Во патријархалното хетеронормативно општество, мажите и жените се гледаат преку бинарни родови улоги, а со тоа и сексот е претставен дихотомно. Мажот е активен, а жената е пасивна. Жената дава, а мажот зема. Мажот е фраер ако има повеќе сексуални партнерки, жената со исто толку сексуални партнери е курва.
Сексуалното задоволство се гледа како нешто исклучиво својствено за мажите. Сите сме слушнале лоши вицеви за тоа како жените го „избегнуваат“ сексот поради главоболки, а женското сексуално задоволство е нешто што ретко се споменува. Некој би помислил дека жените дури и не уживаат во сексот, туку дека нивно е само да ја исполнат брачната должност или биолошката обврска.
Кому припаѓа женската сексуалност?
„Дали концептот дека жените имаат избор отиде предалеку? Го составивме овој разновиден панел од бели мажи во лептир-машни за да зборуваме за абортусот“, е почетокот на една сцена од сатиричната серија Bojack Horseman, каде водителот најавува емисија за абортус. Епизодата трагикомично ги прикажува сцените од денешницата во која контролата врз жените е сè уште актуелна тема. „Мирољубивото“ движење „Прошетка за живот“ е активно во Хрватска од 2016 година, а изминативе две години протести (чија цел е криминализирање на абортусот) се одржаа во 12 градови. Полска значително ги заостри законите за абортус, а како резултат на тоа починаа најмалку 2 жени. И американскиот суд го поништи 50-годишниот закон Роу против Вејд, кој им гарантираше на жените пристап до безбеден абортус.
Жените можат да забременат еднаш годишно, а мажите можат да оплодат стотици жени годишно. Сепак, општеството не се обидува да ги контролира мажите, да им продава апчиња за контрацепција (поради несаканите ефекти) или да ги праќа на вазектомија. Стапката на абортус не се обидуваме да ја намалиме преку сексуално образование, туку со контролирање на жените.
Законите не се единствениот начин низ кој се прават обиди за се контролираат жените. Понекогаш обичаите имаат превласт над правото. Инспекцијата на чаршафите по првата брачна ноќ сè уште се практикува во некои области. Наводно, крвта на чаршафот укажува на тоа дека жената била невина и дека во новиот дом влегла „чиста“, што, според овој обичај, е за пофалба. Она што многу луѓе, поради недостатокот на сексуално образование и стигмата околу него, не го знаат, е дека жената всушност не мора да прокрвави по првиот однос (а веројатно и нема да крвави ако има доволна лубрикација), хименот не мора да пукне, а поголема количина крв обично е знак дека нешто не е во ред.
Проверките за да се види дали жената е „чиста“ исто така се вршат на различни начини. Во март годинава, Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора објави текст во кој информира дека некои лекари прават „тестови за невиност“ и хименопластика, и покрај тоа што тоа е забрането во многу земји и оваа практика ги загрозува девојчињата и жените.
Во некои делови на Црна Гора, родителите еднаш месечно ги носат девојчињата на лекар на „преглед на невиност“. Тестот за невиност е практика која се смета за форма на насилство врз жените, со која се прави обид да се утврди дали девојче, девојка или жена имала предбрачен секс. Тестот за невиност најчесто се прави со вметнување прсти во вагината, по што семејството се информира дали го „положила“ тестот. Понекогаш се издава и потврда за невиност.
Хименопластиката или реконструкција на химен директно се промовира во балканските приватни клиники, а една од нив на својата веб-страница пишува дека „со оваа операција жената го потиснува чувството на вина“. Не постојат оправдани медицински причини за да се врши хименопластика.
Дали жените навистина помалку сакаат секс?
Во хетеросексуалните врски жените обично пријавуваат помала желба за секс, но и покрај теоријата за сексуална економија и мислењата на многумина кои застапуваат слични ставови, причините за тоа не се пронајдени во „природата“ или „биологијата“. [1] Како и обично, причините се многу покомплицирана комбинација на општествени фактори, почнувајќи од хетеронормативноста. Хетеронормативноста претставува бинарен сет на верувања и однесувања врзани за родот и сексуалноста, при што се верува дека жените се „спротивни“ на мажите, што промовира стари родови очекувања и улоги во сите сфери на животот, вклучувајќи ги односите, врските и сексот.
Во една неодамнешна студија, „Теорија за хетеронормативноста на ниската сексуална желба“, наведени се четири клучни фактори за потисната сексуална желба кај жените, и тоа:
- Нерамномерна поделба на трудот во домаќинството;
- Замаглување на улогите на мајка и партнерка;
- Објективизација на жените;
- Родови норми поврзани со тоа кој треба да биде иницијатор на сексот.
