, ,

Времето пред транзицијата го гледам како некој друг живот

Поддршката дојде со текот на времето кога почувствуваа дека станав многу посреќна, посмирена и поотворена, затоа што почнав да живеам како вистинската јас.

image

Во периодот кога транс прашањето се актуелизираше во нашата земја, а основните човекови права беа злоупотребени од страна на десничарски партии за политички поени, во Загреб за прв пат се одржа првиот Балкански Транс Интер Марш.

Повод маршот, дваесет и пет годишната студентка на историја од Загреб, трансексуална личност која е веќе пет години во транзиција, даде исклучително интервју за хрватски портал, кој воглавно опфаќа теми релевантни за учениците и студентите.

Обземен од ситуацијата во Македонија која нé става во бесконечни лавиринти, наспроти ситуацијата во земја од поранешна Југославија како Хрватска, ви го приложувам интервјуто кое бескомпромисно ни покажува зошто транс правата се основни човекови права.

 

Дали ќе можеш да ни објасниш што значи да се биде транссексуална личност и како се разликува транссексуалноста од трансродовоста, родовата небинарност и трансвестизмот?

 

Транссексуалните личности се луѓе кои патат од она што во медицината се нарекува „родова дисфорија“, што на мнозинството можеби му е позната како чувство дека сте родени во погрешно тело, заради што кон тоа тело чувствувате срам и одбивност, па имате потреба за започнување на таканаречена медицинска транзиција, која е збир на медицински процедури како што се хормонската терапија и операциите за потврдување на родот, со кои можете да ги усогласите вашите примарни и секундарни полови карактеристики, како што се половите органи, црти на лицето, градите, мускулната маса, текстурата на кожата, длабочината на гласот и друго, со вашиот родов идентитет. Според најсовремените ембриолошки, генетски и невролошки истражувања, родовата дисфорија е психолошка манифестација на соматски проблем: несовпаѓање на анатомскиот и невролошкиот пол. Се работи за медицинска состојба во која поединецот се раѓа во тело од еден пол, оној кој му се припишува при раѓање, но со структура и функција на мозокот слична на спротивниот пол. До тоа несовпаѓање, судејќи по сѐ, доаѓа од низа на одредени неактивни гени на полови хромозоми на фетусот во текот на пренаталниот развој, заради што половите хормони, со чие лачење тие гени се активираат, дивергентно влијаат на половиот развој на мозокот од една, и телото од друга страна. На пример, транс жените се раѓаат со машко тело и типично женски мозок, а транс мажите со женско тело и мозок кој по структурата и функцијата повеќе наликува на машкиот просек.

Токму таа медицинска и биолошка димензија ги разликува транссексуалноста од останатите три појави, кај кои истата не се подразбира. Пример, трансродовоста означува спектар на идентитети на сите оние луѓе чие родово изразување не е во согласност со родовите норми и улоги кои се очекуваат од нив врз основа на нивниот пол кој им е припишан при раѓање, па самото тоа ги вклучува и транссексуалните, родово небинарните, родово флуидните и други луѓе. Меѓутоа, денеска поимот трансродовост толку многу се прошири семантички, што вклучува најразлични идентитетски категории за кои постојат малку збунувачки неологизми како родово квир (genderqueer), безродови (agender), панродови (pangender), полиродови (polygender) и така натаму, за кои ни самата точно не сум сигурна по што се разликуваат меѓусебно. Освен тоа, бројни стари категории на родовиот идентитет, како што се butch лезбијки, femme gay мажи, трансвестити и родово небинарни луѓе денес можат да влезат под „чадорот“ на трансродовоста, доволно е само поединците кои ги носат вербално да изјават дека се трансродови. Родово небинарните луѓе, како подгрупа трансродови луѓе, чувствуваат дека нивниот родов идентитет не е ниту типично машки, ниту типично женски, туку некаде на средина или пак никаде во близина на тие категории. Нивното родово изразување може многу да варира: некои не го менуваат својот изглед и се задоволуваат само со користењето на заменки од спротивниот пол или со неутрални заменки, други пак својата родова небинарност освен преку заменките, ја изразуваат и преку облека, шминка и фризура, трети пак освен веќе наведеното преземаат и некои аспекти од медицинската транзиција. Трансвестити се луѓе кои само се облекуваат како спротивниот пол, заради забава, фетиши, уметнички перформанс (drag queens), при што не се идентификуваат со тој пол.

