Војната во Газа не е само приказна за урнатини и воздушни напади. Таа е приказна за девојката која има менструација додека бомбардираат, за мајката која молкум крвари и има спонатан абортус врз студениот под или се пораѓа додека над неа летаат дронови.
– Маријам Катиб, 19.5.2025
Во октомври, крварев десет дена без да имам пристап до пристоен тоалет.
Во куќата во која се засолнивме – како повеќето засолништа во Газа – немаше приватност. Четириесетмина спиевме во две соби. Бањата наместо врата, имаше искинато перде. Се сеќавам дека чекав сите да заспијат за да се измијам со шише вода и неколку партали. Се сеќавам дека се молев да не искрварам врз душекот што го делев со тројца братучеди. Се сеќавам на срамот – не поради моето тело, туку поради тоа што не можев да се грижам за него.
Во војна, телото ги губи своите права, особено женското тело.
Насловите во медиумите ретко говорат за ова, или за тоа како се чувствува девојката која има менструација додека бомбардираат, мајката која молкум крвари и има спонатан абортус врз студен под или се пораѓа додека над неа летаат дронови. Војната во Газа не е само приказна за урнатини и воздушни напади. Таа е приказна за вознемирени тела, окупирани тела, за тела на кои им е одземено правото на одмор. И сепак, некако, овие тела преживуваат.
Како Палестинка и раселена студентка која сега живее во Египет, ја носам со себе ваквата меморија на телото. Не како метафора, ами како факт. Моето тело сѐ уште затреперува при гласен звук. Дигестијата ми е пореметена. Сонот ми се распаѓа на парчиња. Познавам многу жени – пријателки, роднини, сосетки – кои развија хронични болести во оваа војна, кои не добиваат менструација со месеци, на кои млекото им секна додека се обидуваа да дојат во засолништата. Војната ти влегува во телото како болест и не си оди.
Телото во Газа е мапа на вознемирувања. Рано научува да се стега – да зазема помалку простор, да остане будно, да ја потиснува желбата, гладот, крварењето. Јавната природа на раселувањето ја уништува приватноста, додека постојаниот страв го јаде нервниот систем. Жените кои некогаш внимаваа да бидат прибрани, сега се пресоблекуваат пред странци. Девојките повеќе не зборуваат за нивните менструации. Достоинството станува товар што никој не може да си го дозволи.
Ова е парадоксот на преживувањето: истото тело на кое му се одзема безбедноста станува инструмент на отпор. Жените варат леќа на свеќи, ги растат децата во подруми, ги лулаат оние што им умираат. Овие дела не се пасивни, тие се радикални. Да се има менструација, да се биде бремена, да се дои, да се смирува детски плач – среде уништување – значи да се инсистира на животот.
Се навраќам, повторно и повторно, на ликот на мајка ми во војната. Грбот ѝ беше прекршен врз тенџерето, рацете ѝ се тресеа, очите, на секој звук, ѝ се креваа кон таванот. Таа не јадеше додека другите не дојадат. Не спиеше додека децата не заспијат. Нејзиното тело ја крепеше архитектурата на војната и мајчинството наеднаш. Сега сфаќам колку политичка беше нејзината исцрпеност – како нејзиниот труд, како оној на толку многу Палестинки, ѝ пркоси на логиката на истребување.
Нема шатор за телото во Газа. Нема безбеден простор каде женското тело може да се соблекува без страв. Војната нè лишува – не само од домовите и имотот, ами и од ритуалите што нè прават луѓе: капење, менструација, тагување насамо. Но, дури и без засолниште, нашите тела издржуваат. Се сеќаваат. Даваат отпор.
И можеби, со својата растреперена издржливост, тие ја испишуваат највистинитата историја од сите.
Маријам Катиб
Маријам Мохмед Ел Катиб е палестинска писателка, поетеса и активистка од Газа. Студира стоматологија во Египет, каде што продолжува да се занимава со пишување. Во своите текстови – што ги објавува на платформи како Неделава во Палестина (This Week in Palestine), Ние не сме бројки (We Are Not Numbers) и Avery Review – се занимава со темите на сеќавањето, војната и отпорот, специфично од феминистичка и егзистенцијална перспектива. Користи раскажување приказни како форма на културолошки отпор, документирајќи ги палестинските искуства и засилувајќи го гласот на својот народ.
Преземено од Mondoweiss.
Превод: Кристина Леловац