Во истражувањето се фокусирале на првите две и ја потврдиле хипотезата дека нееднаквата распределба на домашните обврски предвидува ниска сексуална желба кај жените. Жените кои се занимаваат со домашна работа многу повеќе од своите партнери (а тоа е особено случај кај партнерите со деца), ги доживуваат партнерите како зависни од нив за одржување и функционирање на домаќинството. Поради ова, доаѓа до замаглување на улогите на мајка и партнерка, а како резултат на тоа се намалува сексуалната желба кај жените. Кога товарот од домашната работа паѓа само на нив, а потоа обично и сите ментални и емоционални оптоварувања во врската, не е невообичаено жените да се чувствуваат како да ја преземаат улогата на мајка на својот партнер.
Објектификацијата на жената е сеприсутно оружје што се користи во медиумите и во секојдневниот живот и постепено може да се интернализира и да доведе до самообјектификација. Самообјектификацијата значи дека, под толкав притисок, жените почнуваат да се гледаат себеси како предмет за машко задоволство, одвојувајќи се од своите желби и размислувајќи како и дали ги исполнуваат потребите на другите, но не и своите. Ова обично води до прекумерна грижа и размислување за своето тело, што има психолошки последици, а со тоа и ризици по менталното здравје.
Така, жените се соочуваат со очекувања кои често се фокусираат на машкото задоволство, а не на нивното. Оргазмот не е показател на добра врска, но постојаниот недостаток на оргазам укажува на некои работи и во овој случај – уште подлабоко нè води кон тоа да не им даваме приоритет на потребите на жените поради митот дека жените не се сексуални суштества.
Јаз во оргазмите
Во Античка Грција се верувало дека жената мора да доживее оргазам за да забремени. Истиот Хипократ, кој ги постави темелите на мизогината теорија за хистеријата кај жените, верувал оти жената мора да достигне кулминација ако сака да забремени. Денес знаеме дека оргазмот не е неопходен за зачнување, а драстичната разлика помеѓу оргазмите кај мажите и жените често се припишува на „комплексноста на женското тело“.
Терминот „јаз во оргазмот“ (англ. orgasm gap) најчесто се користи за да се опише значајната разлика помеѓу фреквенцијата на женските и машките оргазми. Таквата разлика е видлива само во хетеросексуалните врски, додека кај останатите случајот е различен:
- хетеросексуални мажи 95%;
- геј-мажи 89%;
- бисексуални мажи 89%;
- лезбејки 86%;
- бисексуални жени 66%;
- стрејт жени 65%
(процент на поединци кои доживуваат оргазам за време на сексуалниот однос)
Од друга страна, кога жените мастурбираат, за неколку минути достигнуваат оргазам. Значи, проблемот не е во тоа што женското тело е „премногу сложено“, туку веројатно е комбинација од културни притисоци, очекувања и верувања, како што се неприоретизирање на женското задоволство, но и тесен поглед на сексуалните односи.
Сексот не е само пенетрација
Можеби најочигледниот пример за тоа колку тесно се гледа на сексот е познатото прашање кое им се поставува на лезбејките: „А вие како имате секс?“ бидејќи идејата за секс обично се сведува само на пенетрација.
Само околу 18% од жените можат да доживеат оргазам исклучиво од пенетрација, па затоа е неопходна стимулација на клиторисот. Истражувањето од 2013 година спроведено од едукаторката по сексуалност и гинекологија Шери Винстон потврдува дека познавањето на женската анатомија е ниско – 43% од мажите не знаат ни да го именуваат клиторисот. [2]
Истото истражување покажува дека проблемот не е само кај мажите, што потврдува дека 29% од студентките не можат правилно да ја именуваат вулвата. Авторката на студијата вели дека тоа не е невообичаено со оглед на тоа колку женската сексуалност е историски игнорирана: „Пред 50 години, поради репресивната култура околу женската сексуалност, многу жени не ни знаеле дека имаат клиторис. Како мажите требало да ‘пронајдат’ нешто што малкумина знаеле дека постои?“
Не само што тогаш не се знаело многу за клиторисот, туку и денес недостасуваат доволно информации. На пример, дури на крајот на 90-тите дознавме како всушност изгледа клиторисот, а неодамна ни беше посочено оти е мит дека клиторисот има околу 8 000 нервни завршетоци. Митот дека постои оргазам кој не е клиторичен неодамна е отфрлен. Покрај надворешниот видлив дел, клиторисот содржи и поголем внатрешен дел. На изглед всушност е сличен на пенисот, само што поголемиот дел од клиторисот не се гледа, односно не е издаден нанадвор.
