Машки фантазии, машки фантазии, дали е сѐ водено од машки фантазии? Издигната на пиедестал или симната на колена, сѐ е машка фантазија: тоа што си доволно силна за да го издржиш она што ти го сервираат или, пак, тоа што си премногу слаба за да направиш нешто во врска со тоа. Дури и преправањето дека не им удоволуваш на машките фантазии е машка фантазија: преправањето дека си незабележана, дека имаш свој живот, дека можеш да си ги измиеш стапалата и да ја расчешлаш косата несвесна за постојаниот набљудувач што ѕирка низ клучалката – директно во твојата сопствена глава. Ти си жена со маж внатре што гледа во жена. Ти си твој сопствен набљудувач.
– Маргарет Атвуд, The Robber Bride
Се спремам за тренинг, облекувам шорцеви и приметувам дека не сум ги средила целосно влакната на нозете. Се прашувам зошто, и после толку години свесно „одучување“, сѐ уште чувствувам како секој мој мал чекор е постојано коригиран, надгледуван и критикуван од некојси внатрешен судија. Живеј за себе, секогаш си повторувам. Сепак, како секој потег потсвесно да го прилагодувам на нечиј туѓ поглед – поглед што не е мој, но којшто живее во мене.
Со текот на времето, предупредувањата што сме ги слушале уште од мали нозе од типот на „Исправи се“, „Собери ги нозете“, „Среди си ја косата“, престануваат да звучат како добронамерни совети и стануваат правила што телото ги извршува автоматски без команда. Иста тежина носат и моментите кога се гледаш во огледало и се прашуваш каде и колку треба да ослабиш (за себе, нели, не за некој друг, туку за ти да се чувствуваш убаво…); кога ја бришеш објавата на Инстаграм (бидејќи сепак можеби е “too much” за да биде објавена); кога купуваш шорцеви за вежбање и пазиш да не се прекратки или претесни; кога излегуваш од дома со пудра за да не ти се гледаат толку акните… Дури и во моментот кога тренирам кросфит, во главата почнува да ми одѕвонува нечиј глас: „Само да не ми станат преголеми рацете“. Како силата да е машка одлика, а моето тело да мора сепак да остане прифатливо, мало и нежно. Тоа е истиот глас што на работа ти вели да не противречиш на состаноци, да си задоволна и да не бараш покачување и подобри услови; или гласот што ти вели да не пишуваш Фејсбук статус во афект за да не бидеш „драматична“.
Да, можеби многу од овие гласови сме научиле да ги препознаваме и со тоа да ги стишуваме или игнорираме, но што правиме со оние скриени, „програмирани“ навики за кои не сме ни свесни дека се толку длабоко вкоренети во нас? На пример, често се облекуваме „пристојно“ пред машките роднини, седиме со вкрстени нозе, премногу се извинуваме и возвраќаме со насмевка кога добиваме непосакувани коментари. Сето тоа е само дел од една убаво спакувана угнетеност што ја носиме (и ја предаваме една на друга) како семејно наследство. Таквата невидлива дисциплина нѐ учи да бидеме сами свои „уреднички“ — коректорки на сопствениот глас и постоење.
Како што пишува Атвуд во извадокот погоре: Ние сме „жен[и] со маж внатре што гледа во жена“. Машкиот поглед е толку интернализиран, што повеќе не го ни препознаваме како надворешен. Тој толку длабоко се населува во нас што и самите почнуваме да се гледаме низ неговите очи, а средината дополнително нѐ учи за сѐ да бараме одобрување од тој поглед.
Изгледа дека да се биде жена значи да се перформира. „Жена не се раѓа, жена се станува“, нагласува Бовоар во Другиот пол. За жал, перформативноста којашто станува сеприсутен дел од нашето постоење не завршува само на улица или во јавност. Дури и дома, перформираме пред себе кога сме сами: пред огледалото, на фотографии, во спалната соба, не успевајќи да се препознаеме и не дозволувајќи си да се запознаеме.
Сакај се себеси каква што си, ама пробај да не бидеш толку напорна. Пробај да не зафаќаш премногу простор, а сепак да не останеш невидлива. Биди одмерена, ама сепак нека ти го чујат гласот. Но не премногу, зашто ќе речат дека сум „тежок“ карактер. Какво мислење ќе имам тогаш јас за себе?
Колку од овие мисли се всушност мои, а колку се производ на фиктивниот маж во мојата глава? Уморна сум. Уморна сум од соживотот со оној што ме гледа низ клучалката. Дури и кога решавам да го живеам животот по сопствени правила, дури и кога им пркосам на социјалните норми, се прашувам во која мера и таа одлука ми е диктирана од гласот во главата? Колку од нашите избори се навистина наши, а колку се само нова форма на приспособување кон погледот што веќе сме го интернализирале? Дали само ја продолжуваме илузијата на слободниот избор?
Одучувањето од машкиот поглед е бавен, упорен процес на враќање кон себеси. Почнува од малите моменти – кога си дозволуваме да избереме удобност пред пристојност, кога си го прифаќаме телото без да го филтрираме низ туѓа фантазија, кога вежбаме со тешки тежини затоа што можеме и сакаме, кога повеќе се фокусираме на сопственото сексуално задоволство, отколку на тоа како ни изгледа телото, кога го користиме својот глас и зафаќаме простор без да бараме дозвола за тоа. Моментов кога одбирам да бидам јас во мојата целосна автентичност. Најпосле, најрадикалната форма на слобода е да можеш да се гледаш себеси низ сопствените очи.