Сите…
Скоро сите…
Голем дел од…
Многу од жените кои ги познавам се барем по малку гладни. Некои од нив постат, некои се на диета, некои јадат интуитивно, некои заборавиле, а некои јаделе обилно претходниот ден. Јас сум најчесто гладна на крајот од вечерата, затоа што претходно сум сфатила дека од сите на масата, сум изела најмногу, за најкратко време. Значи, се работи за игра на проценка: постојано премерување, планирање и проекција на можни неизвесности. План за секоја пржена стапица на патот. Дисциплина.
Затоа што јас си го сакам телото.
Моето тело е поздраво кога не јадам замрзнати крофни.
Моето тело заслужува марула секој ден.
Арно ама, секогаш кога внимавам на исхраната не сум го распакувала воопшто тоа внимавање, туку сум мислела дека „јадам свесно“, „избирам чисто“, „не претерувам“. Не диета, туку баланс. Сепак, тој баланс отсекогаш мирисал на истата стара вина, само овојпат јас сум таа која одлучува колку ќе гладува. Ваквата илузорна контрола и повеќе од доволно ме осуети за да воопшто се посомневам дека сите мои ново-стекнати навики за исхрана се, сепак, дел од опојниот културен бран: wellness.
Кога имаме акутна свесност за секој залак, времето се згуснува – секоја минута станува опиплива, секој саат растегнат. Можеме да ја почувствуваме работната задача наречена wellness во целата своја општествена потентност. Она што можеби пред десетина години го знаевме едноставно како диета, сега е wellness culture или clean eating или едноставно некоја пилатес инструкторка која прави споредба помеѓу нутритивната вредност на овесна каша и кајгана. Оваа култура ги мобилизира сите расположливи ресурси за да можеме да си се посветиме на самите себеси во нашата потрага по поздрав живот: диетални производи, суплементи, детокс програми, апликации за броење калории, „инфлуенсери за здравје“, фитнес платформи. Покрај цело ова достапно знаење, секако дека ние ја носиме одговорноста за нашето здравје, па и за една од најважните компоненти од животот за жените во патријархат – дали сме дебели или слаби.
За среќа, за последново има лек – секако за тие што се доволно дисциплинирани. На пример, инфлуенсерки како Deliciously Ella, Hemsley + Hemsley и Sarah Wilson (I Quit Sugar) ни ја сервираат нивната филозофија за исхраната како морален избор – чиста, природна и ослободена од „токсични“ состојки. Нивните „алкални тела“ и чинии се внимателно курирани, и секое зрнце и залак се доказ за дисциплина, чистота и самоконтрола. Одличен терен за воведување на ред во мојот нутриционистички хаос. И за мене, и за сите тие кои дисциплинирано учествуваат во оваа индустрија која вреди 1,095.7 милијарди годишно.
Личниот избор е само пастелна замка: wellness културата ја претвора моќта над женското тело во интернализирана контрола, па така, ние сами стануваме чувари на сопствената дисциплина. Да, ние сме тие кои ги запазуваме протеинските цели и телесната дисциплина, ама во индустрија која вреди милијарди, влогот во тоа како изгледаме тешко дека е единствено наш. Кому всушност му е најмногу гајле како се храниме?
Никому не му текнува преку ноќ да почне да брои калории. Ниту мене, ниту на жените околу мене, иако ни се чини дека сме родени дисциплинирани. Секако, не се раѓаме такви, туку постануваме – околу шестата година. Желбата да се биде слаба не е биолошки диктирана, туку е резултат на историски период, општествен контекст и културолошки околности. Во поширока смисла, Фуко (1975) го анализира начинот на кој модерните општества го дисциплинираат телото преку секојдневни практики, слично како што казнениот систем го дисциплинира затвореникот. Тој вели „Моќта не е само репресивна – таа е продуктивна. Таа ‘произведува’ тела, идентитети, желби.“ Во слична насока размислува и Батлер: „телата кои се ‘дебели’, ‘квир’, ‘со попречености’, често се третираат како невалидни, одвратни, нездрави – а тоа не е биолошки факт, туку културен суд.“ Оттука, моќта, во денешно време највлијателно алоцирана во корпоративниот капитал и артикулирана преку социјалните медиуми, не те присилува на ништо. Моќта те учи дека тоа е нешто кое треба да го сакаш. Нешто кое те заштитува и ти нуди пристап до светот.
