На 35 годишнината од независноста на Македонија, време е да погледнеме околу нас и да се соочиме со фактот дека не само што не сме напреднале, туку речиси во секој поглед Македонија пропаѓа. Па така, од земјоделска земја која горе-долу била независна во производство на храна за своето население, истата станува отпадна колонија на трулиот капитализам кој (делумно) сами си го накалемивме.
Што (ни) значи слободата?
Преминот од социјализам во капитализам, а не во пазарна економија, со себе донесе многу промени како во формалното организирање, така и во интимното секојдневие. Авторката Леа Ипи во својата книга „Слобода“ (преведена на македонски од Калина Малеска во издание на Или-Или) многу сликовито ја опишува транзицијата од социјалистичко во капиталистичко општество во Албанија, преку личните приказни поврзани со поимот и чувствата околу слободата. Што значи слобода за едно дете, кое речиси во секој момент може да прави што сака, на пример, да оди со друштвото низ маало, кај соседите на слатко или да го избере патот од школо до дома? Авторката објаснува дека слободата ја чувствувала како и сите други, како слобода да се избере од дадените можности. Возрасните пак, во истата книга, патат од неовозможените избори, но сепак наоѓаат смисла, интерес, достоинство, па и досада, во понудените можности. Како што раскажува Ипи, транзицијата кон капиталистичко општество не донесе слобода за сите. Напротив. Одзема одредени слободи за голем број на луѓе и донесе други слободи за мал број на луѓе. Таа транзиција или промена уништи многу животи и донесе многу поделби. Интересно е што и во нашиот случај, таа преобразба беше дочекана како чекор кон слобода и независност. Идејата за слобода и независност и што тие концепти значат за секојдневниот живот останува значајно прашање со кое треба да се занимаваме. Дали независноста донесе повеќе слобода? Секако, новиот систем донесе одредена слобода (на пример слобода да избереме помеѓу 20 вида детергент), но не и слобода да живееме надвор од влијанието на партискиот режим во сите домени на постоењето.
Капитализмот, не само пазарната економија, во Македонија се јави во нова форма под закана од војна по распадот на Југославија, со помош на предаторските пакети на приватните компании Светска Банка и ММФ кои уништија сѐ што беше градено со заеднички напор и на грбот на солидарноста. Сето тоа беше помогнато и фино спакувано од домашните „политичари“ кои како гусанос, квислинзи, компрадорес, упорно го продаваат сопствениот народ, природа, почва, вода и воздух за интересите на „меѓународната заедница“, односно капиталот, претставувајќи мафија. А преку тој процес се уништи и општественото ткиво – чувството за заедништво, за споделена иднина, заеднички простори, ресурси и институции, за заеднички живот. Ова не беше уникатен процес само во Македонија, туку дел од „глобализацијата“ како што ја објаснува Дејвид Харви во „Кратка историја на неолиберализмот“ (2005). Според Харви, неолиберализмот всушност претставува нов колонијализам, но наместо со армија, овој пат корпорациите и експертите ги спроведуваат своите цели директно, без војска. Дерегулацијата на закони во корист на приватни интернационални корпорации ја прави независна експлоатацијата на планетата. Таканаречениот отворениот пазар овозможува слобода на движење на стоки, но не и на луѓето. Во пракса, неолиберализмот го враќа светот во односи слични на оние од 19тиот век со империи и колонии.
Во Македонија, токму поради овие глобални и локални политики, секоја година, животот се влошува во секој домен: образование, здравство, квалитет на храна, вода, воздух, и почва; сигурност на инфраструктура и градба, урбано планирање, домување, заштита од катастрофи и непогоди, загадување, работнички права, пензионирање, квалитет на живот, климатска стабилност, едноставност при растење деца, грижа за стари лица и листата уште трае… Просто не постои еден домен од нашите животи што не бил загрозен во текот на овие 35 години капиталистичка окупација.
За каква независност зборуваме кога Македонија сѐ повеќе зависи од увоз на храна, а наскоро истото ќе се случи и со водата ако не ја спречиме изградбата на дата центри. Цените на секојдневието зависат од светската берза. Најмалку 500 000 илјади луѓе се иселиле од Македонија во последните 30 години. Да не знаевме дека сме слободни и независни ќе мислевме дека некој присилно нѐ брка.
Како изгледа колонијализмот денес?
Франц Фанон во „Проклетите на Земјата“ (1961) опишува како економијата на колонизираната земја се организира според потребите на колонијалниот центар, а не според потребите на локалното население.Ресурсите, земјата и трудот се насочени кон производство за западниот пазар: колонијата извезува суровини и производи, додека преработените и поскапите производи повторно ги увезува. Така, дури и кога локалната економија произведува вредност, таа не мора да останува во земјата ниту да придонесува за подобрување на животот на населението. Ова производство се одвива на плантажи во кои не важат регуларните закони на државата, па така луѓето може дополнително да се експлоатираат, нешто слично на денешните ТИРЗ-ови (технолошко-индустриски развојни зони), пришто државата се обидува да привлече странски капитал, нудејќи му поволни услови за производство и извоз.
