Последните десетина дена сведочиме на вознемирувачки видеа и фотографии на кои непослушни граѓани, хулигани, рушат споменици, кршат излози на познати светски брендови, па дури и крадат храна од супермаркети. Навистина, вознемирувачки. Ова ли е таа младина на која треба да ѝ ја довериме иднината? На што личи ова уништување туѓ имот и приватни бизниси? Против кој 1% милијардери се бори оваа wokeмладина со кршењето излози? Па, некој се мачел цел живот да го отвори тој бутик на „Hermes“ и салонот на „Apple“ во центарот на Париз. Зад тоа стојат децении работа на брендот, милионски инвестиции и стотици преговарања и договори. А сега, едни нецивилизирани хулигани им го кршат излогот. Одвратно!
Активист за пример
Постои некоја интересна потреба да се задоволи одредена естетиката за тоа како треба да изгледа граѓанскиот активизам. Веројатно, минатото поминато под окупација и диктатура ни ја има искалемено оваа потреба, па и поголемиот број граѓански организации и личности кои себеси се нарекуваат активисти се спремни да влезат во таа естетска рамка, дури и без воопшто притисок или уцена од страна на власта. А тоа на елитата ѝ се допаѓа, па, често пати, ваквите невладини организации и „активисти“ се токму оние кои ќе бидат први на листата за поддршка кога ќе дојде ред општината да додели по некоја ситна пара, бесплатни простории или друга материјална помош за граѓанскиот сектор.
Ваквите активисти и организации, притоа, ќе добијат и јавни признанија и одредена промоција како соработници на општината, владата и/или институциите, а начинот на кој нивниот општествен придонес ќе се претстави и во медиумскиот простор ќе придонесе кон создавањето на таа естетика која треба да дефинира во јавниот дискурс што навистина значи да се биде активист. Впрочем, овие активисти и граѓански организации, мотивирани од материјалниот интерес, многу лесно преминуваат од активни застапници за одредено политички прашање во, просто, понудувачи на услуги за групата за која работат (Bloodgood & Tremblay-Boire, 2017, стр. 5). Оттука, во општества на послушност, како нашето, добрите, примерни активисти се луѓе кои се занимаваат со социјални, еколошки, хуманитарни, па и економски прашања, но само во рамките на она што е прифатливо за еден послушен и сервилен граѓанин.
Така, на пример, примерниот активист кој ѝ припаѓа на оваа естетска рамка, може да организира донаторски акции за бездомници, но не смее да зборува за ризикот од бездомништво на ЛГБТИ+ младите. Може да организира еколошки акции за чистење на паркови, но не треба да организира протести против УСЈЕ, ФЕНИ или РЕК. Примерниот активист треба да донира крв, да собира донации за болни деца, но не смее (премногу) да се организира против корупцијата во здравството и да повика на затворски казни за криминалните Министри и директорите на клиниките. Може да зборува, дури, и за родова еднаквост, но не треба премногу гласно да го промовира правото на абортус или, пак, да ја потенцира опасноста од религиските институции врз жените. Накусо, примерниот активист треба да биде активен граѓанин, да промовира солидарност и да важи за пример на добар човек кој им помага на своите сограѓани, но не смее да отиде предалеку и да се претвори во конкуренција на владетелите. Овој вид активист треба да ја почитува власта, како што послушниот син го почитува својот татко. Граѓански активизам – да, но спротивставување на татковството би значело непочит за оној кој се грижи за нас, граѓаните.
Од време на време, на послушниот син му се дозволува да го искаже својот револт кон таткото – дури и да организира по некој јавен собир – но, без да се претерува и сѐ додека на крајот сфати дека сепак таткото му мисли најдобро.
Непослушниот хулиган
Сите останати активисти и активни граѓани кои се осудуваат да се спротивстават на корупцијата, а не да бидат тивки сведоци на криминалното владеење, автоматски се дефинирани како хулигани. Ваквите активисти примарно се организираат граѓански и без страст за профит и моќ. Во ред, во секој од овие генерализации можеме да спориме дека карактеристиките кои ги припишувам за групата не се апсолутни и дека постојат исклучоци, но генералната вредност која ги води ваквите активисти, групи и организации е анти-елитистичка, анти-oлигархиска и, суштински, левичарска. Ова се активисти кои силно ќе веруваат дека времето на кралевите е одамна завршено и дека јавните функционери во демократскиот систем не смеат да се богатат на грбот на граѓаните-р(о)або(ви)тници.
