Како што сите знаеме, а бројни мимови нè потсетуваат, јануари трае една цела вечност, а мене тоа изобилие на време ме става во позиција на сонливо истражување на почетоците и краевите. Има нешто насилно во резот кој се обидуваме да го направиме некаде помеѓу една побудалена ноќ која вклучува одбројување и еден тивок и ранлив ден (кој се претвора во месец) и треба да донесе некакво ветување. Субјективно чувство? Едвај ја започнувам колумнава, па камоли годината.
Пред неколку години, среде јануари, се шетав низ град со сив облак и оваа мисла над главата. Сите празници беа зад нас, дедо ми кој ми беше и пријател и ментор самошто почина, а ветувањето на иднината беше голтнато од отровната магла која излегува од оџаците на фабриките кои го опкружуваат Скопје, а завршуваат во белите дробови на бебињата. Дистописка, но доста прецизна слика. Во една таква атмосфера, додека се прашував зошто не чувствувам налет на восклик својствен за било каков почеток, се сретнав со Марија, девојка која еднаш, ради сплет на околности, ми гледаше на тарот карти. Кога Марија ме праша како сум, не прибегнав кон културното и обезначено „добро“, туку ѝ објаснив дека се чувствувам целосно заглавено во простор-времето, ѝ раскажав за мојот неуспех да ја започнам годината со елан, енергија и подготвеност за тоа што доаѓа, туку едноставно дека тонам; и фактички – во креветот – и фигуративно – во параноични мисли. Марија ми кажа дека се чувствува слично, но дека чувството на заглавеност го поврзува со календарската дискрепанца помеѓу нас и нашите предци, па таа верува дека новата година всушност доаѓа по 13-ти јануари. Деновите помеѓу се ветар и магла.
Продолжив да се тетеравам некаде помеѓу Грегоријанскиот и Јулијанскиот календар, но во име на вторите шанси и наивната надеж за подобра јас и подобро утре, организирав прослава за „Стара нова година“. Денот потоа, нормално, се чувствував поприлично исто, но истовремено бев воодушевена од нашата способност да си подаваме снопови енергија едни на други – било да се преку верувања, ветувања, знаење, ритуали, прегратки, прослави, погреби или разговори. Кога не успеваш да се придвижиш веројатно некој ќе те фати за рака и ќе те повлече. Некои веруваат во религија, јас во пријатели и поезија, но како и да е, излегов од темно место и влегов во светло. Нагонот да се одложи почетокот на годината е можеби поврзан со потребата од контрола и илузијата дека ако се поставиме и подредиме на одреден начин, ќе го скротиме хаосот кој неизбежно го носи иднината. Но секое одложување во потрага по посоодветен почеток, претставува пропуштена шанса да бидеме присутни во единствената форма на живот која ја знае телото – сегашниот момент.
Кога другар ми Саше пред некоја недела ме праша како го дефинирам времето, не бев способна да одговорам. Како ли да му објаснам на физичар дека се чувствувам како одново и одново да го преживувам истиот ден, а преживувањето во голема мера се состои во напорот да се стане од кревет, повторно соочувајќи се со нови слики на надоаѓачката апокалипса: отрови, пожари, војни и милијардери кои прават наци-поздрави. „Што носи иднината?“, го прашав Саше со искрена љубопитност на пет годишно дете. Според една од теориите на физиката, ентропијата толку ќе се прошири, што едноставно ќе проголта сè и нема да постои ништо – лаички парафразирам.
Во вакво расположение ја дочекав веста за смртта на Дејвид Линч и уште следниот ден франатично почнав да го прегледувам неговиот опус. Зад кафињата, пејзажите, ситните муабети, флертот и музиката, вирее хоророт. Но поставување на хоророт во сржта на животот, блескавото сино небо и вибрантната младалачка љубов, не ги обезвредува, проголтува или исмејуваа овие дарови. Напротив. Приказните кои ни ги раскажува Линч нè соочуваат со милионите лица на човековото зло, но и со бесконечниот капацитет на луѓето да избираат да чувствуваат и да се борат за она во што веруваат – ако се навистина диви во срцето. Сè ова, како на платното, така и во животот се случува симултано. Преминувањето на Линч токму овој месец имаше поетски моментум, соодветен за човек кој беше поборник за транседенталност како автентична форма на среќа. Неговото повеќеслојно претставување на постоењето покажува дека задоволството и убавината не нè одделуваат од состојбата на светот – туку токму тие се светот.
„Сè мора да застане“, пишуваше на едно од платната кои ги вивнаа студентите во Србија месецов и ја кренаа цела земја на нозе. Бранови енергија ги прелеваат измислените граници ширум светот. А во неделата, во очи на неправедноста, негрижата и алчноста на овој систем, и ние, илјадиници во Скопје, најдовме сила да бараме правда на улиците заедно. Три минути молк пред Собрание кои траеја цела вечност. Понекогаш болката е толку силна, што времето престанува да тече на начин на којшто би нè поучиле законите на физиката. Ако иднината навистина го носи големото ништо, тогаш вреди ли да се прави било што денес? Одговорот до кој одново доаѓа човекот, изгледа, е да. Мислам дека беше Алберт Ками кој кажа дека вложувањето во иднина е всушност нашата подаденост и присутност во сегашноста. Ефемерноста на нашето искуство го прави животот вреден за живеење. Борбата за воздух и вода, слобода и правда, сакале или не, е нашата моментална реалност и итна одговорност. Можеби бавниот, темен и, на моменти, мизерен јануари постои само за да ни даде можност(и) да поспиеме и сонуваме, да поплачеме и потоа емотивно да се организираме за во очи на хоророт да се бориме за животот и да ја видиме убавината во светот денес. Годината секако започна.