Легнувам на кревет и очекувам докторката да ги стави иглите во моето згрчено тело, додека ја започнувам четвртата сесија по акупунктура. Пред речиси две недели, ставајќи ги иглите во мене, таа ми рече дека не може да влезат лесно бидејќи имам нешто заглавено во мене. Стоевме еден наспроти друг, таа – со погледот кон мене, како да отплеткува и ослободува нешто, и јас – со цела папка наоди од западната медицина, како и секогаш спремен да ја бранам и оправдувам мојата здравствена дијагноза.
Седејќи со сопствената неудобност за помислата на тоа дека „нешто е заглавено во мене“, почнав полека да станувам свесен дека имам нешто навистина длабоко заглавено. Сфатив дека ќе треба да поминам часови, недели и години, лутајќи низ лавиринтите на својот живот, за да ја отпуштам грчевитоста на моето тело. Грчевитоста која има медицинска, но и социо-политичка историја.
Во јуни оваа година, со колешката Наде бевме поканети да присуствуваме на прослава по повод 40 годишнината од словенското ЛГБТИК+ движење. Таа недела беше толку исполнета со возбуда, причина за оптимизам, наоѓање на мотивација за како да градиме долгорочни стратегии на отпор, што за момент речиси заборавивме на сѐ што оставивме дома. На денот на Парадата на гордоста во Љубљана екстатично се движевме со поворката со нашите словенски и интернационални квир другар(к)и. Пред поворката да тргне од Метелкова, една од редарките ни се обрати на сите нас коишто ќе маршираме. Нејзината порака беше насочена кон оние што ќе ги видиме по пат како се молат, крстат, нѐ плукаат или се гадат од нашата појава. Редарката нѐ замоли да не паѓаме лесно на провокациите и да се држиме до нашата цел – одење во поворката. На прва, овој совет изгледаше малку чуден за мене, бидејќи по природа не сум човек кој би се конфронтирал со некој физички посилен од мене, поради што овој совет го сфатив несериозно. Освен тоа, овие групи во мојата перцпеција ги замислував физички далеку од нашата група, онака како што веројатно сме ги виделе на Парадите на гордоста во Скопје, Белград и поблиското соседството. Едната група прославува на едната страна на булеварот, додека другата оплакува, жали и се моли за „спасение“ од оние кои парадираат. Во Словенија тоа воопшто не беше така. Движејќи се по главниот булевар, од својата лева страна, веднаш меѓу мене и еден полицаец можев да видам неколку набилдани мажи како стојат покрај улицата, држејќи транспаренти со кои повикуваат на „спас“ за луѓето што ги гледаат пред нив, држејќи икони и едноставно стоејќи језиво и морбидно покрај нас. Оваа блискост, сталоженост и наводна смиреност, а во суштина екстремна агресија на овие неколку мажи, само ме разубеди во тоа како и каде физички може да се најде нашиот опресор. Нивната блискост и буквално преклопување на нашите простори, коишто се обидовме да ги обележиме во шарени бои, толку ме вознемири што се забележев себеси како станувам поеуфоричен, пожив, погласен. Нешто што ќе се покаже како сосема поразлично неколку недели подоцна.
Кога мислам на тоа што сѐ може да е заглавено во мене, не можам да одбијам да погледнам кон тоа како ова лето преку ноќ нашата летна школа, наменета за градење сојузи меѓу ЛГБТИК+ млади и цис/хетеро врсници/-чки, стана предмет на прогон од досега невидени размери. Секое утро, будејќи се со организацијата на овој настан, стравував да го подигнам телефонот и да ги прочитам пораките, мејловите и заканите што го добивавме секојдневно. Тие коментари се заглавени во мене. Кога одлучивме преку ноќ да се дислоцираме себеси од градот во којшто 7 години градевме заедници и да заминеме тајно во друг град поради големиот безбедносен ризик, тогаш уште нешто се заглави во мене. Кога седевме на маса со обезбедувањето и ја преговаравме нашата физичка безбедност за време на летната школа, тогаш и тоа се заглави во мене. Кога одлучивме да ја објавиме нашата приказна јавно и кога луѓето ни велеа дека треба да внимаваме кога се обраќаме кон јавноста со термини како ЛГБТИК+ бидејќи нашето општество сѐ уште не е созреано, кога нѐ поканија да ги кодираме нашите зборови, да прибегнеме во општи термини за инклузија и диверзитет, наместо да го нормализираме постоењето на лезбејките, геј, трансродовите и интерсекс луѓето, работите продолжија да се заглавуваат во мене.
