Понекогаш се чувствувам како да сме само тела во транзит. Без престан минуваме меѓу состојби – телесни, општествени, ментални; низ животот испробуваме различни активности, стекнуваме искуства и запознаваме секакви луѓе, истражувајќи и присвојувајќи идеологии и начини на водење живот. За жал, сѐ повеќе чувствуваме како средината нè тишти, а системот е неспособен да одговори на нашите потреби и да ги поддржи нашите трансформации. Да се напушти својата држава во потрага по (нов) дом? Патувајќи по Земјата, некогаш попрво се истражуваме себеси. Сепак, нашиот дом го нема на ниту една мапа. А каде и да одиме, ретко кога имаме време да го отпакуваме куферот. Тркалото бесконечно се врти, нема стоп, нема пауза.
Боже, колку е истоштувачка помислата дека никогаш нема да можам да одморам од сегашноста. Секогаш има нешто! Посакувам да можев да си ги олеснам мислите бар на секунда, но денешниот живот е брз и динамичен. Градот не чека. Нашите тела непрестајно транзитираат. Да се напушти сопственото тело?
Со оваа помисла се будам и ми делува како тепихот на светот да бил извлечен од под моите стапала. Ја проверувам внатрешноста на моите дланки за некој знак на телесност, пулс, здрава боја. Се прашувам како ќе станам со целиот товар на земјава на моите плеќи и мачнината од помислата ме кутнува назад во креветот. Зошто се чувствувам виновна за начините на кои светот се врти? Јас и моите хартиени сламки не можеме да го спасиме светот од милијардерите кои палат авиони за да одат до тоалет и газат врз живи луѓе за профит. Сепак, ме јаде грижа на совест за сè она што (не) можам и (не) сум можела да го сторам; сè врз штонемам или (полошо) имам контрола.
Некој да не сака со мене да го поноси овој товар?
***
Посакувам да знаев здрав начин да се справувам со стресот и (не)контролата. За жал, мојот „избран“ метод е да ги чепкам и стискам сите опипливи несовршености на мојата кожа, како да сакам да се исчистам, да ослободам притисок. Чувството ме опојува, хипнотизира. Во тие моменти времето не постои, ниту, пак, постојам јас. Има само километри кожа. Го поминувам целото лице со прстите, втурена во огледалото, втренчена со сето внимание, со часови барајќи, копајќи, вадејќи, стискајќи, гребејќи… Штом ќе ми се врати свеста и ќе сфатам што сум сторила, штетата е веќе направена – рани, крв, болка, печење, каење, грижа на совест, одвратност, разочараност, грдост, безвредност, истоштеност, срам, очај… Еден час и многу шминка подоцна, имам сини светки на очните капаци во обид да одвлечам внимание од отворените, крвави рани кои неизбежно се издаваат и покрај слоевите коректор. И одново и одново се прашувам – до кога вака?
Сакам да избегам. Сепак, сфаќам дека каде и да одам, нема да можам да се изземам од сопствената кожа и нејзините рани. Би сакала да не бев роб на моето несовршено материјално битие, на овој затвор од месо и коски. Често се чувствувам задушено. Не е дека не го сакам својот изглед или дека не сум му благодарна на моето тело што ми овозможува да функционирам, но самата помисла дека сум во него засекогаш ме тероризира; помислата дека никогаш нема да бидам друго тело или, пак, нетело. Некогаш фантазирам за бестелесен живот во кој лебдам над луѓето, олеснета од земските концепти, правила и врева. Можеби еден ден ќе можам да ја upload-ирам мојата свест во компјутер и да постојам засекогаш како електронски програм. Трансхуманизам и ренесанса?
***
Минатата година, моето тело очекувано подлегна на стресот и на повеќегодишните потиснувања. Дел од мојата женственост (а и човечност – фасцинантно, хирургот ме гледаше точно онака како што автомеханичар гледа расипана кола!) беше отсечена во форма на мојот лев јајник, оставајќи го осамен симетричниот орган, кој (како мене, ха-ха) ја презеде одговорноста за функцијата на целиот систем. По операцијата ми беше наредено да одмарам. Денес не ми се верува дека гледам со носталгија кон тој период, кога иако трпев неверојатна физичка болка и осеќав силна огорченост кон здравствениот систем кој не се погрижи да спаси дел од мене, на некој извитоперен начин бев и „среќна“. Знаев дека од мене не се очекува ништо повеќе од ништо! Колку беше ослободувачки да се избрише целиот календар од обврски – единствената обврска која ја имав беше да сум жива и здрава.