 

Кога и како сфати дека си транссексуална жена и како изгледаше твојата транзиција?

 

Не постои конкретна временска точка, тоа беше долготраен процес. Пред пубертетот не чувствував некој притисок од родовите улоги затоа што децата во моето семејство си играа со сѐ, независно од полот. Знам дека не ме интересираа спортови кои ги интересираа момчињата, како што се фудбал и кошарка, но истовремено ги презирав барбиките затоа што ми беа глупави и бесмислени. Играв игри на компјутер, сложував коцки, сликав сешто и пеев сама, имав доста хетерогени интереси и не верувам дека истите баш и имаат некаква родова конотација. Меѓутоа, како што растев, почнав да сфаќам дека пробуваат да ме стават во еден калап на родови улоги кои мене не ми се допаѓаа. Уште пред основно училиште бев исфеминизирана во гестикулацијата, а во училиште уште од прво одделение ми беше неудобно во машката соблекувална. Другите деца тоа го забележуваа и намерно беа незгодни кон мене. Во пубертетот работите станаа уште полоши: почна да ми се гади од влакната на лицето и телото, длабокиот глас, мускулната маса и од останатите секундарни машки полови карактеристики. Ми беше толку срам од своето тело што ги пуштав момчињата во соблекувалната да се пресоблечат први и да го напуштат просторот, па дури тогаш ќе почнев јас. Несвесна зошто имам такви реакции кон своето тело, во шесто одделение почнав да ја пуштам и фарбам косата, да се облекувам екстравагантно во панкерски стил, а со тоа што природно имав андрогено лице, веќе уште тогаш изгледав како девојче и многу луѓе на прва така ми се обраќаа, додека јас не ги исправев, по што ќе почнеа да ми се извинуваат или да ме задеваат. Мене истовремено и ми беше неудобно и ми ласкаше, не знаев зошто. Паралелно сфатив дека ми се допаѓаат момчиња, што беше тешко да се прифати со оглед на тоа дека низ цело основно и добар дел од средно бев жртва на одвратен булинг од страна на соучениците само затоа што бев разгласена како ‘педериште’. Ми беше тешко да се идентификувам со таа етикета. Како и да е, во средно училиште и првите две години на факултет изгледав сѐ поженствено и секогаш наоѓав некое оправдување за тоа. На пример, долго време бев даркерка и се дружев со готичари, а во таа субкултура е нормално момци да носат женска облека, да се шминкаат и да носат три кила накит, што ми беше прекрасен контекст за експериментирање со женствените родови изразувања без осудување. Меѓутоа, и понатаму постоеше граница така што целата средена и нашминкана бев само кога излегував надвор, додека во училиште и на факултет доаѓав како мал, срамежлив даркер со црно-бели синтетички суканици. Мислев дека мојот „аутфит“ за даркерска забава во Мочвара е премногу за вообичаен ден на факултет. Во секој случај, ми беше и страв да не доживеам проблеми на улица бидејќи имав искуство со тоа: погледи, довикувања, еден физички напад. Заедно со тоа, на факултет ми се случија неколку несреќни љубови, кои пропаднаа затоа што сите момци во кои се заљубував беа хетеро. Едноставно не можев да се заљубам во геј момци, не знаев зошто. Некоја пресвртна точка на спознавање ми се случи кога имав дваесет години, или втора година на факултет, кога паднав во идентитетска криза затоа што си признав дека не се идентификувам со готската субкултура, туку само ми одговара да се дотерувам како девојка, дека ми се допаѓаат исклучиво хетеро момци и дека тука постои проблем во компатибилноста затоа што сѐ уште се претставував како момче и дека веќе не можам да го издржам товарот од родовата дисфорија, која стана толку силна што престанав да одам на море само затоа што не сакав некој да го види моето тело, додека со два слоја пудра панично ги прекривав внимателно избричените влакна на лицето и носејќи шал во доцна пролет само за да не ми се гледа адамовото јаболко. Си признав дека сум жена и дека сакам да живеам како жена 24/7. Најпрво одлучив да се аутирам на брат ми, кој ми беше најголема поддршка во животот, потоа и на родителите и на најдобрите пријатели. Брат ми, се разбира беше полн со поддршка, како и пријателите, некои дури и изјавија дека го чекале тој момент, додека пак родителите најпрво беа ужасно загрижени, највеќе заради мојата сигурност и реакцијата од конзервативното општество на малограѓанштина во кое живееме, па ме молеа уште еднаш да размислам за сѐ. Меѓутоа, со оглед на тоа дека до тој момент 8 години постепено ги тренираа нервите со моите екстравагантни фризури, први пирсинзи и тетоважи, сексуална ориентација, тоа не им дојде како огромен шок. Поддршката дојде со текот на времето кога почувствуваа дека станав многу посреќна, посмирена и поотворена затоа што почнав да живеам како вистинската јас. Тоа го почувствуваа и другите луѓе, вклучувајќи ги колегите и професорите на факултет. Секако, некои луѓе не можеа тоа да го прифатат и излегоа од мојот живот, но не ги обвинувам, всушност, благодарна сум што си го покажаа своето вистинско лице. Набрзо по аутирањето, покрај социјалната, почнаа правната и медицинската транзиција, па од тие аспекти во последните 5 години само напредувам и тоа во толкава мера што времето пред транзицијата го гледам како некој друг живот, кој го доживувам туѓо и чудно, како мрачна и неавтентична фатаморгана. Понекогаш ми е срам од истиот, но во тие мигови ми текнува дека не го бирав јас и дека сите маки кои тогаш ги проживеав ми дадоа неверојатна емотивна сила и емпатија кон другите луѓе кои патат и во крајна линија ме доведоа до тука, кај што сум сега. Денес, веќе неколку години нема личност која ме гледа чудно на улица или помислува дека не сум жена, никој не ми се обраќа со погрешни заменки, во личните документи ми пишува женски пол, имам купишта женска облека и поседувам повеќе шминки од просечна жена, веќе 3 години сум на хормонска терапија од која имам типично женско тело, влакната на лицето и телото трајно ги отстранив со ласер и IPL и го имав првиот дечко. Веќе не изгледам како срамежлив андроген готичар од прва клупа кој плашливо ги запишува предавањата на својот лаптоп, туку како елегантна госпоѓа во црно која туку што го погребала својот трет сопруг, што всушност совршено одговара на мојата личност со романтична душа и саркастичен ум.