Овие навидум два различни настани ме научија нешто што можам да го земам како тешко научена лекција од мојата работа. Во едната од овие ситуации бев толку блиску до мојот опресор, на улиците во Љубљана практично можев да помирисам како овие луѓе се молат за нас и до нас. Тогаш, опкружен од својата заедница, стравот беше помал, нашата сила и пркос беа поголеми. Но, кога Љупчо Ристовски, лидерот на Интегра тргна во јавен линч против нашата организација, стратегијата ни беше да ја чуваме нашата активност во тајност за таа да може да биде одржана на најбезбеден можен начин. За разлика од нивната лажна загриженост за безбедноста и добросостојбата на младите, вистински и суштински се грижевме за нивната безбедност којашто во стварноста беше загрозена од нив.
Еден месец живеевме со ублажувањето на ризиците предизвикани од прилично добро организирано анти-родово движење во Македонија и освен со неколку од нашите партнери, работевме тивко, без дополнително подигнување на тензијата. Што тоа значеше за нашата заедница и работа – ќе објавиме по школата. Сепак, во моментот кога одлучивме дека ќе се стишиме, бев воден од насоките на редарката од Љубљана што на мегафонот ни велеше да не потпаѓаме на провокациите во тој даден момент, затоа што токму тоа и сака другата страна да го постигне. Додека бевме на школата, целосно скриени од првичната локација, со обезбедување пред нашите врати, со преубавата енергија од нашите учесници, со многу смеа, изградени цврсти врски и уште поголем полет од ваквото искуство, со сите овие измешани чувства сфатив дека опресорот што е некаде далеку од нас, што не се крсти и моли пред нашите очи, успеа да ја изремети динамиката на нашето функционирање и да го чувствувам и ден и ноќ, и во сон и во јаве, како никогаш досега. Ова се реалните последици на организираното анти-родово движење. Ова не се групи што само наивно ќе излезат да се молат за вашето исцелување, туку ќе ја накострешат државата, ќе распалат еден цел град и ќе тргнат во линч против најранливите граѓани во ова општество за да може да ги остварат своите фашистички замисли за свет во којшто ние нема да постоиме.
И покрај целата неизвесност за тоа што ни носи иднината, пресретнати од мачнината што ја поттикнуваат организираните групи кои нѐ мразат длабоко од петици, сметам дека треба да престанеме да им ги даваме нашите енергија, време и внимание. Идејата дека треба да сме постојано во некаква реактивна состојба, поправајќи ги штетите што анти-родовото движење ги нанесува на нашата кауза, е поразителна. Тоа е и еден од начините на реализација на нивните стратегии. Со своето делување тие не ни остават простор да создаваме, да сме целосно присутни и тука за себе и за нашите заедници. Ни го одвлекуваат вниманието, разводнувајќи ја нашата борба за поинаков свет, поради што нашето заедништво сега е најмногу ставено под ризик. Мораме радикално да го смениме начинот на грижа кон себе, но и кон сите наши сојузници и соборци, а тоа ќе мора да почне од таму каде што ни е нанесена најголемата штета – во телото и умот.
Намерно го започнав овој текст со физичките последици на овие настани. Телата на борците и борките за човекови права имаат издржано повеќе напон отколку што едно тело може да прими во својот живот. Кога мислам дека нешто е заглавено во нашите тела, тогаш тоа се со сигурност организираните напади врз нас и нашата работа коишто се внегздија најдлабоко во клетките на нашите тела. Кога ќе размислам подобро, имам нешто заглавено во себе и тоа е длабоко во клетките. Речиси и да нема човек кој физички и психолошки се нема срушено како последица на оваа работа. Кога целосно се занемарува благосостојбата на оние коишто буквално го користат своето тело за да ги одбранат заедниците кои ги застапуваат, тоа нѐ чини многу долгорочно. Тоа ти престигнува нашите движења, бидејќи нашата телесна добросостојба е тоа што ги движи овие општества напред. Кога нешто длабоко се заглавува во нас, тогаш можеби е веќе касно, и значи дека е време да преиспитаме кон што го насочуваме нашето внимание. Кон нашите кревки, нежни, болни, борбени и револуционерни тела.
фотографија: Jan Groover