Пред да влезам, погледнувам надолу кон потопените стапала. Езерската вода има поинаков драж кон крајот на август. Свежината молчешкум ми се искачува од колениците нагоре и по некоја рипка ми ги каса прстите на нозете. Кога се спуштав по ридот за да стигнам од Канео до Лабино, единствено мислев како конечно ќе се фрлам во вода и ќе ја победам жештината. Сега, мали бранчиња веќе ми треперат околу бутовите. Се напрегам да се сетам што ме советуваше мама кога влегував во вода како мала:
„Ајде, мечка страв, мене не!“ – и без двоумење ќе се брцнеше, прскајќи ме ненамерно. Барам начини како во себе да ја повикам мајка ми. Дали преку тресење на вилицата, дали преку нишкање на рацете лево-десно. По навика, заборавам на дишењето. Последниве две години се терам себеси да бидам што посвесна за тоа како дишам и колку често го правам тоа. Особено во моменти на паника во кои се прашувам каде ми е местото и каде припаѓам. Единствено кога вака игриво си ги мрдам прстенцата на нозете, се заземјувам во водата. Исто како прееска кога ја потпрев главата на не-толку-грубиот камен за мала почивка и си ја обележав мојата мала територија на плажата.
Отсекогаш сум сакала да сум во вода. Можеби и фактот што сум охриѓанка си го прави своето. Водата е моето дома, а Езерето е моето јас. Но, денес тешко ми оди. Другарка ми, која веќе свртила две мали крукчиња со пливање, ми се потсмева:
„Зарем заборави како учевме? Ајде, ајде, методот на Вим Хоф! Диши…“ – исплива до мене и ме фати за рака. „…Издиши!“ Стомаците синхронизирано ни се движеа. Со секое вдишување го впивавме непознатото. Со секое издишување го испуштавме стравот.
„Се сеќаваш што ти кажав тогаш кога ти беше страв од ладната вода и сакаше да се откажеш?“, ме навраќа на денот кога бев на нејзина работилница за „капение“ во мраз ладна вода и бев подготвена да се откажам по првата минута. „Истото и сега ти го викам. Кога мислиш дека не можеш, измами си го умот дека можеш.“
Доволно сум оптоварена со фактот дека умот ме мами мене. Можеби и затоа се укочив бидејќи го немам наострено сетилото за немислење. Деновиве сосема сум обземена. Ама како да не мислам кога сѐ нешто се случува. Езерото веќе се беше обвило околу мојот струк како цврсто стегнат коноп околу капачето на тегла зимска туршија. Кога погледнав надесно кон Галичица, изразот на лицето ми се скисели. Планината ја имаа населено огнени јазици повеќе од петнаесет дена. Огромни сивкасти чадови го замаглуваа погледот низ сечиј прозорец. Флората и фауната изумрени, волонтерите на терен… Поголемиот дел од пожарот стивна, а по долгата, напорна и опасна деноноќна работа, огнот беше изгаснат.
Кога не можеш да се потпреш на човекот, се потпираш на она што ти е најблиску до срцето. Мајка ми запали свеќа и кажа молитва. Јас напишав песна. Пријателите на Лабино се собраа и преку ритуал ги повикаа натежнатите облаци. Неколку дена после тоа заврна. Сакаме да веруваме дека небото нѐ послуша. Сакаме да веруваме дека солзите на небото се исти како нашите.
Нурнав главечки. Конечно едно со водата. Свежина. Неколкупати испливав до длабокото и назад. Потоа, секогаш си дозволувам да лебдам на водата. Еден поглед кон небото и ридот и за миг – очите затворени, а стомакот издигнат како ридот над мене. Брадавиците на градите се единственото нешто што посега кон небото. А, јас? Јас божем заборавив да постојам за момент. Мислите сѐ уште присутни лебдат тука некаде на границата меѓу водата и небото. Ушите ми се затнати. Ништо не ги допира освен некои подводни звуци. Го регулирам дишењето: Вдиши – издигни се, издиши – потони си. Мал бран ми го поклопи лицето и ми ја прекина медитацијата. Ме потсети дека мојот здив може да биде одземен во секое време. Мислите брзо ми се враќаат како што и јас се враќам накај брегот.
Пливај. Пливај. Пливај. По некој бран ќе ме поттурне за да стигнам побрзо до брегот. Во последно време како за сѐ да ми треба помош. Како што пливам, гледам да не ми влезе вода во носот. Пливај. Пливај. Пливај. И мислите пливаат со мене. Која е мојата појдовна точка? Каде ли ми се границите кога сум во вода? Единствен одговор: На брегот, кога треба да излезам и топлес да држам рамнотежа за да не паднам пред неколкутемина повозрасни мажи во „спидо“, кои седат на карпите во исчекување. Се заземјиле и тие, си го пронашле местото одамна, подготвени со погледи и коментари да ми го присвојат полуголото тело. Го задржувам здивот додека поминувам пред нив. Како стара навика, кога и да поминувам покрај толпа мажи, инстинктивно престанувам да дишам, ги стегам дланките во тупаница и го заострувам видот. Дали е тоа на плажа кога ќе се накотат како хиени, дали на улица каде што го заземат целиот простор, дали кога читам поезија која ним не им одговара зашто била премногу феминистичка. Секогаш е исто. Додека лежам над крпата, по некој камен оддолу ме боцка на стомакот и помеѓу градите. Заспивам и се будам кога сонцето почнува непријатно да ме пече на плеќите.
Пред да влезам, погледнувам надолу кон потопените стапала. Езерската вода има поинаков драж при крајот на денот. Пред да влезам, се двоумам дали да се соблечам целосно. Дали да ги соголам мислите и да ги оставам на брегот. Има необјаснива тензија помеѓу водата во Езерото и една жена со разбранувани чувства. Пред да го предаде своето тело на брановите, Една, главниот лик на Кејт Шопен во „Будење,“ се чувствува чудно и неугодно додека стои гола пред морето. Но, сепак, тоа чувство ѝ носи некаква убава занесеност, божем повикана од брановите:
Звуците на морето беа примамливи, непрекинати, шепотливи, гргорливи, жуборливи, повикувајќи ја душата да застрани во длабочините на самотијата.
Вдишав длабоко и се фрлив. Овој пат без двоумење. Бранот зад мене ги исплука сите мисли на брегот веднаш до моите црни папучи. Друштвото пали мало оганче за ноќта која паѓа. Некоја птица прелетува над нивните глави. Јас останувам да лебдам.
Есејот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).