Дали и како може да се стимулира внатрешниот дел на клиторисот е различно од личност до личност. Општо земено, внатрешниот дел на клиторисот не е толку чувствителен како надворешниот, но и двата дела се направени од еректилно ткиво кое отекува од прилив на крв во текот на возбудувањето. Тоа значи дека „вагиналниот оргазам“ всушност е клиторичен оргазам бидејќи внатрешниот дел од клиторисот е стимулиран.
Зошто жените глумат оргазам?
67% од стрејт жените признале дека повремено глумат оргазам. Психотерапевтката Андреа Ненадиќ смета дека во коренот на сè е патријархатот. Жените не сакаат да го повредат партнерот, а понекогаш дури и не знаат како да ги вербализираат своите потреби. Таа додава:
Ние жените не знаеме што сакаме бидејќи не сме имале можност да го истражиме тоа. Во случај кога знаеме што сакаме, решаваме да не го побараме тоа за себе, за да не нè сметаат за комплицирани, напорни, луди. Особено кога станува збор за сексуалноста, ако дадеме до знаење што е тоа што ни се допаѓа и ни треба, тоа ќе значи дека сме искусни и дека сме имале многу партнери. Општествениот притисок сè уште нè притиска да ги задоволиме мажите, а мажите ги задоволуваме со тоа што се приспособуваме на нивните потреби.
Таа го нагласува и присуството на срам, што дополнително ја отежнува комуникацијата на потребите со партнерот. Понатаму, многу жени сè уште се срамат да ги користат точните термини за своите гениталии. Истражувањето на д-р Деби Хербеник покажа дека кај жените кои се чувствуваат послободно да разговараат со своите партнери за нивните сексуални желби и кои се чувствуваат слободни да ги користат точните термини за нивната анатомија, помала е веројатноста да одглумат оргазам. Покрај тоа, овие жени пријавуваат поголемо сексуално задоволство. Ова потврдува дека релевантното образование и изложеноста на средини кои ги поттикнуваат феминистичките вредности се клучни за позадоволителен сексуален живот.
Машкиот поглед (англ. male gaze) е концепт од феминистичката теорија воведен од теоретичарката на филм Лора Малви. Таа се фокусира на застапеноста на жените во филмот и заклучува дека жените се претставени на начин кој им импонира на мажите и ги сексуализира жените. Така, во филмовите, женскиот лик обично има две функции: да биде еротски објект за машките ликови во филмот и еротски објект за мажите кои гледаат. Како што обично се случува, медиумите се огледало на реалноста и обратно. Дури и во секојдневниот живот, го прифаќаме и го интернализираме машкиот поглед, што понекогаш води до самообјектификација. Истото се рефлектира и врз женската сексуалност, па жената се грижи дали изгледа добро во кревет со партнерот, како да се гледа себеси, или како што Маргарет Атвуд попоетично кажа: „Ти си жена со маж внатре кој гледа жена. Ти си сама свој воајер“.
Оваа тесноградост, каде женската сексуалност се учи и истражува според машки принципи или се набљудува исклучиво преку биолошката улога, дополнително влијае на тоа жените да не ги вербализираат своите чувства и потреби, а понекогаш и да не си ги признаваат ниту самите себеси. „Не сакаме да бидеме тешки, да бараме многу и затоа ни е полесно да глумиме оргазам. Полесно ни е да се одречеме отколку да направиме мажот да се чувствува неадекватен на кој било начин“, заклучува психотерапевтката Андреа Ненадиќ.
Глумењето оргазам има негативно влијание врз сексуалното задоволство на жените. Тесноградите идеи за женската сексуалност им штетат на сите, особено на жените кои се ограничени од тие норми и чии сексуални потреби се игнорираат и бришат, кои се плашат да истражуваат или вербализираат сè што е поврзано со нивната сексуалност. Деконструкцијата на ваквите митови значи дека треба да се преиспитаат сите теории за сексуалната економија кои се потпираат на предрасудата дека жените „природно“ помалку уживаат во сексот, но и да понудат релевантно сексуално образование (што формално, што неформално) кое не ги прикажува жените како „објекти“ за машко задоволство. И покрај тоа, неопходно е да се практикува она што обично им паѓа најтешко на луѓето – треба да ги слушнат жените.
[1] Сознанијата во текстот делумно се темелат врз книгата Why Women Have Better Sex Under Socialism: And Other Arguments for Economic Independence (2020) од Кристен Годси.
[2] Volck W. (et al.). (2013). “Gynecologic knowledge is low in college men and women”. J Pediatr Adolesc Gynecol. 26(3), pp.161-6.
Превод од српски јазик: Лени Фрчкоска
Текстот е објавен во нашата печата публикација „Без здив“ (2024).
Нина Павичевиќ има завршено медиумски студии во Словенија. Креаторка е на инстаграм-платформата „Критички“ (@kriticki), каде што упорно сака да повторува „žena ženi nije vuk“.