Низ овој процес не само што разбрав, туку и почувствував дека ми е ужасно потребно да го променам светогледот и да ги преиспитам сопствените реакции кон неизбежните околински и внатрешни стресори. Уште повеќе, конечно си признав дека ми е потребна помош од луѓето околу мене, дека заслужувам да си го олеснам товарот и да воспоставам здрава дифузија на одговорноста – и дека тоа не ме прави зависна или неспособна, туку, напротив, целовита личност, сингуларна а сепак дел од нешто поголемо и прекрасно.
Во социјалната психологија, „дифузија на одговорноста“ е феномен кој укажува дека веројатноста поединецот да преземе одговорност и/или да издејствува во одредена ситуација е значително помала кога е дел од група на (повеќе) луѓе или е во присуство на други очевидци. Односно, во група, настанува прераспределба на одговорноста помеѓу нејзините членови, па луѓето поретко дејствуваат, сметајќи дека некој друг од групата ќе ја преземе нивната одговорност и ќе издејствува наместо нив. Не ве потсетува ова на нашиот актуелен, сѐ попасивен свет, каде луѓето го затапуваат својот осет за болка и неправда наоѓајќи бегство во консумеризмот и аполитичноста (или неинформираноста), очекувајќи некој/а друг/а да преземе одговорност?
Но што би значело тогаш здрава дифузија на одговорноста? За мене тоа значи колективно носење на товарот во својата заедница, во која секој/а е проактивен поединец кој дејствува директно во својата околина, постојано перцептивен и грижлив за здравјето и добросостојбата на останатите, придржувајќи им го товарот додека да закрепнат. За сите нас престресирани поединци, постари ќерки и „тип А“ личности – кои често свесно или несвесно ја преземаме целата одговорност во групни проекти, од проекти во школо и на факултет, па сѐ до борбата за промена и подобар свет – во ред е понекогаш да одмориме и да побараме помош. Кога ја делиме одговорноста со емпатија и доверба во другите, таа престанува да биде бреме и станува извор на сила, како на поединецот така и на колективот. Така секој/а од нас може да одмори, да зајакне и повторно да придонесе, знаејќи дека никогаш не е сам/а. Треба да разбереме дека заедницата не е само привремена поткрепа, туку и живототворна средина; таа не ни е пожелна опција, туку нужност.
***
Откако телото полека ми закрепна, ми стана важно да продолжам да бидам во контакт со сопствената телесност. Таа енергија ја пронаоѓам во уживањето со другите тела. Почнав повеќе да танцувам, наоѓајќи задоволство во секое придвижување, секое затегнување и опуштање на мускулите, споделувајќи го телото со светот и со другите. Уживам и во вежбањето со тежини, кое ме уверува во тоа колку е моето тело снажно и издржливо и ми помага одново да го чувствувам живо.
Сепак, сè уште активно барам начини да ги излечам мојот дух и моето тело. Посакувам да знаев како да се одморам, без да треба да поминам низ болка или страдање, без да ми е потребно оправдание, без да бегам од себеси и без да се ранам. Се надевам дека еден ден ќе си бидам доволна токму каква што сум, давајќи си ја целата нежност што ми е потребна; дека ќе се сакам себеси како што ги сакам другите (и како што тие ме сакаат мене) и ќе ја уживам слободата да живеам автентично во своето тело – овој феноменален склоп од органи и кожа кој ми овозможува да спознавам, да искусувам, да заедничарам и да љубам.
Можеби не знам како да го излечам светот, но можам да почнам со себеси и да дејствувам меѓу своите. Суштинскиот транзит кон кој тежнееме е кон посреќно јас, а ранливоста е првиот чекор на патот кон промената. За да (за)живеам, веќе не можам да си дозволам да ги кријам моите рани. Ќе станам од постелата и ќе го фатам новиот ден; ќе продолжам да творам низ болката, без да се преправам дека не боли – токму болката на проживеаното ме потсетува дека сум будна и присутна, дека постојам. Отворена кон светот, ќе си дозволам да сум осознаена и сакана; несовршена и ранлива – токму таква му припаѓам. Оваа кожа што светот ја допира ќе заздрави, а со неа – и јас.
Есејот е објавен во нашата печатена публикација, „К О Ж А“ (2025)