска федерација, давајќи јасен сигнал дека повиците на специјалната известувачка биле сериозно земени предвид од страна на највисокото спортско тело на планетава.
Моделите за кои зборува Ковентри се надоврзуваат на повикот во извештајот на ОН за (одново) воспоставување на механизми за проверка на полот во спортот, вклучително и преку биолошки и медицински критериуми и практики кои често подразбираат тестови, прегледи, анализа на хормони, хромозоми или гениталии и се применуваат селективно врз жени чии тела не се вклопуваат во доминантната слика за „женственост“. Ваквите процедури не се само понижувачки и насилни, туку и длабоко расистички и класно мотивирани.
Случајот на Кастер Семења е можеби највпечатливиот пример за проблемот со медицинската контрола на телата во спортот. Нејзиното исклучување од натпревари поради природно високото ниво на тестостерон и барањето од страна на Светската атлетска федерација да се подложи на хормонска терапија за да може да се натпреварува во женска категорија, го разоткрива насилството што се крие зад наизглед неутралните спортски регулативи. На 10 јули 2025, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) утврди дека Швајцарија не ѝ го гарантирала правото на фер судење, бидејќи нејзината жалба против овие правила не била соодветно разгледана од страна на Швајцарскиот федерален врховен суд. Но, ЕСЧП не се изјасни дали постоела дискриминација во самите регулативи на Светската атлетска федерација (на чии правила се повикува Ковентри), ниту го разгледа влијанието што тие го имаат врз приватноста, достоинството и еднаквоста на спортистките како Семења. Таа доби парична компензација, но спортската институција не беше повикана на одговорност заради своите дискриминаторски правила. Оттука, оваа делумна победа го остави неодговорено суштинското прашање: дали исклучувањето на жени врз основа на нивните природни телесни карактеристики претставува прекршување на човековите права?
Стравот, до некаде, е разбирлив. Жените со децении се борат за простор и рамноправност во спортот кој историски е создаден од мажи и за мажи. Од античките Олимписки игри, каде жените не само што не смееле да се натпреваруваат, туку дури ни да присуствуваат како публика, па сѐ до модерниот олимписки систем во 20-тиот век, спортските институции, правила, дури и самите критериуми за „сила“, „брзина“ и „успех“ се дефинирани низ машка перспектива и машкото тело како норма. Жените многу подоцна добиваат право на влез во веќе воспоставен и разработен „машки“ систем, што е најчесто проследено со отпор, ограничувања и со постојани обиди нивното присуство да се контролира или оправда. Имајќи предвид дека живееме во време кога тие тешко стекнати позиции се сѐ уште пропратени со двојни стандарди, секое ново отворање на ова прашање може да делува како закана. Но, решението не може да отвори нов круг на исклучување.
Притоа, една од најочигледните, но ретко спомнувани точки во оваа дебата е фактот дека фокусот е речиси целосно на транс жените. Во сите разговори за „фер натпревар“, „биолошка предност“ и „заштита на женскиот спорт“, транс мажите скоро и да не постојат. Оваа нерамнотежа не е случајна, бидејќи нивното присуство во машката спортска категорија не се доживува како закана. Машките спортски категории традиционално се сметаат за стандард според кој се мери физичката сила и перформанс во спортот, што придонесува за перцепцијата на нивна неприкосновеност од страна на цис мажите. Од друга страна, ова укажува колку спортските правила се обликувани од сексистички претпоставки за тоа кој има моќ и кој треба да биде заштитен. Фокусот врз транс жените покажува дека тука не станува збор (само) за спортски правила, туку за тоа кој се смета за легитимен да учествува во спортот. Кога ќе се стави под лупа, станува јасно дека ова не е техничка дебата за спортски категории, туку политичка борба околу тоа кој има право да постои во јавниот простор и под кои услови.
Доколку навистина постои желба да се обезбеди фер и безбедна средина за сите што учествуваат во спортот, тогаш не е доволно само да се повикуваме на биологија и да поставуваме нови бариери. Историјата покажува дека критериумите што се претставуваат како „објективни“ или „научни“ многу често служеле за исклучување, прво на жените, потоа на црните спортистки, а сега и на транс и интерсекс лицата.
Она што најмалку ни треба е да ги вратиме тесните, бинарни дефиниции во спортот кои не ја одразуваат комплексноста на телото и идентитетот. Воедно не треба да се нормализираат политики што селективно ги третираат транс жените како закана, додека истовремено молчат за насилството, дискриминацијата и злоупотребите што ги трпат другите групи, вклучително и жените кои не се „соодветно“ женствени според постоечките патријархални норми.
Напротив, потребно е радикално да се преиспита структурата на спортот и неговите категории, критериуми и правила, коишто се создадени во време кога само одредени мажи имале пристап до спорт, со цел да стане инклузивен, правичен и навистина достапен за сите. Потребно е да се креира систем што ќе овозможи сите тела, искуства и идентитети да бидат безбедни, прифатени и достоинствено третирани. Тоа подразбира креирање политики засновани на човекови права, емпириски докази и дијалог со заедниците кои се најзасегнати.
Сите овие дискриминаторски практики не само што не ја штитат „женската категорија“, туку ја претвораат во терен за контрола, надзор и дисциплина на телото. А кога една жена мора да докажува дека е жена за да учествува во спорт, прашањето не е дали спортот е фер, туку кому му е наменет.