И навистина е така. Вистина е дека ако си слаба и постоиш во рамката на телесните идеали за убавина си подобро третирана од општеството. Вистина е декa поверојатно е послабата кандидатка да го добие работното место, особено ако работодавецот е маж. Дека заедно со тежината, расте и ризикот жените да не добијат соодветна здравствена нега кога одат на доктор. Заради ова, рестриктивната исхрана не е само неинформирано експериментирање со подмолноста на wellness индустријата, туку многу често вистински обид да учествуваме во свет во чие создавање сме биле системски исклучени. Она што wellness индустријата го апсорбира е патријархалното диктирање на стандардите, само за да ни ги продаде сопствените недостатоци во форма на контролирани тактики за самоусовршување – кои самите треба да ги купиме со ниските плати.
Но кога ги дискутираме овие распространети вистини за телесноста, клучна е позицијата од која тргнуваме. Ако си бела жена која живее и функционира во општество каде храната е достапна и релативно безбедна за конзумирање, бидувањето слаба ти носи извесна привилегија и безбедност. Во ваков контекст, исхраната престанува да биде првенствено егзистенцијално прашање, односно повеќе тежнее кон достигнување естетски идеали. Заради тоа – иако сега постојат докази што го потврдуваат спротивното – историски се верувало дека пореметувањата во исхраната претежно ги погодувале слабите, бели, привилегирани девојки. Ова е познато како SWAG (skinny, white, affluent girl) стереотипот [1] и сè уште влијае врз тоа како се проценуваат, превенираат и третираат пореметувањата во исхраната и кои модели се користат за објаснување на причинителите.
Па така, за разлика од оние кои не страдаат од ограничен и нестабилен пристап до храна, жените изложени на глад имаат драстично поразличен однос со јадењето затоа што контролата што треба да ја извршат врз нивните порции е чисто егзистенцијална. Според истражување од 2020 [2], жените кои се соочуваат со глад најчесто развиваат циклично пореметување на исхраната – долги периоди на рестрикција, по кои следи прејадување. Овој ритам, којшто ја одигрува траумата на преживување кога храната е конечно достапна, често резултира со пореметувања како binge eating и булимија. Во овој случај контролата не се манифестира како интернализирана рестрикција затоа што рестриктивната контрола веќе им била екстерно наметната. Но, бидејќи отстапуваат од SWAG стереотипот, овие жени не се вклучени во дијагностичките модели, ниту во истражувањата. Тие не одговараат на визуелната шема на нарушена исхрана, па симптомите им се маргинализирани или целосно погрешно интерпретирани.
Во вакви случаи, и покрај тоа што нашиот однос со исхраната го доживуваме како личен и го третираме така, системските насилства низ историјата потсетуваат дека траумата со храната е често политички нанесена. Опсадите и изгладнувањето на народите не предизвикуваат само физичка глад, туку и длабока психичка траума поврзана со храната, која се шири и надвор од гладта на жртвите. Така, за време на тековниот геноцид во Газа [3], во Западниот Брег и Источен Ерусалим, психолози забележуваат пораст на нарушувања во исхраната – особено кај младите – каде што јадењето станува начин на справување со траумата, стравот и немоќта. Овие нарушувања не се мотивирани од потрагата по некаков естетски идеал, туку од континуиран стрес, загуба и несигурност околу пристапот до храна.
Во политички услови, каде што гладот е експлицитно инструментализиран, кога деца се убивани дури чекаат храна, зборувањето за „здрав однос со исхраната“ во било каков контекст, не само во рамките на wellness, не е само наивно, туку и сурово. Не можеш да „слушаш што ти бара телото“ кога живееш во сиромаштија или колонизаторско насилство. Не можеш да „јадеш интуитивно“ ако секој оброк ти е пресметка – не само калориска, туку и финансиска.