Како што објаснува Келер Истерлинг во „Екстрадржавност“ (2014) денешните „посебни економски зони“ претставуваат легална црна дупка во законскиот систем на една држава со цел да се заобиколат законите за работни односи, заштита на околината и економски прописи. Слично како и во 19-тиот век, така и денес, цел состав на локални политичари се вклопуваат во експлоататорската класа на окупаторот и ги спроведуваат нивните интереси на штета на својот народ. Обичните луѓе немаат многу избор во начинот на кој се владеани, законите и нивното спроведување. Владее правото на најсилниот, а тој како во историјата, така и денес, е најчесто белец од Запад со оружје.
Во Македонија, како и во повеќето други земји од неврзаниот Трет Свет, бившите колонии, по револуционерните социјалистички промени, системот на глобализацијата нѐ врати назад кон зависна економија. Па така, ние регресираме кон колонијалниот статус што сме го имале пред 20-тиот век. Една од најголемите критики на социјализмот беше дека партијата контролира сѐ, па затоа со плурализмот се очекуваше слобода особено во економските и работни односи. За жал, плурализмот не донесе таква слобода. Иако имаме дузина партии, тие сите имаат малтене иста политика: капиталистичка; притоа, им ставаат „сопки“ на независните за да не ја разнишаат рамнотежата.
Со промена на системот не добивме повеќе политичка слобода. Напротив, ние немаме директна демократија, туку клиентилистичка заробена држава. Кој е нашиот пратеник во собрание? Имаат ли канцеларија и телефонски број за поплаки од народот? Одлуките и законите се носат преку нетранспарентни „диловски“ зделки, скратени постапки и „лидерски средби”. Нестручноста и слепилото пред фактите цвета затоа што лојалноста кон мафијата се исплати. На државни позиции и до вработување се доаѓа исклучиво со партиска книшка и со мито за квизлинси-мафијашите на власт, а сите закони и правила се носат во корист на моќниците и олигарсите. Немаме механизам да се спроведе волјата на граѓаните дури ни на локално ниво. Кога луѓето ќе се соберат и некако ќе успеат да спречат некоја штета како рудник, МХЕЦ, или дата центар, централната власт кубе коси и бара заобиколување на таа волја за се спроведат интересите на странскиот капитал. Институциите кои треба да го штитат народот од експлоатација се оневозможени или им се одземени ингеренциите.
Дека Македонија моментално повеќе е колонија отколку независна држава зборува и фактот дека ние сме зависни за секојдневните нешта од странскиот капитал, или од партијата на власт. Немаме никаква планска економија, додека западните влади и корпорации си ја спроведуваат нивната. Немаме планиран развој на локално ниво, па Скопје како главен град нема ни Генерален урбанистички план. Нештата се оставени на стихиите на времето. Едноставно ни се оневозможи да си го замислиме и планираме животот по сопствена мерка. Скоро целото државно земјиште е во некоја смисла на продажба, практично немаме задршка кога станува збор за продавање и градење на државно земјиште, заштитени зони или, пак, паркови. Целиот градежен сектор е оставен на приватните градежници кои упорно бараат начини да се избегнат законите, па така, имаме градби во заштитен појас на Вардар, во заштитени шуми во Охрид и на многу други места што се коси со логиката, намалувајќи го станбениот стандард за приватно богатење.
Како да излеземе од оваа матрица?
Дискурсот на деколонизација веќе ни има дадено значајни дела за читање и за размислување. Недостатокот на грижа е идентификуван како суштински проблем денес. Вандана Шива во „Единство против 1%“ (2018) објаснува дека храната и грижата за животот околу нас е битка во постојан тек која го одржува светот наспроти експлоатацијата. Марија Миес и В. Шива во „Екофеминизам“ (1993) објаснуваат дека патријархалната поделба на трудот ја прави нееднаквоста и експлоатацијата на земјата неизбежна. Наоми Клајн во „Шок Доктрина“ (2007) објаснува како корпорациите ги користат кризите за да ги наметнат своите цели врз населението. Како што покажаа кризите во последните години (како онаа со Ковид), капитализмот просто не може да се справи со размерот на грижата која ни е потребна. Кризи предизвикани од капитализмот, или од реперкусиите на истиот, ќе има сѐ повеќе.
Здраво општество се гради со труд кој треба да биде насочен. Тој труд подразбира грижа за сѐ што нѐ опкружува: биодиверзитетот, животните, почвата, воздухот, другите околу нас, како и грижа за нас самите. Грижата е обратно од експлоатација; дотолку поважно, грижата и солидарноста се јавуваат како афективни состојби, а чувствата, барем засега, остануваат надвор од опсегот на капиталот, односно сѐ уште не можат да се колонизираат. Затоа треба слободно да чувствуваме, да се мобилизираме и да се опираме преку практикувањето грижа и солидарност кон живиот свет, да читаме книги и да разговараме со блиските за штетите предизвикани од спектакуларниот консумеризам, полн со заменливи тракатанци измислени да ни го одземат вниманието од секојдневието и да не направат помалку присутни за да ја воочиме алармантноста на живеењето.