 

Можеш ли да ми кажеш кои се, според твоето мислење, најголемите општествени проблеми со кои се соочуваат луѓето како тебе?

 

Мислам дека на прво место овде ќе го истакнам фактот дека поголемиот дел Хрвати немаат поим кои се транссексуалните и трансродовите луѓе. Тоа води до другиот проблем, а тоа е, дека дури и да постои некоја свесност за нас, таа е преполна со разноразни негативни стереотипи и предрасуди. Пример, просечниот Трпе од Иванковци и ден денес сѐ уште мисли дека да се биде транссексуална личност е избор, животен стил или ментално пореметување кое се лекува со ќотек. Јас пак мислам дека навистина би биле луди за да избереме ваков живот, а тоа го кажувам затоа што третиот најголем проблем со кој се соочуваме е страшна маргинализација, скандализација, дискриминација и насилство. Трансродовите жени се перцепирани како ултрафеминизирани хомосексуалци кои ја предале својата машкост, што во традиционалното, религиозното, хетеропатријархалното и мачоистичко општество како нашето е голема навреда за „семејните вредности“, што и да значи таа синтагма. Многу девојки како мене родителите ги исфрлаат од дома, работодавците не ги вработуваат или ги отпуштаат, колегите во училиште, на факултет или на работното место ги избегнуваат, исмеваат, навредуваат и злоставуваат, така да неретко се испишуваат од училиште, „црнчат“ на најлошите работни места, живеат како бездомнички и се проституираат како би заработиле за живот. Таквите услови за живот се плодно поле за развој на депресија и анксиозност, па не треба да нѐ зачудува  стапката на суицидалност која меѓу транссексуалната популација е загрижувачки висока. Уште еден специфичен проблем кој би сакала да го истакнам во овој контекст е тешкотијата или неможноста за пронаоѓање на партнер, особено за хетеросексуалните девојки како мене. Факт е дека не ги привлекуваме геј момците заради тоа што сме жени и изгледаме како жени, додека пак со хетеро момците да се воспостави функционална врска е голем проблем. Некои едноставно не ги привлекува пенис на жена и тоа го сметам како легитимна сексуална преференца. Други пак, а тие од моето искуство се поголемиот дел, ги привлекуваме на сексуално ниво, но не знаат како да си го објаснат фактот дека нивната сексуалност не е црно-бела, ниту имаат волја да вложуваат „голем“ интелектуален и емотивен напор на такви размислувања, па едноставно се откажуваат. Третите ги има во голем број исто така и тие се најлоши затоа што ги привлекуваме баш поради пенисот од кој нам најчесто ни се гади и сакаме хируршки да го отстраниме, нѐ третираат како фетиш, како проститутки и своја мрачна тајна, па исклучиво нѐ бараат само заради секс, а за да дојдат до него се однесуваат на различни одбивни начини, дали отворено вулгарни, или се манипулативно шармантни и преполни со заводливи лаги. Сѐ тоа може сериозно да ја наруши самодовербата, сѐ додека не сфатиш дека проблемот не е во тебе, туку во нив и во општеството во целост.