И покрај тоа што личниот однос со исхраната е пресек на културолошки, класни и родови перспективи, тој сепак се гради најчесто со најблиските и во кругот на семејството: манџите на бабите, коцките зеленчук во салатите и шокот дека не сите семејства јадат толку солено како и ние. Се сеќавам на прејадувањата на село кај баба ми, малите порции кои ми ги сервирала мајка ми кога се здебелив и посебниот режим на исхрана за дијабетичари на татко ми како поука да не јадам благо. До денес, со себе си носам долга листа на правила кои всушност не се мои. На пример, никогаш не фрлам јадење, за жал, до самиот крај, а можеби и ден предоцна. Не е некоја стекната навика која произлегла од етичка заложба, туку нешто коешто рефлексно го знам – дека утре можеби нема да имам пари пак да си го купам.
Кога си ги бројам дневните оброци, мојата наследена дисциплинираност во однос на парите и сликите на мајка ми каде носи број 34 фармерки на моја возраст, за жал, се честопати релативно посилни од сите теоретски феминистички дела на кои ме изложила со тоа што ми платила школување. Особено кога wellness културата ненаметливо ми морализира дека мојот телесен проект е само мој. Има нешто морбидно успокојувачки во тоа дека во свет пред колапс од климатска катастрофа и геноциди постои катче во кое имаме холистичка команда врз начинот на кој се храниме и изгледаме. Ова доаѓа како резултат на стеснетиот политички простор во кој би можеле да бидеме активни чинители во светот: да одлучуваме колку всушност чини овошјето и зеленчикот, каква ни е почвата во која се одгледува јадењето и уште колку луѓе треба да бидат жртви на некрозниот систем во кој живееме. Жените во моето семејство честопати ми кажуваат дека југословенскиот систем во кој пораснале е главно заслужен за, меѓудругото, и нивниот здрав однос со храната, па затоа тогаш немало „дебели жени како сега“. Според моите, идеалот за социјалистичката супер-жена [4] скован во Југославија нема естетска компонента, „само еманципаторска’’. Можеби сме пораснале во два различни света, ама нѐ поврзува истата трансгенерациска баба рога – дебелината.
Wellness културата всушност ја препакува добро-познатата патријархална тенденција женското делување да се затвора во доменот на личното. Заради амортизирачките неолиберални политики на капитализмот, здравата исхрана веќе нема отворен мегдан со дебелината, туку е во поход да нѐ спаси од нездравата исхрана. На овој начин, не нѐ врзува само со тековните стандарди за убавина, туку нѐ преокупира со самите себеси; нашето „холистичко битие“ станува терен за континуирано и компулсивно подобрување. Најчесто ова подобрување не останува само во областа на исхраната, туку вклучува и теретани, 10,000 чекори, протеински прашоци и мноштво други превентивни навики. Ваквиот распоред кој целосно нѐ централизира е најчесто комплетно отсечен од нашето секојдневие: нема слух за нашата инфраструктура, нема обѕир за платите кои ги земаме или стресот низ кој проаѓаме. Обрачот на неговиот интерес прави остар пресек со плиток радиус околу нас и ги приватизира сите системски трауми кои нѐ допираат. Со ова, ни ја поместува точката на фокус кон најдостапниот терен за изнаоѓање решенија – самите себе.
Кога учествуваме во овие обреди, вистинскиот мал автономен отпор би бил да се запрашаме дали имаме воопшто избор? Јас мислам да. Можеби она што треба да почнеме да го броиме се саатите што ги посветуваме на нашите оптимизирачки проекти и да ставиме на вага колку тоа го чини нашиот потенцијал – не индивидуален, туку како колектив.
Ако ја сведеме исхраната на ниво на гориво, како што претендира wellness, тогаш тоа би значело дека го исклучуваме елементот на заедништво. Да седнеш на маса со некого значи да прифатиш дел од нивната глад, нивната грижа и секојдневие. Во оваа колективна компонента и ја лоцирам причината зошто wellness културата се перципира како можност за преземање на контрола врз сопствениот живот, најчесто од жените. Во општество каде жените готват, а мажите и децата јадат, wellness ветува дека конечно можеш да готвиш за себе, да јадеш за себе, да донесуваш одлуки самостојно.