Идејата која овие активисти ќе ја промовираат ќе биде директно насочена против корупцијата, против системските фалинки кои се апсолутна одговорност на оние со најголема моќ, против криминалните групи и долгогодишната мафија која управува со државата во име на сопствениот профит, наместо управувањето да биде демократско и за интересите на народот. Токму ваквите активисти и нивната централна идеја веднаш ги вознемируваат олигарсите на власт и ја изреметуваат сликата за тоа како (треба да) изгледа еден активист. Овие луѓе, групи и организации во никој случај не се примерни активисти, а со тоа, стануваат непријатели на криминалната машинерија.
Во позадина, овие активисти се соочуваат со безброј закани, напади и уцени. На терен, нивните мирни протестни собири се нарушени од групи бандити кои власта (или мафијата) ги инфилтрира со цел да предизвикаат насилна атмосфера и во очите на јавноста да создадат основа за легитимно насилство од страна на полицијата и специјалните единици. Покрај тоа што секој читател, со сигурност е сведок на ваквата интеракција меѓу активистите и власта, науката, исто така, потврдува дека власта е спремна да се однесува непријателски, па и насилно кон активисти, групи и организации кои го предизвикуваат начинот на владеење (Roggeband & Krizsán, 2021, стр. 3).
Задачата на елитата и про-режимските и недемократски медиумски известувања е да ги претстават демонстрантите како хулигани, а владиниот апарат како строг татко кој мора некако да го одржи редот во државата и да ги казни хулиганите. Во оваа фаза, граѓанското движење почнува да согледува дека власта е одлучна во игнорирањето на барања од граѓаните и дека почнува да користи насилни механизми кои имаат две цели: (1) Да ги заплашат и испратат дома демонстрантите и (2) Да ја нагласат својата моќ и монополот врз механизмите за насилство и контрола.
Чие насилство е легитимно, а чие е нецивилизирано?
За да ги постигнат овие две цели, властите и полицијата која е само продолжена бездушна рака на властите, изминатиов период активно користат брутални, но прилично „цивилизирани“ методи на насилство. Од Бразил, преку Франција и Белгија, па сè до нашето соседство, во Србија и Албанија полицијата ги напаѓа граѓаните кои протестираат периодов со палки, со водни топови, со шок бомби, со солзавец и со гумени куршуми, а во Србија лани демонстрантите беа нападната и со звучен топ. Иако овие оружја важат за несмртоносни, истите носат сериозни последици по здравјето и животот на човекот, а во крајни случаи можат, сепак, и да усмртат.Меѓународната организација „Лекари за човекови права“ предупредува дека ваквите оружја нанесуваат сериозни и трајни повреди и инвалидитет, нарекувајќи ги „смртоносни оружја под маска“. На пример, во Франција, полицијата ослепе едно 16 годишно девојче откако ја погоди со гумен куршум, а 15 годишно момче ја изгуби левата дланка откако полицијата го погоди со светлосна граната. Огромен број демонстранти, вклучително и деца кои се наоѓаа на овие протести, беа бесправно приведени и без придружба на старател. Стотици луѓе се сериозно повредени од страна на полицијата, само затоа што излегле да го практикуваат своето граѓанско право на протест и да побараат одговорност и некриминално работење од функционерите.