 

Кои се главни институционални проблеми со кои се соочуваш ти и луѓето како тебе?

 

Хмм, иако Хрватска на хартија е подобра од поголемиот дел од светот во регулирањето на правата на транссексуалните луѓе, па така го имаме родовиот идентитет како законска основа за заштита од дискриминација, можност за промена на лично име и презиме и ознака за пол во документи, одреден степен на медицинска транзиција на трошок на државата, многу работи сѐ уште недостигаат, а оние кои постојат во пракса често функционираат млитаво и споро. Да кажеме, што се однесува на признавањето на родот во документите, промена на името и ознаката на пол трае цела вечност, подразбира купишта хартија и натегања со надлежните служби затоа што „ти недостасува еден документ“ кој според законот и сите правилници не си ни должна да го доставиш. Кога пак станува збор за медицинската транзиција, сертифициран професионален персонал кој се занимава со нашите здравствени потреби, иако постои, е ужасно малуброен и е составен од два клинички психолога, еден психијатар и еден ендокринолог, од кои сите се во Загреб, така што транс девојките и момците од провинција мора да патуваат. Исто така, пред почнувањето со хормонската терапија, мора да се направат 5 прегледа за кои листите за чекање редовно се развлекуваат на неколку месеци. Најголем проблем сепак е фактот дека немаме ниту еден хирург кој е специјализиран за работа со трансродови луѓе, а државата не ги покрива трошоците за хируршките интервенции со цел потврдување на родот кои се изведуваат во странство. Најблискиот вагинопласт, хирург кој кај транс жени пенисот хируршки го модифицира во функционална вагина е доктор Ѓорѓевиќ во Белград, кој за своите услуги наплаќа 10.000 €, што е, земајќи ги предвид претходно наведените општествени проблеми, цифра која е далеку над било чии финансиски капацитети. Ласерското отстранување на влакна на лицето и разните операции за феминизација на лицето се сметаат за естетски и исто така не се покриени. Од неодамна на транс момците почнаа да им стигнуваат сметки за извршување на мастектомија, хируршко отстранување на гради. Уште еден сериозен институционален проблем е тоа што во образовниот состав луѓето како мене воопшто не се споменуваат во склоп на часовите кои би можеле да бидат посветени на аспектите на одгледувањето на детето според неговиот пол, како што е сексуалното образование, додека пак масовните медиуми за нас известуваат сензационалистички, водени од каприциозни проспекти за добра продажба на скандалозни приказни, кои се прекршуваат врз грбот на транссексуалните луѓе кои таквите приказни најчесто ги кажуваат со намера да ја поправат сликата за нас во јавноста.

 

На 30ти Март, во Загреб се одржува првиот Балкански Транс Интер Марш, на кој присуствуваа трансродови луѓе од најширок спектар на идентитети од целиот регион, како и нивните поддржувачи. Зошто мислиш дека таквиот настан е важен?

 

 

Во контекст на претходно истакнатите проблеми, ваквата манифестација е совршен начин за да ја зголемиме видливоста на транс луѓето во нашето општество, како и разбирањето на нивните стравови, желби и потреби, да ги адресираме стереотипите и предрасудите, но и да ги освестиме за проблемите со кои се соочуваме. Особено е важно и за останатите транс луѓе, кои од страв живеат во тајност или молк трпејќи дискриминација и насилство, да им порачаме дека не се сами, одлучно да се бориме за нивното подобро утре и да не прифаќаме компромиси за нашите права, бидејќи се работи за човекови права.

 

 

 

 

 

Извор: Srednja.hr

Авторка: Marta Matković

ilustracijaaaaaa

Тимот на медуза

Преведено од:

Предраг

May 22, 2019

Тимот на медуза

ilustracijaaaaaa
Преведено од:

Предраг

May 22, 2019

Коментари
Scroll to Top