Среде пандемијата, почнав опсесивно да се грижам за себе. Како и многумина, се фаќав на сламки за контрола и од страв инсистирав на тоа да сум здрава. Арно ама, една година откако коронавирусот почна да се шири, ја напуштив улогата на млад и неризичен сведок на пандемијата и доживеав смрт во семејството. Татко ми почина, а компликациите со дијабетесот беа клучни. Ваквата загуба ме натера да ја доживувам грижата за телото како прашање на живот или смрт. Си реков, ако веќе двократно си го ризикувам животот – со ковид инфекција и македонскиот здравствен систем – барем да се разболам спремна. Истовремено, се наоѓав во средина каде што немав чувство на автономија, со секојдневен стрес што ми го трошеше трпението и телото и решив дека треба да си создадам простор каде јас одлучувам барем за нешто. Така, трчањето и возењето велосипед – нешта што претходно ги сакав заради сосема различни причини – беа пренаменети во сламките за контрола. За сите околу мене бев доста убедлива дека нерестриктивно се грижам за себе и добивав пофалби. Бев во еуфорија од трчањето и контролата.
Секако, ваквата дисциплина не траеше предолго. Забраните не само што ми беа неодржливи на долг рок, туку и ми беа пречка да учествувам во реалноста на моето секојдневие, густо со траумата на загуба. Излезе дека храната не ми била потребна само за да преживеам, туку и да бидам присутна кога јадам во друштво, кога правам кифли со мајка ми или вечерам малку подоцна со моите, ако тоа значи дека нема да јадам сама. Излезе и дека не можев да го наттрчам ковидот, a и дека сите сламки за контрола и марули на светот нема да ја сменат тековната реалност на распаднатиот систем во светска пандемија. Ова не значи дека престанав да се грижам за себе, но значи дека си дадов дозвола да престанам да се опседнувам со здравјето, курирано од wellness културата. И секако да редефинирам што воопшто значи да јадам, дури илјадници умираат од инструментализиран глад.
Немам створено имунитет од пипците на wellness, а и сметам дека потрагата по морално чиста позиција е самото по себе уште една форма на надзор. Ама поретко јадам со грижа на совест. И трчам сè почесто од ќеф.
[1] Goeree, Hamman, & Izenberg, Eating Disorders in Marginalized Populations, 2020.
[2] Hazzard, V. M., Loth, K. A., Hooper, L., & Becker, C. B. (2020). Несигурност во обезбедување храна и пореметувања во исхраната: Преглед на новите докази. Извештаи за тековната психијатриска пракса, 22(12), 74. https://doi.org/10.1007/s11920-020-01200-0
[3] „Како осакатувањето на Газа преку глад влијае врз Палестинците на други места“, Al Jazeera, 2 ноември 2024. https://www.aljazeera.com/opinions/2024/11/2/how-israels-starvation-of-gaza-is-affecting-palestinians-elsewhere
[4] Isidora Јариќ, The Construction of Hegemonic Female Gender Roles in Serbian/Yugoslav Women’s Magazine Bazar, Sociološki pregled 47 (2013): 401‑437, цит. според анализа на Бојана Богдановиќ
Проектот Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, имплементиран од Коалиција Маргини, е поддржан преку поширокиот проект „Together for LGBTIQ+ Equality“, кој го води Центарот за граѓанско образование (CCE) во партнерство со ERA – Асоцијација за еднакви права на ЛГБТИ лицата во Западен Балкан и Турција, КвирЦрнаГора, Квир Центар Скопје, Тузла Отворен Центар, Open Mind Spectrum Albania, и Центарот за развој на општествени групи од Косово. Проектот е финансиран од Европската Унија.
The Project Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, implemented by Coalition Margins, is supported through the broader project “Together for LGBTIQ+ Equality,” led by the Centre for Civic Education (CCE) in partnership with ERA – LGBTI Equal Rights Association for the Western Balkans and Turkey, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, Open Mind Spectrum Albania, and the Center for Social Group Development from Kosovo. The project is funded by the European Union.
This publication was created as part of the project Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, implemented by Coalition Margins, supported through the broader programme “Together for LGBTIQ+ Equality,” led by the Centre for Civic Education (CCE/CGO) in partnership with ERA, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, OMSA, and the CSGD from Kosovo. The project is funded by the European Union. Its content is the sole responsibility of Coalition Margins, and it does not necessarily reflect the views of the European Union, nor the CCE/CGO and the project partners.