Во атмосфера на засилени тензии, немање слух од страна на властите и брутално полициско однесување кон граѓаните, насилството станува општа и неизбежна појава на овие протести. Тука настанува моментот на дилема за самото граѓанско движење – дали ќе се повлече и ќе избегне понатамошни насилни судири со несразмерно помоќната власт или, пак, ќе продолжи да се бори со надеж дека со добра заедничка стратегија ќе успее да ги исполни своите барања и цели. Државата има професионална механизација за насилно дејствување, а граѓаните, најчесто, имаат само камења и сопственото тело да се одбранат и да возвратат. Кога граѓаните нема да се повлечат и тензиите и насилството на улиците ќе продолжат да растат, медиумите имаат клучна улога во начинот на кој тоа насилство се претставува. Јазикот на медиумите ќе ја одреди нашата перцепција како надворешни набљудувачи – дали ќе ги категоризираме демонстрантите како нецивилизирани хулигани или ќе ја осудиме полицијата и власта за недемократското постапување, физичко насилство и убиства. На пример, воочете ја разликата меѓу овие две реченици:
„Насилни протести во Албанија – студентите бараат подобри услови на факултетите.“
„Полицијата ги нападна студентите кои протестираа со водени топови и гумени куршуми.“
И двете реченици можат да известуваат за истиот протест, но втората дава многу појасна слика за тоа кој ја има несразмерно поголемата моќ и сила во ситуацијата. Важно е да се забележи дека повеќе фактори влијаат врз тоа кој јазик медиумите го користат при известувањето за масовни протести, вклучително расниот и етнички идентитет на демонстрантите, но и идеолошката тенденција на новинарот и медиумот и политичкиот контекст во кој тие известуваат (Gause et al., 2023, стр. 16).
Постојано ми се врти во мисла еден фасцинантен феномен на перцепцијата која ја имаме за ‘оружјето’ кое се користи за време на вакви судири. Легитимно наспроти нелегитимно насилство. Цивилизирано наспроти нецивилизирано оружје. Несвесно ѝ се потчинуваме на од-нас-доделената (преку гласање) легитимност за користење насилство на една елита која управува со државата. Механизми како полиција, специјални единици и војска постојат – иако сметам дека нивното постоењето е доста спорно, ако сакаме да замислиме утопистичка иднина – но прашањето е дали, како и кога таа група луѓе ги користи механизмите на насилство и дали ние како гласачи и понатаму го одобруваме тоа. Оттука, легитимитетот за користење насилство на власта не смееме да го земеме здраво за готово. Напротив, мораме да се тргнеме од патријархалната идеја за безусловно почитување на таткото-владетел. Ние, како избирачи, имаме должност и право да го делегитимираме насилството на власта во околности на злоупотреба. Новите технологии за насилство, пак, како звучни топови, светлосни гранати, гумени куршуми и големи мажи опремени со соодветна заштитна облека и оклопи ги перцепираме како цивилизирано однесување. Наспроти тоа, сиромашните демонстранти, а особено ако со потемна боја на кожата, без никаква опрема и технологија, туку само со гајба коцки-калдрма ги доживуваме како нецивилизирани хулигани.
Запрашајте се, од каде доаѓа оваа перцепција? И, кој ја наметнува оваа идеја? Дополнително интригира и фактот што ‘нецивилизираните’ ги перцепираме и како пострашни и поопасни, а вистинската опасност е во рацете на оние ‘цивилизираните’. Од отпорот во Газа каде Палестинците единствено можат да се бранат со фрлање камења по тенковите на израелскиот окупатор, до народот во Албанија кој продолжува да ги штити своите природни ресурси од канџите на капиталистите, фрлањето камења како единствено оружје во самоодбраната е перцепирано како нецивилизирано однесување, додека убиствата и телесните повреди нанесени со вистински оружја од далечина ги перцепираме како легитимни, неопходни и сосема цивилизирани.
Сокршените излози, пак, ограбените продавници и оштетениот приватен имот не е ништо повеќе од бунт против истиот тој капиталистички и насилен систем кој во последните години значително го осиромаши народот ширум светот. Не постои никаква логична причина која треба да ве натера да покажете емпатија за „кутрите“ светски брендови чии излози беа оштетени за време на протестите, кога истите тие брендови се дел од глобалната мрежа на експлоатација на работничката класа, слабеење на локалната економска одржливост и обогатување на најмоќните.
Користена литература:
Bloodgood, E., & Tremblay-Boire, J. (2017). Does government funding depoliticize non-governmental organizations? Examining evidence from Europe. European Political Science Review, 9(3), 401–424. https://doi.org/10.1017/S1755773915000430
Gause, L., Moore, S. T., & Ostfeld, M. C. (2023). Anger, Fear, and the Racialization of News Media Coverage of Protest Activity. The Journal of Race, Ethnicity, and Politics, 8(3), 446–468. https://doi.org/10.1017/rep.2023.27
Roggeband, C., & Krizsán, A. (2021). The Selective Closure of Civic Space. Global Policy, 12(S5), 23–33. https://doi.org/10.1111/1758-5899.12973